Стефан и Синодот ја предадоа автокефалноста

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

Во Македонија овие денови забрзано се уништува црковно-народниот и духовен идентитет на македонскиот народ преку уништувањето на Македонската православна црква како легитимна наследничка и продолжителка на континуитетот и традициите на Охридската автокефална архиепископија и Архиепископијата Јустинијана Прима.

Основата за квалификацијата „уништување“ се содржи во третата точка од соопштението од 9.мај 2022 година на Цариградската патријаршија, самопрогласена како наводна „Вселенска патријаршија“, која одлучи дека „се прима во канонско единство Црквата, на која и се признава името 'Охрид' (сфатена како регион на нејзина јурисдикција исклучиво во границите на територијата на државата Северна Македонија)... притоа исклучувајќи го терминот 'македонски' и која била друга изведенка на зборот 'Македонија'.“

Не за Македонија – да за Охридска архиепископија!

Со самиот наслов на својата статија од 9 мај 2022 година глобалниот црковно-информативен портал „Ортодокс тајмс“ не остава никакви дилеми која е суштината на одлуката на цариградскиот патријарх Вартоломеј: „Фанар: Да за признавањето, не за ‘Македонија’ за Охридската архиепископија“.

По „историската одлука“ на грчките фанариоти, олицетворени во Цариградската патријаршија, Архијерејскиот синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА) од седницата на 10 мај 2022 година му искажа „најсрдечна благодарност на Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх Вартоломеј за...прифаќањето со еклисиолошкото име, со што се обезбедува вековниот црковен континуитет.“ Архиерејскиот синод посветил „посебно внимание на ...конечниот автокефален статус на нашата Света Црква.“

Поради препуштањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија во рацете на Гркот Димитриос Архондонис, цариградскиот патријарх, кој себеси лажно се претставува во православниот свет како „Вселенски патријарх“, македонските владици и архиепископот Стефан директно соучествуваат во разнебитувањето на црковно-народниот и духовен идентитет на македонскиот народ и на неговата Македонска православна црква-Охридска Архиепископија. Тие стануваат директно одговорни поради обезименувањето на црквата.

Ќе ја аргументираме и оваа квалификација „разнебитување“. Во својот научен труд со наслов „Признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква (МПЦ) како прашање на македонскиот национален идентитет, антропологот проф. д-р Љупчо Ристески првин потсетува дека главен показател за оспорувањето на македонскиот национален идентитет, култура, јазик е проблематизирањето на употребата на името ‘Македонци“, „Македонија“, „македонски“.од страна на соседните земји и нации.

Во овие рамки, тој укажува дека една од главните забелешки на православната црква во Македонија е употребата на определбата „македонска“. Ристевски нагласува дека ваквите забелешки се однесуваат на оспорување на македонскиот национален идентитет.

Според него, во црковните спорови овој проблем кулминирал во изминатиот период со предлозите за признавање, или прифаќање на автономијата, или автокефалноста на МПЦ од страна на СПЦ и другите помесни православни цркви, но, ако таа се откаже од признакот „македонска“. Професорот Ристески нагласува: „Предлозите беа различни, да остане, на пример, само ‘Охридска архиепископија’. Во тој случај недостасува показателот на националната припадност на црквата, односно на верниците.“

Градењето нации на Балканот поврзано со национални автокефални цркви

Ова е само едно од компетентните научни објаснувања зошто Цариградската патријаршија ја признава Македонската православна црква единствено како „Охридска архиепископија“. Крсте Мисирков во „За македонцките работи“ ќе каже мисла, која и денес има огромно значење: „Верата и јазикот, тоа сет душата на еден народ“. Во својата студија „Македонскиот конфликт. Етничкиот национализам во транснационалниот свет“ од 1996 година светски познатиот антрополог Лоринг Денфорт (Loring Danforth), зборувајќи за создавањето на националните идентитети на Балканот, пишува: „Еден од најважните чекори за градење на нацијата на Балканот е востановувањето автокефална национална црква...“.

Создавањето на современите балкански држави – нации од крајот на 19 век е поврзано со создавањето на помесните автокефални цркви. Повеќе истражувачи на политичката и националната историја на балканските држави ги поврзуваат создавањето на современите нации – држави на Балканот и нивните автокефални цркви со национален предзнак, застапувајќи ја т.н. „теорија за автокефалноста како функција на националниот идентитет“.

Во оваа смисла, во својата докторска дисертација од 2005 година со наслов „Автокефалијата како функција на институционалната стабилност и на организациската промена во Источната ортодоксна црква“ Чарлс Вегенер Сандерсон (Sanderson Charles Wegener) ја споменува и Македонија, велејќи дека равенката на верското единство со политичкото единство и подоцна со националниот идентитет станала причина за постоење на автокефалноста во православниот свет.

Според Сандерсон, во 19 век да се биде нација значело да се има сопствена црква, но и да се има право на сопствена држава. Овој истражувач констатира: „Спротивно на тоа, за Македонците, како дел од од оспорените народи, беше тврдено дека ‘немаат вистинска историја’ и оти зборуваат на ‘дијалектите’ на другите ‘историски’ народи. На Македонците им беше ускратено правото да имаат своја автокефална црква.“

Се задржуваме и на два други важни моменти, кои ги изнесува Архиерејскиот синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија во своето соопштение, и во другите поодделни истапувања на своите владици. Не е точно дека со одлуката на цариградскиот патријарх се обезбедува „вековниот црковен континуитет“ на историската и автентична Охридска Архиепископија од минатите векови со „Охридската Архиепископија“, која ја промовира лажната „Вселенска патријаршија“.

Гркот Скарлатос Хацтерис, како цариградски патријарх Самоил, во 1767 година успеа да издејствува од турскиот султан укинување на Охридската архиепископија. Гркот Димитриос Архондонис како цариградски патријарх денес се обидува да го доврши делото на Хацтерис. Зарем навистина е за верување дека се обезбедува „вековниот континуитет“ на црквата, која на соседните балкански народи им е поправо цел за уништување, за да не ја игра својата многувековна улога на духовен чувар на македонскиот народ и на светилник на македонизмот?

Во првата анализа на оваа тема веќе го пренесовме предупредувањето на проф. д-р Славко Сасајковски, истражувач на македонското црковно прашање, дека со можниот „томос за автокефалност“, кој го бараат од Вартоломеј македонските владици, всушност ќе се основа сосема нова православна црква, која воопшто нема да биде македонска, туку би била Православна црква во...(следи формалното уставно име на државата – „с.Македонија“).

„Последица е губење на националното македонство и прекинување на историскиот и канонскиот континуум со Охридската архиепископија. Ќе биде формирана нова црква, која нема да има своја историја. МПЦ фактички ќе ја снема. Новата црква нема да биде со чест и достоинство на архиепископија, туку ќе биде митрополија.“ – ова се ставовите на Сасајковски, кои веќе се започнуваат да се потврдуваат со првата одлука на Вартоломеј за „канонското признавање“. А којзнае што ќе пишува во „вселенскиот томос“ - „главната премија“ на “цариградското бинго“, кој толку желно очекуваат Стефан и неговите другари од Синодот да го добијат од рацете на неговата „Божествена Сесветост Вселенскиот Патријарх.“

Цариградскиот патријарх Вартоломеј ја вклучува „Охридската архиепископија“ во „канонско единство со сите помесни православни цркви“, но тој нема право да го прави тоа. Тој е само еден од еднаквите меѓу другите православни патријарси. Тој нема никаква сеопшта признатост како „Вселенски патријарх“ и затоа неговата одлука веќе предизвикува само нови проблеми и нови судири на МПЦ-ОА со Србите и Српската православна црква, со Бугарите и нивната црква, со Русите и Руската православна црква... Дали архиепископот Стефан и неговата владичка дружина тоа не го гледаат, или го гледаат, но го игнорираат од свои причини?

Дали Синодот на МПЦ – ОА веќе прифатил „црковна автономија“од СПЦ?!

Одлуката на Синодот на Српската православна црква, како надоврзување на одлуката на Вартоломеј, да и се додели „најширока можна автономија, односно целосна внатрешна самостојност“ на МПЦ, „доделена уште уште во 1959 година“, е обид да се укине автокефалноста на МПЦ прогласена во 1967 година.

Огромна дилема создава еден момент: на својата официјална интернет-страница МПЦ-ОА го пренесува соопштението од Архиерејскиот собор на СПЦ, одржан на 16 мај 2022 година, во кое се наведува: „Откако го прими актот од Архиерејскиот Синод на ‘Македонската православна црква – Охридска архиепископија’, со кој таа го прифаќа општопризнатиот канонски статус... а тоа е статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна самостојност, доделен уште во 1959 година...“ Овие ставови на СПЦ се пренесени без никаков сопствен коментар, без никакво оградување, ниту отфрлање! Македонската православна црква – Охридска архиепископија како име е ставена и во наводници!

Возобновената грчко-фанариотска антимакедонска пропаганда, преку Цариградската патријаршија, во содејство и со возобновената српска црковна пропаганда, преку денешната СПЦ, поправо, повторно се во меѓусебен натпревар, кој ќе го преземе раководењето со „православното стадо“ во „с.Македонија“.

Се актуелизираат две прашања: дали и како Македонците ќе ги заштитат автокефалноста на својата Македонска православна црква и својот автентичен македонски црковно-народен и духовен идентитет, отфрлајќи ги „даровите“ од Фанар и од црковен Белград? Дали и како би биле земени на одговорност архиепископот Стефан и Архиерејскиот Синод, поради сето она што го чинат против црквата и народот, за кои би требале да се борат со сите сили?

Време е за одржување нов Македонски црковно-народен собир, како оној што се одржал на 4 и 5 март 1945 година во Скопје и кога беше донесена резолуција за идната црковна положба во Македонија. Покрај другото, во таа резолуција беа наведени две клучни точки: „1. да се обнови Охридската архиепископија, како Македонска православна црква, која нема да биде потчинета на која и да било помесна национална православна црква; 2. да има свои народни епископи и народно свештенство, за да се запазат карактерните особености на македонскиот народ и тој да биде поблизок до својата родна Црква.“

На новиот Македонски црковно-народен собир би требало со резолуција да се отфрлат одлуката на цариградскиот патријарх за „канонското признавање“ и за какво било натамошно барање негов „томос за автокефалност“, како и да се отфрли „понудата“ на СПЦ за „најширока црковна автономија“, бидејќи МПЦ би можела да и биде мајка-црква на СПЦ, а не обратно. Исто така, да бидат отстранети Стефан и комплетниот состав на сегашниот Архиерејски Синод од кормилото на МПЦ-ОА и на нивно место да бидат избрани нови народни владици.

Главната одлука во таа резолуција мора да биде трајното запечатување на македонската црковна автокефалност, со нејзино прогласување како еден од носечките и главни елементи на македонскиот севкупен идентитет.

Свето Тоевски

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa.)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе

Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. 

повеќе