Посланијата на Блаже Конески на англиски

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

Блаже Конески е исклучително вешт во обликувањето на поетските слики, економичен и рационален во стихот, неповторлив во заокружувањето на поетските целости. Така, кога ги читаме песните Поезија, Поетика, Порака на љубимите, Сенка, По многу години, Жед, Пресадување, Учители, Послание и многу други, ние, всушност, ја препознаваме поетиката блиска до мудроста на македонскиот народен гениј. Оваа поетика стана сврзувачка алка за целокупниот опус на овој автор, особено на опусот создаван во последните децении од неговиот живот.

Поезијата на Блаже Конески е артистички наполно развиена и модерна. Таа е резултат постигнат врз едноставниот длабоко промислен и спонтан говор. Со своите егзистенцијални и мисловни синтагми се засновува врз традицијата и ја отсликува националната проблематика. Во себе ја содржи ангажираноста, која е составен дел на нашата целокупна литература, создавана во повеќе фази и од повеќе генерации. Веднаш по Рацин, делото на Блаже Конески со својата оригинална содржинска и мисловна полнота е неодминлива вредност. Тој е автор чие творештво има не само историска вредност туку и далекосежна естетска цел. Меѓу првите македонски поети ја ослободи поезијата од пригодноста и дидактичноста, од практичните и излитени фолклористички форми. Со силата на својот талент ја возвиши македонската песна на рамниште на неповторлива национална препознатливост. Всушност, неговото едноставно и комуникативно дело е вистинска школа за целокупната македонска литература. Неговите јазични и мисловни медалјони ги отсликуваат животната реалност и традицијата на македонскиот народ. Со оваа постапка, поетот ги нагласува прифатливите димензии на битијата и на светот, но и општите радости и јанѕи што секојдневно го преокупираат. Својот поетски глас Блаже Конески го доближува до среќата како појдовна точка во животот и до љубовта како средиште на светот. Во песните со нагласена национална нишка се преплетуваат медитативни јазли, кои вешто се разгрануваат во синтагматски целости. Во нив поетот го проширува искажувањето на човекот како биолошко, историско и рационално битие. За него јазикот е основниот јунак, а создавањето на препознатлива целост е единствениот вистински чин на радоста.

Блаже Конески во своите посланија отворено говори за малите нешта, го отсликува животот во форма прифатлива за обичниот човек. Преку богатите поетски слики ги изедначува разликите меѓу субјектот и опеаната реалност. Оттука и неодминливиот впечаток за остварувањето на сопствените можности, за силните споредби и за невообичаените синтагматски склопови. Смислата на едноставниот поетски говор овој писател ја потврдува во целиот богат опус, доведувајќи ја до поетска синтеза натопена со живот и со силен мисловен набој. Токму затоа поезијата на Конески е прифатена како образец и е појдовна основа за надминување на конвенциите, но се прифаќа и како можност за пресврт во перципирањето на светот. Како што убаво забележа критиката, Блаже Конески е поет на модерната едноставност, од песна во песна го уверува својот читател дека неговата леснотија на јазикот е надарена со тежина. Неговата дефиниција за поезијата најилустративно е изразена во шесте стихови од песната Поетика, во која со едноставни зборови вели:

            Јас песните ги берев

            Од дрвото на животот

            Како што селаните од Ракотинци

            Пред Дуовден

            Берат зрели цреши

            Од црешовите дрвја.

Вo своите посланија Блаже Конески остварува автентични изразни целости, блиски до менталитетот на нашиот народ. Особено внимание ѝ посветува на внатрешната егзистенцијална проблематика, а пројавува силен, понекогаш и скептичен однос спрема надворешната општествена стварност. Всушност, со нескриени чувства за лажниот сјај на животот го нагласува конфликтот со реалноста. Во филозофска смисла, тоа значи конфликт меѓу субјектот и објектот. Објективноста, од една страна, и внатрешниот конфликт во самиот субјект, тие две дисонантни крајности, посебно се нагласени во неговата лирика. Оваа негова определба, карактеристична за целокупната македонска поезија, ги опфати не само интимата туку и поетовите романтичарски погледи во литературата. Блаже Конески е исклучително вешт во обликувањето на поетските слики, економичен и рационален во стихот, неповторлив во заокружувањето на поетските целости. Така, кога ги читаме песните Поезија, Поетика, Порака на љубимите, Сенка, По многу години, Жед, Пресадување, Учители, Послание и многу други, ние, всушност, ја препознаваме поетиката блиска до мудроста на македонскиот народен гениј. Оваа поетика стана сврзувачка алка за целокупниот опус на овој автор, особено на опусот создаван во последните децении од неговиот живот.

Како голем зналец на нашата традиција и спонтан беседник, Блаже Конески е во постојан дослух со новите тенденции, но, за разлика од многумина, тој никогаш не експериментира, не ја сведува песната на празен лирски ôд, туку, напротив, длабоко понира во суштината на мотивот за песна, пренесувајќи го со јазик разбирлив и прифатлив за народните маси. Така, тој со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература. Литература што се памети и што се искачува кон недопрени врвови. Како што забележува Матеја Матевски: тоа се гледа во длабењето во себе, во своето јас, во своите искуства и во искуствата на колективот, низ кои се проектира една лична, строга, кристализирана слика на светот. Затоа сите тие промени, дискретни и тивки, но постојани и упорни, укажувајќи на широчината на неговиот немир, уште повеќе укажуваат на едноставноста, на целосноста и на неменливоста на неговиот духовен идентитет.

Моево кажување за поетските посланија на Блаже Конески ќе го завршам со песната Премајка, во која поетот ни порачува:

            Се умножив

            во вас

            како во многу копии.

            Можеби во некого од вас

            Вештите луѓе

            Во иднината

            Ќе ја прочитаат

            Мојата вистинска природа.

Раде Силјан

Текстов е прочитан на 4 септември 1993 година на промоцијата на англиското издание на поетската книга „Послание“ од Блаже Конески, во препев на Ивона Бернс. Промоцијата се одржа во НУБ „Свети Климент Охридски“ благодарение на ангажманот на проф.Томе Саздов, поетот Михаил Ренџов и главниот промотор на изданието Јагода Михајловска - Георгиева.

Авторката на препевот на книгата „Послание“ од Блаже Конески е универзитетски професор од Лондон и голем пријател на Македонија. По осамостојувањетото на нашава држава и,особено по ембаргото на Грција, заедно со нејзиниот сопруг и син во летните месеци редовно доаѓаа во Македонија со повеќетонски камион и носеа хуманитарна помош за семејства во Охрид.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе