Колумна

СДСМ донесе буџет за Скопје, има за бетон и асфалт, нема за зеленило

Оваа администрација нема намера Скопје во догледна иднина да стане одржлив зелен град и тоа е јасно одразено во буџетот за 2020 година.

Повеќе од една десетина од буџетот на град Скопје за 2020 година е предвиден за автоцентрични сообраќајни решенија. Буџетот на секторот за животна средина е преполовен во споредба со 2019 година. ЈСП се субвенционира со 8 милиони евра, а нема никаква сеопфатна анализа за ефективност на јавните претпријатија. За Забавниот (Луна) парк има кредитно задолжување од 2,5 милиони евра, но нема ниту една ставка за поставување фотоволтаични системи за производство на електрична енергија.

Од вкупниот буџет кој изнесува нешто повеќе од 7 милијарди денари (7.178.515.000), 829 милиони 700 илјади денари се предвидени за изградба на магистрални и собирни улици. Рационално објаснување и реална потреба има само за многу мал дел од ставките.

770 милиони и 200 илјади денари се предвидени за пробивање на нови и проширување на актуелни сообраќајници. Земајќи ги предвид проектите од потпрограмата JDA и земајќи го предвид фактот што и две години по управувањето со градот, уште нема објавено студија за оптимизација на јавниот превоз, не само што не се гледа посветеност на оваа администрација на алтернативните форми на транспорт, туку се гледа токму спротивното – посветеност на автоцентрични решенија што го држат Скопје во минатото, наместо да го однесат во иднината. Владата на својата 168 седница на 3 декември 2019 година усвоила информација за воведување на БРТ (Bus Rapid Transit) на територијата на Скопје, кој претпоставува воспоставување на коридори резервирани исклучиво за капацитетни автобуси на електричен, или хибриден погон (плин и електромотори); и го задолжила Министерството за финансии да ја почне постапката со писмо за намери до Европската банка за обнова и развој за поддршка за изработка на физибилити студија, како и за можните опции за финансирање на комплетниот проект.

Со други зборови, студија за оптимизација на јавен транспорт ќе имаме дури во 2022 година и тоа ако сме оптимисти. А сето ова се случува додека ЈСП се субвенционира со 8 милиони евра годишно! Претпријатие за кое со одлука од 26 август 2019 година Советот усвои План за вработување за 2020 година, според кој заклучно со 31 декември 2020  ЈСП ќе има 1.387 вработени.

Фактичката состојба заклучно со 13 јануари 2020 во ЈСП е 1.358 вработени. Дали ако ова претпријатие беше приватна фирма ќе имаше толку вработени? Прашањето е реторичко.

Со амандман предложив тие 770 милиони и двесте илјади денари да се пренаменат за да се обезбеди инсталација и одржување на фотоволтаични системи на средните училишта, административни објекти на претпријатија и институции во надлежност на градот. Амандманот ми беше едногласно отфрлен од владејачкото мнозинство.

Иако формално од април наваму, а де факто од февруари наваму, градот не ја спроведува програмата за хумана контрола на популацијата на бездомни кучиња, сепак, во буџетот не се предвидени средства за субвенционирање на граѓани кои би ги стерилизирале/кастрирале барем своите кучиња вдомени од улица или маалските миленици за кои тие се грижат, при што во партнерство со граѓаните и активистите би се придонело за намалување на бројот на улични животни во Скопје.

Со амандман на буџетот барав да се обезбедат 5 милиони денари за оваа намена, но амандманот ми беше едногласно отфрлен од владејачкото мнозинство.

Во буџетот 2020 не е предвидено основање на gрадска народна кујна која би ги инкорпорирала веќе постоечките иницијативи од граѓани и здруженија за обезбедување оброк за социјално загрозени категории на граѓани и која би прераснала во медиум за организирање донациски настани, особено традиционални новогодишни прослави. Со амандман на буџетот барав 20 милиони денари да се определат за оваа намена. Иако минималната плата во Македонија е помалку од 60% од просечната, што во развиени земји не се смета за living wage (плата со која може нормално да се живее), владејачкото мнозинство едногласно ми го отфрли амандманот за gрадот да основа gрадска народна кујна со што ќе се поттикнат хуманоста, солидарноста и ќе се зајакне заедницата.

Сепак, за Новогодишниот панаѓур Винтерленд, СДСМ и оваа година одвои 6 милиони денари. За Забавен (Луна) парк СДСМ ќе се задолжува 150 милиони денари за изработка на проект, набавка на реквизити, монтажа и изградба на паркот. Тоа е една третина од вкупното кредитно задолжување предвидено за 2020 година во износ од 460 милиони денари.

Оваа година капиталните расходи за животна средина изнесуваат 18 милиони и 800 илјади денари, скратени се за повеќе од половина во споредба со минатата година кога изнесувале 42 милиони и 700 илјади денари, а целокупно гледано е речиси преполовен вкупниот буџет на секторот животна средина. За 2019 година бил 152 милиони 950 илјади денари, а за 2020 изнесува само 87 милиони 700 илјади денари.

За реконструкција и подигнување на јавно зеленило на магистрални улици и паркови има 165 милиони денари, за набавка на садници 25 милиони денари. За зелен коридор на Лепенец предвидени се 1,5 милиони денари. Во 2019 за зелен коридор на Серава биле предвидени 5 милиони денари во соработка со УНДП. Реализација заклучно со трет квартал на 2019. е нула. Освен овие и неколку други ставки (групни ставки за плоштади и паркови, една урбана градина и потенцијални „зелени покриви“ – за овој едниот на ГТЦ чекавме две години!), во буџетот за 2020 нема предвидено средства за создавање алтернативни зелени површини (на пример вертикални градини, зелени фасади итн.), особено среде високоурбанизирани блокови што е стратешко прашање од огромна важност за скопјани.

Во буџетот за 2020 година има само 16 милиони денари предвидени за велоинфраструктура. И тоа 6 милиони денари се посветени за Водно. Проектите за пешачки, велосипедски патеки и мостови (потпрограма ЛАА, ставка 482, р.бр. 102) во износ од 1 милион и 500 илјади денари; ставката изградба на мини спортски игралишта и велопаркинзи (потпрограма ЛАА, ст. 482, р.бр. 105) во износ од 3 милиони и 500 илјади денари; проектирање и набавка на велосипеди и пунктови за изнајмување (потпрограма ЈФ0 ст. 489, р.бр. 15) во износ од 1 милион денари, од 2019  имаат нула реализација во третиот квартал.

Само 2.319.638 денари поврзани со планирање и изградба на велоинфраструктура се реализирани според извештајот за извршување на буџетот од трет квартал за 2019. За лани  предвидени биле вкупно: 23 милиони денари. Што значи заклучно со трет квартал, може да се забележи само малку над 10% реално спроведување на ветени активности.

Јасно е дека ова реализирање и планирање на буџетот не претставува обезбедување на политики со фокус на возење велосипед како што е утврдено со Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021.

Во буџетот за 2020 година нема предвидено поставување фотоволтаични системи за производство на електрична енергија. Напротив, активностите на Секторот за локален економски развој, со речиси занемарливи исклучоци, се сведени на печатење флаери за информирање на граѓаните и организирање настани, за кои се предвидени близу 65 милиони денари.

Чуму тогаш Програмата за енергетска ефикасност на град Скопје? За што овој Град носи стратешки документи, ако нема намера да ги применува иако заклучоците и препораките од оваа програма и тоа како може да придонесат за намалување на загадувањето во нашиот град?

Поднесов два амандмана на буџетот во врска со ова – првиот се однесува на објекти во надлежност на Град Скопје и е образложен погоре во текстот. Со вториот амандман барав да се обезбедат субвенции за инсталација на фотоволтаични системи за индивидуални домаќинства кои немаат техничка можност за приклучување на топловодната мрежа, бидејќи со искористувањето на обновливи извори, конкретно на соларната енергија, од една страна се намалува енергетската сиромаштија и се поттикнува енергетската независност, а од друга страна се намалува емисијата на штетни гасови. И овие два амандмана ми беа едногласно отфрлени од владејачкото мнозинство.

Веќе втора година по ред барам да се организира буџетски форум, каде што во соработка со граѓани ќе може да се конципира буџет што е по мерка на скопјани, но СДСМ нема интерес за непосредна демократија кога е на позиција.

Оваа администрација нема намера Скопје во догледна иднина да стане одржлив зелен град и тоа е јасно одразено во буџетот за 2020 година кој ни оддалеку не ги отсликува вистинските потреби и приоритетите на скопјани.

Драгана Велковска, активистка за заштита на животни и животна средина и членка на Советот на град Скопје

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Кога политичарите сватија за каква моќна алатка се работи, час поскоро побрзаа да менуваат закони со кои „бомбите" нема да бидат докази.

повеќе

Брегзитот, односно напуштањето на Велика Британија на ЕУ, без сомневање ќе влијае врз градењето на новата политичка архитектура во Европа, со нова поделба на интересни зони на стариот континент.

повеќе

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе