Правото мора конечно да застане во одбрана на трансродовите лица

Структурното насилство кон трансродовите и родово небинарните луѓе е препрека во нивното реализирање како полноправни членови на општеството.

И покрај препораките од Европската комисија и Советот на Европа, но и обврската што произлегува од пресудата која трансродов маж ја доби против земјава во Европскиот суд за човекови права, Република Северна Македонија сè уште не донела законско решение со кое ќе се овозможи правно признавање на родот, со што продолжува да произведува трансфобија и структурно насилство врз трансродовите луѓе.

Македонија е една од земјите членки на Советот на Европа која заостанува при овозможувањето јасна и едноставна процедура за правно признавање на родот. Трансродовите луѓе за да пристапат кон правно признавање на родот, во моментов користат четири различни закони: Законот за лично име, Законот за лична карта, Законот за патни исправи и Законот за матична евиденција.

Правен лавиринт за трансродовите лица
Ниеден од овие закони не вклучува јасна правна процедура за усогласување на родот во документите за лична идентификација. Правната недореченост што произлегува од тоа, како и повеќекратните и долги административни процедури кои во моментов се потребни за едно лице да ги усогласи своите документи, создаваат правна несигурност за трансродовите луѓе.

Иако со Уставот, дозволено е сè што не е забрането со Устав или со закон, сепак без јасна правна процедура, праксата е сведена на личното толкување и пополнување на правниот вакуум врз основа на личните верувања на службеникот на должност. На тој начин, трансродовите лица се лишени од можноста да ги усогласат своите документи за лична идентификација, а со тоа и целосно да ги уживаат своите права и слободи. Во услови на правен вакуум каков што постои во земјава, државниот систем единствено ја препознава цисродовоста (поистоветувањето на родовиот идентитет на лицето со полот назначен при раѓање) како норма и како единствена можност на бидување, и ги исклучува сите оние кои не се вклопуваат во таа норма.

На тој начин, државата произведува трансфобија која подоцна се интегрира длабоко во сите сфери на живеењето. Според податоците со кои располага ТрансФормА, најчеста причина за вознемирување, дискриминација и насилство врз трансродовите луѓе во земјава е неусогласеноста на документите за лична идентификација. Искуствата вклучуваат вознемирување, дискриминација и стигматизација при пристапот до образование, домување, вработување, здравство, јавен превоз, приватен живот и сите останати јавни услуги.

Поради низа документирани случаи на вознемирување на граничните премини од страна на полициските службеници, трансродовите луѓе одбираат да не патуваат надвор од државата. Тие се јавно прозивани од страна на службениците во банките и јавните институции, не се во можност да подигнат кредит од банка или да потпишат договор за изнајмување на стан.

Во интервју со авторите, трансродова жена од Скопје сподели повеќе непријатни искуства кои таа секојдневно ги преживува токму поради неусогласеноста на ознаката за пол во нејзините документи. „Кога ми побараа лични документи за склучување на договор за изнајмување на стан, јас се стаписав, бев буквално под стрес само поради тоа што треба да ја испратам мојата лична карта со неусогласена ознака за род. Иако агентот не рече ништо во врска со тоа, потребно ми беше долго време додека тој страв го напушти моето тело. Тоа е страв со кој секојдневно се соочувам." Таа, како и голем број трансродови луѓе кои своите искуства ги споделиле во ТрансФормА, живее во страв и константна несигурност поради несоодветните лични документи.

Во правните услови кои постојат во земјава само четири лица успеале да ги усогласат документите за лична идентификација со својот родов идентитет. Едно од овие лица за конечно да добие правно признавање на родот беше принудено да води децениска правна битка и сепак, дури и по добивањето на случајот против државата во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) беше изложено на чекање од повеќе од една година до конечно извршување на пресудата. Она што загрижува е фактот што сите лица кои успеале да ги усогласат своите документи, тоа им било одобрено дури по завршувањето на дел или на сите медицински интервенции за потврдување на родот.

Прифатливи и неприфатливи

На тој начин, системите на моќ ги регулираат и дисциплинираат трансродовите луѓе во две категории: прифатливи и неприфатливи. Прифатливи се оние кои избираат или се подготвени да се жртвуваат себеси и да го приспособат своето тело и родово изразување на циснормативното бинарно поимање на родовите, додека сите останати, кои не се вклопуваат во тие стандардизирани категории се сметаат за неприфатливи и се исклучени од правната заштита. Администрирањето на родот на овој начин, создава насилни системи на контрола врз животот на луѓето.

Правната недореченост и потфрлувањето на државата при заштитата на правата на трансродовите луѓе придонесуваат за зацврстување на бинарното разбирање на родот, родовата полиција и родовото насилство. Луѓето со родови идентитети надвор од бинарното разбирање на родот, сè уште (о)стануваат невидливи во сите сфери на живеењето. Недостатокот од лесно пристапна административна процедура за правно признавање на родот е дел од поширок систем на контрола, регулација и дисциплина врз населението и придонесува за зацврстување на структурното насилство врз трансродовите луѓе.

Структурното насилство, како концепт, го претстави Јохан Галтунг уште во 1969 година. Тој го дефинира како „попречување на основната човечка потреба" кое може да се избегне, истакнувајќи дека структурното насилство се создава тогаш кога постоечката повреда може, но не се избегнува. Па, оттаму, разгледувајќи го структурното насилство со цел да се разбере и реши, фокусот мора да биде ставен на влијанието што ваквото насилство го има врз луѓето.

Прикриено насилство

Структурното насилство не е толку видливо колку директното физичко насилство, затоа што се заснова на нормализирање на нееднаквите позиции на моќ. Втемелено е во секојдневниот живот. Јазикот, културата и ритуалите ја произведуваат цисродовоста како доминантна норма, како показател според кој сите останати треба да се верификувани. Сите кои не се вклопуваат во таа „нормалност" се маргинализираат и се бришат од јавниот дискурс. Со ваквата хиерархиска поставеност и со невидливите системи на моќ кои оперираат во секојдневниот живот, структурното насилство континуирано се (ре)продуцира.

За да се препознае структурното насилство, потребно е да се преиспита како системите на моќ создаваат структурна несигурност за трансродовите луѓе. Неможноста за правно признавање на родот, ги спречува трансродовите и небинарните луѓе да го живеат својот живот достоинствено и без насилство. Тие се регулирани преку длабоко вкоренетата трансфобија која ги нормализира нееднаквите позиции на моќ, ја зголемува и продлабочува нееднаквоста помеѓу трансродовите и цисродовите луѓе, и придонесува за создавање на неправедно општество.

Структурното насилство кон трансродовите и родово небинарните луѓе е препрека во нивното реализирање како полноправни членови на општеството. Придонесува за маргинализирање, исклучување, стигматизирање, и за директно физичко насилство насочено кон нив. Трансродовите луѓе во земјава, сведочат за структурните нееднаквости кои ги спречуваат да го реализираат својот полн потенцијал.

Сите испитаници во истражувањето спроведено од Коалиција Маргини, преживеале некаков вид на насилство поради нивниот родов идентитет и/или родово изразување, а како најчест проблем со кој се соочуваат е неусогласеноста на документите за лична идентификација со нивниот родов идентитет и изразување што придонесува за дополнително зголемување на насилството врз нив.

Трансродова жена од Скопје сведочи за проблемите со кои таа се соочила при процесот на усогласување на нејзините документи. Покрај тоа што вработените во Управата за водење на матична евиденција неосновано го одолговлекувале процесот за вадење на нов извод од родените, таа се соочила и со директно стигматизирање кога управителот ги повикал сите шалтерски службеници покажувајќи им ја нејзината лична карта и громогласно смеејќи се поради неусогласеноста на нејзиното име и изглед со означениот пол. „Во тој момент почувствував срам и страв, но исто така и стрес и вознемиреност. Одлучив да поднесам претставки до Министерството за правда и Народниот правобранител. После еден месец, добив одговор од Правда, очигледно штитејќи ги своите службеници, дека немало повреда на моите права. А Народниот правобранител пак воопшто не се ни произнесе со мислење", изјави таа во разговор со авторите.

Неопходно законско решение

Пресудата изречена од ЕСЧП во случајот на трансродовиот маж против РСМ, освен што ја обврзува државата да се усогласат неговите документи, наметнува обврска и да се донесе законско решение со кое ќе се овозможи пристап до правно признавање на родот врз принципот на самоопределување и без присилни медицински интервенции.

Позитивните практики на земјите од Европа и светот, покажуваат постојано зголемување на бројот на земји кои ја регулираат постапката за усогласување на името и презимето, ознаката за пол и матичниот број на основ на самоопределување. Аргентина беше првата земја во светот која тоа го стори, а по неа следеа и Данска, Норвешка, Малта и Ирска. Во моментов, поголемиот број на европски земји веќе имаат регулирани процедури за правно признавање на родот.

Малта е водечка земја во унапредувањето на човековите права на трансродовите луѓе. Во 2013 година, Владата на Малта основа Консултативен совет каде членуваат ЛГБТИК (лезбејки, геј, бисексуални, трансродови, интерсекс и квир) луѓе и организации, со цел да ја советуваат Владата за унапредување на нивните права. Како резултат на тоа, покрај останатите законски решенија, Малта во 2015 година го усвои Законот за родов идентитет, родово изразување и полови карактеристики кој овозможува правно признавање на родот врз основа на самоопределување со почитување на правото на телесна автономија и физички интегритет.

Важно е да се напомене дека веднаш по донесувањето на овој Закон, Малта исто така ја унапреди и образовната стратегија вклучувајќи Политика за транс, родово небинарни и интерсекс ученици, со цел да се обезбеди безбедна и инклузивна средина во училиштата за сите ученици без оглед на нивната сексуална ориентација, родов идентитет, родово изразување и/или полови карактеристики.

Препознавањето и справувањето со структурното насилство врз трансродовите луѓе, може да придонесе за намалување на директното насилство кое тие го живеат секојдневно, како и да постави основа за политичка, културна и социјална промена за надминување на општествените нееднаквости.

Да се обезбеди достоинство за трансродовите лица

Во таа насока, унапредувањето на законската рамка за матична евиденција во смисла на овозможување брза и лесна административна процедура за правно признавање на родот, организирањето на континуирани обуки за државните службеници, како и јавни информативни кампањи, може значително да придонесат за искоренување на структурното насилство во институциите како и за заштита на правата и подобрување на квалитетот на живот на трансродовите луѓе.

Со тоа ќе се овозможи тие да го живеат својот живот достоинствено, ослободени од секојдневните притисоци, закани, насилство и вознемирувања, да ги реализираат своите човекови права и слободи и да го остварат својот полн потенцијал како рамноправни чинители во нашето општество.

 Биљана Гинова, Лила Милиќ

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе