Се подготвува ли пак „преспанското“ сценарио за Бугарите во Уставот

Потписниците на нотарските изјави дека нема да гласаат за измените на Уставот се подложни на промени за материјално благо.

 

Во врска со предлогот на Макрон или попрецизно со гласањето за промена на Уставот во кој треба да се внесат Бугарите, Мицкоски се пофали со некакви изјави дадени пред нотар, со што сите членови на партијата и пратеници дале обврска дека ќе гласаат против оваа промена. Партизаните од СДСМ  искажаа несигурност во тие документи и рабoтите ги туркаат на смеа. Навистина, мене овиe оценки на партизаните сѐ повеќе ме убедуваат дека Мицкоски може да остане со празни раце како и при гласањето за прифаќање на Договорот од Преспа. За ваквата моја наклонетост кон размислувањата на неандерталските политичари од СДСМ околу обезбедувањето на мнозинството за промената на Уставот, со цел вградување и на Бугарите, оправдување наоѓам низ историјата, во која имаме многу примери на тоа како соседните земји се справувале со дел од нашите борци за македонските интереси. Во тие рамки за очекување е да ни се повтори најновата историја од пред 4-5 години. Очекувањата на СДСМ, заради смиреноста која ја искажуваат на таа тема, мене ме упатуваат на тоа дека промената на страна на еден дел од оние кои дале изјави пред нотар и потребен за прифаќање на измените на Уставот, може лесно да стане реалност и изненадување за Мицкоски.

Можеби сум единствен, кој не е член на ниту една политичка партија, за разлика од раководството на ВМРО-ДПМНЕ и голем дел на симпатизерите, кој очекува дека дел од потписниците ќе гласаат за измените на Уставот за влез на една мала група Бугари во нашето мултиетничко општество? Кои се моите аргументи за тоа?

Во одговор на ова прашање се потпирам на еден аргумент, кој е добро познат меѓу народот преку изреката: „Таму кај што бургијата не пробива, парите сигурно пробиваат“. Тоа најдобро се потврди при обезбедувањето на мнозинството за Договорот од Преспа, пред четири години. Најзакоравените ВМРО-ДПМНЕ-овци си зедоа по два или повеќе милиони евра и ја завршија работата, докажувајќи ни на дело дека тие не се Македонци, туку предавници на својот сој за пари. И што се случува  сега со нив? Каде се и што прават? Дали бркаат свој бизнис, продавајќи ни промаја или си грицкаат од „наградата“? Но најтрагично од сѐ е повторувањето на историјата. Многу наши борци во соседните земји биле приморани со пари или други бенефиции за своите деца да сменат страна и да се борат за туѓи  интереси убивајќи ги нивните пријатели, искрените застапници за интересите на/за Македонија. Но, разликата од тогаш и денес е многу поинаква. Порано не сме имале држава и тоа можело да биде реалност, иако ирационална. За мене големо изненадување е што за Преспанскиот договор нашата држава беше водена од таканаречени наши луѓе, како оној неандерталец политичар од Муртино, кој заедно со потписникот на договорот со Грција, а потоа и со Бугарија, јасно ни ставија до знаење дека нив Македонија и Македонците им сме надвор од нивните интереси, посветувајќи се на работа за личните материјални интереси. Така тие беа и остануваат главните посветени на интересите на соседите. Најпрво муртинецот тоа го стори во Берн, каде ја доби својата заработка, а потоа, по потпишувањето на договорот од Преспа стана и главен дистрибутер на 60 милиони евра од МНР на Грција, вклучувајќи ги и 20 милиони евра за десетте одродени Македонци кои гласа за ратификацијата на договорот од Преспа.

За сегашниот случај со мнозинството околу барањето да се внесат Бугарите во Уставот, наградите ќе бидат повеќекратно повисоки од оние кои ги добија лицата од кампот на ВМРО-ДПМНЕ. Не само заради споменатото со претхдниот договор, туку заради една претпоставка или моја имагинација за тоа од каде ќе се обезбедат парите во овој случај.

Кај нас многу поддржувачи и учесници во дискусијата околу потребата за референдум имаат безбројни идеи. Оние од спротивниот табор, од СДСМ, се едногласни дека ЕУ ни е сѐ и нивните пари ќе ги решат нашите проблеми. Дури ние и не треба многу да вложуваме напори за нешто да се направи во државата, што е познато од порано „НАТО ќе не брани, ЕУ ќе не храни“. А на таков народ со две спротивставени партиски идеологии околу националните интереси не е тешко да се разбере предлогот на Макрон: „Ќе дадете сѐ ама нема да добиете ништо на дланка. Туку сѐ што ќе добиете ќе биде под надзор на оние со кои треба да сте во добри односи“ читај: „сѐ што бараат вашите источни соседи ќе го прифатете и имплементирате“.

Така Бугарија многу убаво ја разбра досегашната наша „политика“ кон досега внесените во Уставот. Таа не бара повеќе од она што добија нашите соседи Албанци. Кога ќе се спореди сѐ она што после Охридскиот рамковен договор го добија тие, сега Бугарија го бара за својот значително помал дел македонски Бугари. Заради тоа за мене изјавите на Рама, со божемна критика на Бугарија за попречувањето на влезот во ЕУ на Македонија е само една политичка лакрдија на еден повластен премиер во регионот, кај кого постојано беа на баци рака Ахмети и компанија пред која било нивна политичка одлука која се очекува во Македонија. Тоа не значи само ниско ниво на политичко знаење на гостите кај Рама, туку и пародија на практикуваната власт кај нас. Но, сепак за мене тоа е само неандерталско политичко знаење на нашите две најголеми партии кои се менуваа на власт и секоја од претходната работеше за партиските коруптивни цели, дури и незнаејќи ги националните интереси на Македонците. Затоа на Македонците во иднина им требаат, како насушен леб, кадарни и свесни лидери, кои досега не беа изнедрени ниту образовани за тоа.

Некој ќе си рече дека избегнувам од директен одговор, зошто очекувам многу повисоки награди на оние кои ќе треба да гласаат за промена на Уставот од оние досега познатите, а се задржувам на некои прашања надвор од темата. Еве сега да се посветиме на одговорот на прашањето како ќе се обезбедат високите награди за потписниците кај нотарот за тоа дека нема да прифатат, а ќе прифатат и ќе гласаат за промената на Уставот. Според мене основната причина е во тоа што овие потписници, на изјавите дека нема да гласаат за измените на Уставот се со несигурно ветување или ветување кое е подложно на промени за материјално благо. Тоа го гледам како нивен променлив став, бидејќи историјата нѐ учи дека за многу малку пари и ветувања за семејството лесно се менувале верувањата во чувствата за идентитетот. Секогаш наградата била пред чувствата. Нашата држава 30 години по осамостојувањето не направи ништо за зацврстување на тие чувства и се занимаваше со проблемите наметнати од најголемото малцинство, чии чувства беа загарантирани. Во тој амбиент беше сосема настрана нашата политичка и историска наука или барем не беше така цврсто вградена во образованието, како во Бугарија живковистичкиот пристап. Тоа јавно ни се демонстрираше од БАН и живковистички задоените политичари, под влијание на Сталин.

А наградите ќе бидат повеќекратно поголеми, неочекувани и зачудувачки, бидејќи Бугарија откако дозна дека Македонија ќе прифати сѐ што од неа се бара, изјави дека тоа е голем успех на нивната дипломатија. И навистина тоа е добра приказна за светот. Ама како таа дипломатија го постигна тој успех? Некои мои пријатели, кои живеат и творат во странство, дел и во соседството, тоа го толкуваат со 11 милијарди евра дадени како помош на Бугарија. Невидено и досега незабележано во светската дипломатија да се даде едновремена помош како награда за  јасно изразените геноцидни намери кон својот сосед. Сомнежеот е во тоа кој сѐ ќе учествува во поделбата на тие 11 милијарди евра. Пријателите ми велат дека најголемиот дел од таа помош и награда реверзибилно ќе се вратат таму од каде што стигнале, ама не во истите фондови. Другуиот дел ќе остане во Бугарија и тој ќе биде поделен меѓу заслужните за предлогот на Макрон. За големо изненадување убав залак ќе лапне борецот против корупција, кој не успеа да се справи со Борисов, сегашниот министер за финансии, поранешен премиер.

И конечно најмалиот дел е оној  кој што обезбедува значителни награди на оние од ВМРО-ДПМНЕ кои ќе бидат „убедени“ да гласаат за измените на Уставот. Покрај нив, значителен дел од тој колач ќе приграбат и нашиот премиер, заменикот премиер, министерот за надворешни работи и многу други наши политички и новинарски шалабајзери кои јавно го подржуваат предлогот на Макрон.

Поаѓајки од сѐ што кажав, ми се наметнува прашањето зошто е нападнат нашиот идентитет од сите страни. На она што веќа го споменав се надоврзува една сериозна политичка акција на Арбен Џафери, преземена не многу по нашето осамостојување. По отворањето на досиејата на Албанците кои работеле во безбедносните служби за време на социјализмот, голем дел од нив беа ликвидирани. Така се обезбеди хомогенизација на ова малцинство во земјата, потоа идеологијата за голема Албанија, а мултиукултурализмот и Бадентер ја завршија работата „дека без нив нема влада“ во Македонија.  Дали денес не е тоа целта на бугаро-татарските власти денес да го покренат ова прашање со цел да бараат да ги убиеме сите оние од тајните служби кои се бореле за одржување на македонскиот идентитет.  И моето прашање е што ќе правиме со вработените во сличните служби во оваа т.н. европска земја која и денес за човековите права затвора и мачи Македонци кои живеат во Пиринскиот дел на Македонија? Притоа тие само си ги бараат своите човекови права како и одродените Македонци од Македонија кои се претставуваат како запоставени Булгари! Зошто заменик премиерот и министерот за надворешни работи не ги нотираа овие барања во протоколот и не побараа казнување на вработените во бугарските тајни служби и правосудството кои се само јасно геноцидно поставени спрема нашинците во бугарска Европа, но и кон нас во Македонија. И на крајот прашувам ако по нашиот прием во ЕУ, побараме, а не добиеме  реципрочни обврски кон оваа земја, како ќе постапиме со  овие надлежните кои сега тоа не го сторија?     

                                                          М-р Ѓорѓи Трипков,

економист-аналитичар, пензионер

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе

Шоковите кои се случуваат истовремено и распадот на меѓународната соработка го направија управувањето со кризи невозможно - барем со користење на стандардните алатки. 

повеќе

Oд Словото за академик Божин Павловски, 80 години од раѓањето и 60 години од неговото творештво.

повеќе