Со развој на цивилната сателитска технологија до поевтини геопросторни податоци

Со поголемото користење на веќе употребените ракети, цената на лансирање се намалува, а со тоа и цената на лансирање на сателитите би требало да стане попристапна.

Во текот на следните месеци и години, компаниите што се занимаваат со сателитски снимки планираат да постават неколку десетици нови сателити во орбитата и очекуваат да постигнат дневна „стапка на освежување“ – нови слики од делови на планетата – барем еднаш на секои 24 часа.

Во светот веќе подолго време е отворена вселенската програма за лансирање на комерцијални сателити, а нивната масовна комерцијална употреба датира од 2010 година наваму. Новите технологии при лансирање и микросателитите ја намалуваат цената на нивно чинење. Со поголемата достапност на сателитската технологија луѓето ќе можат секојдневно да следат големи промени на планетата. Сите тие геопросторни податоци ќе се добиваат преку користење на нови геопросторни алатки и најнова технологија. Сателитите ќе се користат за различни намени, преку некои ќе се мери сообраќајот, а преку други може да се дознае обемот на дефорестацијата или бројот на бегалци во одредени кампови.

Кратка историја и развој на вселенското комерцијално лансирање

Првиот вештачки сателит „Спутник 1“, го лансираше Советскиот Сојуз во 1957 година, а една година подоцна „Експлорер 1“ стана прв вештачки сателит на САД. Оттогаш, илјадници сателити се лансирани во орбитата околу Земјата. Поставувањето на сателити во периодот од 1957 до 2000 година главно се вршеше со посредство на неколку земји и тоа САД, СССР, Кина, Индија и Европската вселенска агенција (ЕСА). Иако претежно се поставуваа воени сателити поради „Студената војна“, комерцијалните летови добивка ѝ носеа најмногу на Русија која имаше најдобра и најевтина понуда. Од 2010 годинa, со приклучување на приватни компании во лансирањето сателити состојбата е сменета од скап кон поевтин вселенски бизнис.

Набљудувањето на Земјата со сателити претставува 14 отсто од вкупниот пазар на вселенската индустрија. Според извештајот на Морган Стенли во пораст е зголемувањето на побарувачката и падот на трошоците во оваа индустрија. Извештајот предвидува дека до 2040 година приходите од глобалната вселенска економија ќе се зголемат до 11,1 билиони долари, предводени од развојот на интернетот и опремата.

Дури и извештајот Геобиз 2019, покажува дека од првите десет водечки позиции на пазарот на одбраната, внатрешната безбедност, е-владеењето, инфраструктурата и сите владини активности се на врвот на листата до 2020 година.

Нова фаза на развој на сателитската технологија

Со лансирањето на „Фалкон Хеви“ во февруари 2018 година, започна ново поглавје на комерцијални вселенски летови во светот. Се зголеми капацитетот на носивост и можноста да се однесе поголем товар во вселената, а се намали и цената на чинење. Елон Маск и неговата фирма „Спејс Екс“ планира во орбитата да лансира ни повеќе ни помалку туку 12.000 сателити, кои еден ден би требало да пренесуваат интернет до секој човек на кое било место на планетата. Проектот „Старлинк“ веќе е започнат, а во мај и ноември 2019 година се започна со поставување на првите 122 сателити за пренос на супербрз интернет.

Дефинитивно, „Спејс Екс“ покажа дека технологијата напредувала доволно за да овозможи нови промени на пристап до вселената. Истото се случи со УЛА (United Launch Alliance) и компанијата „Блу Ориџин“ кои како приватни компании сѐ уште учествуваат во воениот бизнис во Америка, но конкуренцијата која ја наметна „Фалкон Екс“ отвори сериозни дебати во американското општество за потрошувачката на воената индустрија и вложувањето во скапи проекти.

Русија со својата ракета „Протон“ во последните години е со намален број на мисии поради големиот број неправилности и несреќни случаи. Според ова, тешко да постои некоја земја во блиска иднина која може да парира на 18–те лансирања кои годишно ги врши „Фалкон 9“. Со приклучувањето на „Фалкон Хеви“, „Спејс Екс“ се искачи на врвот на комерцијалните вселенски летови.

Намалување на цената на модерни сателити и услуги кои се нудат

Со поголемото користење на веќе употребените ракети, цената на лансирање се намалува, а со тоа и цената на лансирање на сателитите би требало да стане попристапна. Во 2013 година цената на лансирање на „Фалкон 9“ изнесуваше околу 57 милиони долари. А веќе во 2014 година „Фалкон 9“ беше речиси 15 милиони евра поевтин од цената на кинескиот „Лонг Марш 3Б“. Тоа предизвика пад на цените за лансирање кои ги објави ЕСА со својата програма „Аријана“ за да може да им парира на новите комерцијални цени. Намалените цени го натераа сателитскиот оператор „Еутелсат“ да ги намали своите трошоци за 100 милиони за одржување на својот систем. Сето тоа беше предизвикано од поевтините цени на чинење кои ги воспостави програмата „Фалкон“ на „Спејс Екс“. Иако „Аријана“ е проектирана да ги намали своите трошоци на 90 милиони евра по лансирање, сепак и тоа не е доволно за успешно да се спротивстави на сѐ поголемата конкуренција. Реструктуирањето на комерцијалните вселенски програми е неопходно поради фактот што наскоро можеме да видиме технологија која ќе може да лансира сателити по примамлива цена од 5 до 7 милиони долари.

Колку е посложена машината толку и чини повеќе. Еден сателит за следење на временските услови може да чини дури 290 милиони долари, шпионски сателит би чинел уште додатни 100 милиони долари, а самото одржување чини дополнителни трошоци. Секако, услугите кои може да ги понуди еден сателит не се пресметани, но годишно само една телефонска компанија треба да плати околу 1.5 милиони долари за користење на одреден сателит. Друг елемент на чинење е самото лансирање. Тоа може да чини помеѓу 10 и 400 милиони, а веќе покажавме кои компании предничат во тој поглед и се подостапни со своите цени. Земајќи го предвид ова, технолошки способен сателит кој би бил оперативен најмалку 15 години од лансирањето не може да чини помалку од 50 милиони долари. Поевтините варијанти, со помал рок на траење, сепак би можеле да бидат возможни при лансирање на сателит во орбитата со помал товар и тоа го нудат компании како „Планет Лабс“. Со сите 149 сателити „Планет Лабс“ ќе може да го набљудува секој сантиметар од Земјината површина, нешто што не може да го направи ниту една влада, па дури ни американската.

Достапност на технологијата до посиромашните земји

 За производство на овие сателити не требаат многу пари, потребни се само неколку дена за изработка на еден сателит за набљудување. Секој од сателитите носи со себе телескоп и камера програмирана да снима различни делови на Земјината површина. Ваков сателит може да покрие територија колку Мексико. Во 2017 година со индиска ракета лансирани се вкупно 104 микросателити, со што е срушен рекордот воспоставен од Русија во 2014 година со лансирани 37 сателита. Најголемиот сателит достигна тежина од околу 700 килограми. Во месец декември 2019 година, микросателитот со широк спектар, што Кина го донираше на Етиопија, беше поставен во орбитата од Центарот за лансирање сателити „Тајџуан“ во северната кинеска покраина Шанси. Според кинеската Национална вселенска агенција, сателитот, со тежина од околу 65 килограми и со рок на траење од две години, може да собира податоци значајни за земјоделството, шумарството, управувањето со водите, како и за спречување и ублажување на последиците од катастрофи.

Покрај многубројните претходни сателитски мисии кои биле вклучени во системот на набљудување на Земјата, денес 28 оперативни сателити и сателитски мисии се во научната служба на НАСА во меѓусебна соработка на голем број земји од целиот свет. Најпознатите сателити и инструменти кои се во оперативна состојба се „Лендсат“, „Тера“ и „Аква“. Истите може да се искомбинираат (поради добрата компатибилност), што значи да се добијат податоци за период од над 40 години. Сателитските снимки и продукти од мисијата „Сентинел“, посебно од SAR-сензорот, имаат огромна примена во детекција на промените на покриеноста на земјиштето, растот и состојбата на вегетацијата, промената на населбите и урбаните објекти, промени на топографијата (природни и вештачки), па дури и за пресметување на деформациите предизвикани од тектонски и други причини (земјотреси, вулкани, свлечишта и сл.).

Со развојот на цивилната вселенска индустрија и науката дојде до намалување на трошоците на чинењето на сателитите, а воедно таквата технологија стана достапна и за посиромашните земји. Во наредните години на тој начин тие ќе се здобијат со исплатливи информации, во кои се вложува толку многу во развиениот свет. Во таа смисла, корисноста на сателитските податоци за подрачјето на Република Северна Македонија може да биде огромна (практично неограничена предност) за анализа на речиси сите геопросторно-временски промени.

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Македонија од своето осамостојување постојано е на листата држави за чии граѓани е потребно да имаат британски визи доколку сакаат да патуваат во Обединетото кралство. 

повеќе

Една од особеностите на словенската јазична група е дека нема случај два народи да зборуваат еден ист јазик или барем тоа да е официјално признаено.

повеќе