Посериозно треба да се сфати сајбер безбедноста

И покрај зголемените сајбер напади од почетокот на оваа година државата не презема доволно мерки за да се заштити.

Од порастот на сајбер-нападите за време на ковид-19 пандемијата во Северна Македонија не се поштедени ни институциите, ниту социјалните мрежи, а ги засенија и изборните резултатите за време на парламентарите избори во државата.

Откако почна пандемијата на ковид-19 вирусот во светот, почнаа да излегуваат и темните страни од општеството. Се шират лажни пропаганди, „лекови“ кои делуваат врз вирусот и сериозни обвинувања против политичари алудирајќи на фактот дека ковид-19 е само подвиг на светските влади.

Како и во другите земји, така и кај нас, коронавирусот предизвика секакво ширење на дезинформации, лажни податоци и експлоатации од страна на поединци, како и пошироки групи и организации. Освен политичките пропаганди, почна и еден бран на сајбер криминал и сајбер напади.

Хакерите ширум светот ја искористија сензитивноста и ранливоста на народот за време на пандемијата за да предизвика паника и страв. Истото се случува и во Северна Македонија.

На 23 јуни официјалната фејсбук фан-страница на градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, беше хакирана од неидентификувана хакерска група, која преку проверка на ИП адресата се воспостави дека физички се наоѓа во Индонезија.

Иако овде не се забележува злоупотреба на светската ситуација со коронавирусот, бидејќи Богоев успеа да си ја врати страницата и да пријави на надлежните институции пред да биде направена поголема штета, веројатноста е голема дека хакерската група позади хакирањето на фан-страницата сакала да го дезинформира македонскиот народ за ковид-19 и неговото ширење, лекување, контролирање, мерки за превенција и слично.

Уште еден случај за сајбер напад во Македонија за време на пандемијата се појави во вид на фалсификувана објава на страницата на сакамдакажам.мк, во која се наведува лажна вест дека изборите ќе бидат искористени како повод за почнување на проект од Бил и Мелинда Гејтс за вакцинирање на граѓаните. Оваа вест се прошируваше низ цел свет, но од сакамдакажам.мк истакнаа дека ова е лажна вест, и таа воопшто не постои како објава на нивната страница. Поднесена е и кривична пријава против сторителот.

Ковид-19 пандемијата не е единствената причина за хакирање на овие личности и институции. Откако Македонија стана членка на НАТО, таа станува уште поголема мета за сајбер напади од истокот и западот. Хакери успеаја да навлезат во министерствата за финансии и економија, каде што истите испраќале и-мејлови на вработените во министерствата во име на други вработени.

Еден од поголемите сајбер напади се случи токму овој месец за време на предвремените парламентарни избори на 15 јули, кога хакерски групи навлегоа во системот на Државната изборна комисија за време на собирањето на гласовите и истиот го оневозможија да работи. По кратко враќање на системот, се забележаа необјасниви промени во резултатите од гласачките ливчиња и оние внесените од електронскиот систем. Ваквите случувања и добиените резултати почнаа да будат сомневање за веродостојноста на истите, како кај политичките партии, така и кај граѓаните, со што несомнено ја засенија вистинитоста на изборните резултати.

Во 2018 година беше донесена Националната стратегија за сајбер-безбедност, заедно со акцискиот план во временска рамка од 2018-2022, со точно алоцирана одговорност за нејзино спроведување кај Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи. И покрај зголемените сајбер напади од почетокот на оваа година, кои може да се сметаат како предупредувања и најави за можно хакирање и нови сајбер-напади, особено за време на изборите, не беа преземени доволно мерки за да се заштити државата од истите, што остава впечаток дека институциите немале сенс или интерес, и дека поважен бил бројот на освоени гласови за време на изборите отколку сајбер-безбедноста.

Хакерството стана секојдневие во нашето општество. Постојано се изнаоѓаат нови и нови начини за влегување во ранливите институции, што се гледа и од досегашните примери. Со тоа, сметам дека е време институциите одговорни за спроведување на Националната стратегија за сајбер безбедност во поголема мера да се зафатат со дефинирање и имплементација на акцискиот план и да се подигне свеста и важноста за сајбер-безбедноста на повисоко ниво.

Сега, откако Северна Македонија е во НАТО, особено е важна безбедноста во истата за време на сурфање на интернет. Сајбер одбраната е во јадрото на колективната безбедност за сите членки, и организацијата гледа на интернет безбедноста исто како и безбедноста на копно, во вода и во воздух. Поради строгите правила за сајбер безбедности на земјите-членки, Северна Македонија станува позанимлива за хакерите, да можат да навлезат во државните институции и да шират лажни податоци.

Сајбер нападите се многу големо кривично дело, и со нивното зголемување со цел да се шират лажни податоци за КОВИД-19, како и општи обиди да се навлезе во државните институции и профили на функционерите, мислам дека е поважно од било кога да се сфати сериозно безбедното сурфање на интернет, бидејќи без разлика на нивниот општествен статус, религија, боја на кожа или возраст и придонес кој го имаат во државата, граѓаните се подлежни на вакви напади. Особено со влегувањето на Северна Македонија во НАТО, сметам дека сега треба посериозно од било кога да се сфати, бидејќи, членството во организацијата како и пандемијата со КОВИД-19, може да доведе до сериозни последици поврзани со здравјето, довербата на народот на социјалните мрежи, неосновани оптужби против законот во државата и функционерите и сл.

Досегашните хакерски напади, и неподготвеноста на државата за нивното превенирање и спречување, е доволна причина да се сфати сајбер безбедноста и безбедното сурфање на интернет посериозно од кога било.

Афродита Муслиу

(Авторката е извршен директор на НЕКСУС граѓанскиот концепт и истражувач во областа на насилниот екстремизам, етно-национализмот, говорот на омраза, лажните вести и дезинформациите)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Сега младите сакаат што е можно побрзо да ја напуштат својата земја. Тие веќе не се чувствуваат застапени и го изгубија чувството на припадност.

повеќе

Во либералните демократии веќе со години се продлабочува политичката поларизација, се намалува довербата во владеењето на правото и, институционално гледано, состојбата општо се распаѓа.

повеќе

Како по ѓаволите успеаја политичарите да го претворат токму Гоце Делчев во повод за поделби и омраза?

повеќе