„Професионализација“ на дипломатијата (?)

Законски да се регулира дека за амбасадорските места ќе има интерен (во МНР) оглас и кандидирање на заинтересираните.

Деновиве медиумите (традиционално) посветуваат големо внимание на (конечно) определувањето на новите амбасадори на Република Северна Македонија во голем број на држави (кои неколку години не се пополнети).

Дополнително, после речиси три години на оваа раководна структура во државата и во МНР, после пола година од изборот на новиот претседател на државата, се објави и предлогот за новиот Закон за надворешни работи. Јавна дебата се одржа во МНР.

Во изминатите повеќе од две години на владеењето на актуелната партиско–политичка гарнитура и „кохабитацијата“ со ПРМ, господинот Иванов, беа усогласени и испратени две групи на амбасадори (чинам околу 16 амбасадори). Сите тие беа вработени во МНР, односно беа амбасадори од „професионалниот кадар во МНР“. Иако „јавна тајна“, не би навлегувал во тоа кои од тие амбасадори беа „по мерак“ на Иванов, кои беа на Димитров (и тогашниот „државен“), кои беа на Заев и Шекеринска, а кои на Ахмети и Груби. Важно е дека се 2од професионалниот кадар на МНР“.

„Групата“ на амбасадори која деновиве беше предмет на одлука на Владата исто така се квалификува, во најголем дел, мислам беше кажано 90%, како професионални дипломати, или „од кариера“.

При тоа не се кажува дека „договорањето“ (не би го употребил изразот „тргувањето“) одело преку партиските претставници од владеачката коалиција. МНР Димитров, како непартиски кадар, несомнено имал свој придонес во носењето на (некои од) кадровските одлуки. Претседателот Пендаровски сигурно веќе и официјално ги има добиено предлозите од Владата за новите амбасадори по кои (согласно законот) ќе треба да се произнесе. Меѓутоа, во еден неделник, ПРСМ Пендаровски изјави дека имал претходни консултации (координација) со МНР Димитров „(за) да избегнеме ситуација во која некој човек што не заслужува, да не би се нашол ни на поширокиот список“.    

Ни на крај на памет не ми паѓа да коментирам конкретни амбасадори или кандидати за амбасадори, и во изминатите две „тури“ и сегашните кандидати. Сепак, само би сакал да го изнесам своето скромно мислење, дека во координацијата (ПРСМ – МНР) место „кој не требал да се најде“, туку да се разговарало „кој би можел да се најде“.

Ми се наметнува едно прашање: Ако партиските претставници преговарале за имињата на идните амбасадори, дали тие се навистина дел од процесот на „професионализацијата“ на нашата дипломатија? Независно што најголем дел од нив се вработени во МНР, односно „професионалци“.

Иако беше најавувано дека ќе се придржуваат до узансите кои владеат во дипломатијата (да не се објавуваат имињата додека не се добие агреман), веднаш после владината затворена седница „протекоа“ десетина имиња. Некои (свесно?) и неточни или неточни дестинации. Ако тоа можеме да го припишеме на блискоста на некои новинари со владините чинители, многу збунувачка беше објавата на Фејсбук на потпретседателот на Владата, г-дин Бујар Османи на имињата и дестинациите на „нивните“ амбасадори. А агремани, сигурно, уште не се побарани, ниту ПРСМ дал (конечна) согласност. 

Република Македонија како независна и суверена држава го донесе (пред избори) својот прв Закон за надворешни работи во 2006. И тогаш, и со измените во законот во времето на владеење на ВМРО ДПМНЕ (11 години) и во сегашниот (пред избори) предлог – закон, главен акцент во дискусиите и коментарите е односот „кариерни дипломати“ (амбасадори) vs. „политички“. Процентот или соодносот постојано се менуваше. Последниов предлог предвидува „најмалку 80% кариерни дипломати...“.

Ај да не фингираме „професионална дипломатија“. И кога процентот беше 25% и кога беше соодност 1/3, 2 /3 или 1 / 4, владеачките партии на амбасадорските места гледаа како „плен“ за да ги задоволат своите партиски (или бизнис) приврзаници. Најголем дел од старите и добрите дипломатии немаат „некариерни амбасадори“ (освен САД). Имаат интерен конкурс во МНР. Но тие имаат и добра и долги години градена „инфраструктура“ во МНР и долгорочно планирање на кадри. Ние тоа уште го немаме и прашање е (дали) и кога ќе имаме.

Нема да навлегувам во анализа на предлогот на новиот Закон за надворешни работи. Но, да не се „бусаме во гради“ дека ете воведуваме „професионализација преку 80%. Сугерирам да се брише тој член и да нема никакви проценти или сооднос. Нека постои одредба дека ПРСМ – ПВРСМ и МНР на РСМ имаат право да определат кандидат кој не е во служба во МНР. Но, едновремено, законски да се регулира дека за амбасадорските места ќе има интерен (во МНР) оглас и кандидирање на заинтересираните. Така и на владеачките партии ќе им олесниме да не мораат да преговараат за „професионални дипломати“ - како амбасадори.

П.С. Со овој предлог немам намера да ја анулирам одредбата за пропорционална застапеност. И со евентуалната примена на овој предлог, тоа би било сочувано.

Александар Тавчиовски, амбасадор      

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Пандемијата на коронавирусот која го зафати целиот свет, не само што има огромно влијание врз јавното здравство, општеството и економијата како целина, туку предизвика пустош и во спортот.

повеќе

За транспортерите – благодарам, за мерките – итност, за компаниите надеж дека Владата ќе ги искористи сите ресурси на државата за да ги одржи во живот, без разлика на цената што треба да се плати за тоа.

повеќе

Пандемијата со коронавирусот започна во време кога довербата во институциите беше на рекордно ниско ниво. 

повеќе