Колумна

Видот на предизвиците го дефинира типот на владата што треба да се справува со нив

Повикот на Заев за „Влада за национален спас“ само три дена откако неговиот кабинет ја доби собраниската доверба, покажува дека таа тешко би се качила над сегашните 62 пратеници.

Но во ништо поповолна позиција не е ниту Мицкоски: по ригидниот однос кон измените на законите за државјанство и пописот, вчера Села му порача дека веќе нема гарантиран партнер за мнозинство и го стави еднакво далеку од бројката од 61 пратеник.
 
Во контекст на ланските избори, македонскиот партиски договор од јули 2020 „што и да е – Македонец премиер да е“ го оневозможи северно-македонското Собрание во март 2021 да произведе политичка влада со сериозно мнозинство подготвена за попис, за справување со економско-здравствената (пост-)пандемиска криза, за суштинско спроведување на Софискиот и Преспанскиот договор по дух и слово и за суштинско дејугословенизирање и декомунистицирање во институциите, а особено во безбедноста, одбраната и дипломатијата. Затоа и вознемирувањето ги покрена Пендаровски, Георгиевски, Бучковски, Петковски... во „Февруарски медиа-поход 2021“
 
Иако медиумите на македонски пробаа да ги игнорираат изјавите на претставници на Владата на Бугарија за бројот на издадени пасоши, малкумина уште лани, а годинава се повеќемина ја разбираа(т) пораката на бугарските власти дека најмалку седумдесетина илјади државјани на Македонија, побарувајќи пасош од Софија, декларирале нивна бугарска етничка припадност. И дека претстојниот попис или ќе ги покаже овие бројки – или ќе ја потврди нарацијата пред Европа дека тие се спречени да го декларираат своето етничко чувство.
 
Во неполни шест месеци, се случија две навидум неповрзани операции.
Во првата, натовска Софија се откажа „од услугите“ на „Бугарите по професија“ кои беа употребливи додека Скопје мислеше дека никој не ја гледа шемата „бугарски пасоши за Македонците за работење по светот, југословенска политика на антагонизирање меѓу Македонците и Албанците по дома, кон Бугарите надвор и лесковачка плескавица за „водњанската елита“.
Во втората операција, со неиздавањето сертификати за безбедносните и одбранбените претставници Натовски Брисел, а со неприфаќањето амбасадорски предлози и Вашингтон, го отворија прашањето на кадрите во одбраната, безбедноста и дипломатијата кои Скопје ги предлага. Притоа непријатноста не беше само во нивното предлагање, туку во инсистирањето на „Илинденска“ 2 и Вила „Водно“ на истите решенија и покрај јасното несертифицирање. Односно, го отвори прашањето чии кадри и за чии потреби тие кадри останувале предлози на Владата и претседателот на Републиката. И потврди дека Скопје не било сериозно во своето дејугословенизирање и декомунистицирање цели 3 децении.
 
Оттука и незаинтересираноста на Бугарија за предлозите за решавање на спорните прашања кои сега никнуваат „како печурки по дожд“, а се сведуваат на истото: нотирање на разликите, декларирање подготвеност за нивно решавање, но фактичко застапување на одлагање на суштинското применување на договореното.
 
Со тоа, Софија кажа дека 4 години од потпишувањето на Договорот за добрососедство, што заедно со Преспанскиот ја внесе Македонија во НАТО, во вакво Скопје веќе не препознава партнер што го почитува и спроведува договорот за добрососедство во неговиот дух. Но, уште побитно, ако во однос на Атина во спорот за името Брисел, Берлин, Париз, Загреб, Варшава... манифестираа макар вербално разбирање за македонските позиции во однос на спорот за името, тие сега едногласно молчат кон Скопје.
 
Со тоа, Македонците (и немакедонците) веќе не се перципирани во иста линија со Скопје. Бидејќи политички „Скопје“ од главен град преминува само во ознака на се поограничен простор на игра на партиите и медиумите што ги контролираат Македонците, а финансиите им ги подредува на потребите на нивните елити, но не и на нацијата. И така, парадоксално...

Изолацијата на Скопје ги ослободува и Македонците и целата нација
 
Ваквата состојба во која Заев е премиер за до Табановце, а Османи (но не и Димитров) е добродојден од Табановце нагоре, во која Шекеринска е доволна само за водич на Брнз низ Криволак, Пендаровски и Груби може само да си преместуваат хефталици и пенкала на бирото, а нивните помали коалициски партнери само да ги рециклираат изборните модели и кадрите низ јавните претпријатија – ваквата состојба ги испровоцира југо-македонските кадровски талози распределени во партиите и институциите јавно да се побунат за мракот во кој се оставени.
 
Некои од нив, удирајќи по германското неспротивставување на бугарските позиции околу историскиот спор, други потсетувајќи на британското неспротивставување на грчките позиции по спорот за името, трети мрморејќи по американската неблагодарност „за се што им учиниле“ во однос на српско-косовското прашање, четврти резигнирајќи се од холандското спротивставување на корупцијата во институциите. А сите заборавајќи го францускиот поздрав дека „во Македонија владејат десетина фамилии“, кој само им го најави општиот европски и евроатлански став кон официјално Скопје: дека Македонија ќе биде држава и покрај сите напори и постапки на нејзините „политичари“ и функционери таа да остане само територија.
 
Гледајќи ја неодржливоста на своите позиции, децата на скопските „пристојни“ семејства и оние придодадени кон нив од внатрешноста во 2015-16 полека сфаќаат дека тие беа незаменлива елита во „Поранешната југословенска Република Македонија“, но дека сега се временски надминат кадровски баласт на Нато-вската држава (Северна) Македонија.
 
Затоа, подостарените евро-натовски партиско-нво-медиа кадровски надежи и инвестиции бурно се спротивставуваат на секој што нуди визија и пракса што неминовно им ја нарушува „елитната хомеостаза“ што Македонија од внатре не ја помрдна економски, ресурсно, институционално, политички ниту за милиметар во однос на 1991. Туку Брисел и Вашингтон, преку соседите во 2021 полека ја одлепуваат од Белград. Ништејќи ѝ го југословенскиот менталитет, на задоволство на целиот регион. И на Македонците пред се.
 
Затоа, размислувајќи и национално и етнички, вака димензионираната Влада за „национален спас“ промовирана од Заев засега не личи на ништо друго освен...

Последниот обид да се задржат Македонците во пред-натовска состојба
 
Имено, пред да побара Влада на „национален спас“, Заев треба да објасни дека нацијата со Преспанскиот договор не е само македонска на Македонците, туку северно-македонска, на граѓаните од сите народи во Северна Македонија, вклучително македонскиот. На „младата нација“, како што тоа му го порача Коѕијас пред неполна година, фрлајќи ги во вода сите хартиено-легалистички толкувања за придавките на нацијата и институциите со кои Димитров глумеше „идентитетска одбрана“. И да одговори од што треба да ја спасува нацијата. Од спроведување на договореното и потпишаното?
 
Попрецизно, ваквиот дил што Заев му го нуди на (дел од) ВМРО-ДПМНЕ е понуда за етничка коалиција на партиите на Македонците (сосе нивните коалициони партнери од немнозинските заедници) наспроти Албанците. Со тоа, таквата проектирана Влада не би била за „национален спас“, туку за „превенција на нацијата“.
 
Ако пак наместо на Влада на „национален спас“ Заев мислел на Влада на „национално единство“, тогаш треба да објасни за кои предизвици го бара таквото единство. Во таков случај, легитимно е барањето поддршка на сите заедници и нивните пратеници.
 
Но, доколку бара Влада на „национално единство“, треба да објасни и на кои предизвици неговото штотуку потврдено владино мнозинство не е подготвено да одговори. И дека со тој чин лично сфатил и јавно соопштува дека веќе не е личност што може да ја предводи извршната власт бидејќи тој и неговите политики и кадри не обезбедува доволна поддршка за справување со предизвиците кои нараснале.
 
Оттука, следниот логички чекор е да го врати мандатот и од позиција на партиски лидер да го повика претседателот на Републиката мандатот да му биде доверен на друг што би создал мнозинство низ консултации за формирање експертска влада (што елиминира политичари од кабинетот) или за широка, концентрациона или Влада на национално единство како политичка влада бидејќи пред пар денови, со штотуку изгласаната доверба, се виде дека ни опозицијата нема потребно мнозинство за промена.
 
Обете варијанти него лично го елиминираат од премиерската позиција. Пред се бидејќи и во вториот мандат не обезбедува стабилна извршната власт и ефикасни институции, толку потребни и во однос на пописот и на решавањето на спорот со Бугарија и на надминувањето на тековната здравствено-економска криза во земјата.
 
А доколку Заев остане на овој штур и некомплетен став без да ги преземе горенаведените чекори – тоа ќе значи дека Владата за „национален спас“ е уште само еден негов вербален маневар со ограничен домет во четириаголникот на односи меѓу „Илинденска“ – „Бихаќка“ – „Мериот“ – „Плоштад ВМРО“.
Ивон Величковски, иницијатор на Движењето за нова република

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе