Отворено писмо до амбасадорката Анџела Агелер

Најавите на американската администрација за бескомпромисна  борба против овие корумпирани,  неспособни  и криминални структури на сите нивоа на државата за македонските граѓани се единствено светло во тунелот.

Почитувана г-ѓа Агелер,

го одбрав овој начин да се обратам до Вас, со цел моето писмо да заврши во Вашите раце.

Доколку имате можност би Ве замолил да прочитате дел од моите колумни кои ги објавувам на порталот МКД.МК, со цел да се запознаете со моите ставови во врска со актуелните случувања во нашата земја.

Почитувана г-ѓа Агелер, САД се единствените вистински пријатели и поддржувачи на Македонија од распадот на СФРЈ па до денес. Со проектот „Тајван“ во 1998 година, требаше да се затворат сите отворени прашања на Балканот. За жал поради незнаење, нестручност и импровизации на  неколку од најблиските луѓе на Васил Тупурковски, овој проект пропадна. Со тоа се пропушти историска шанса, преку мирен, економски транзициски период, Македонија да стане економски лидер на Балканот. Соседите ќе ги заборавеа „прашањата од минатото“ и ќе се свртеа кон иднината.

После овој неуспешен проект, работите отидоа во друг правец. Од 2001 година па наваму, Македонија назадува во секој поглед и на секое поле. Се уништија сите столбови на државата. Почнувајќи од образованието, здравството, судството, културата, спортот, па сѐ до тотална партизација на сите сфери на функционирање на државата и на локалната власт. Македонија повеќе од 20 години е приватна сопственост на десетина „црвени тајкуни , албанскиот „татко“ Ахмети и неколку новопечени полуписмени олигарси. Овој „триумвират“ поставува судии, обвинители, ректори, декани, директори, пратеници, министри и премиери. Сите тие се под елементарното стручно и интелектуално ниво потребно за функциите кои ги обавуваат. Резултатот од нивното работење е распад на државата по сите основи.  

Ако прошетате по Македонија ќе се фрапирате колку неспособни и нестручни  луѓе се поставени да раководат и работат со сите институции на државно и локално ниво. Истата состојба се отсликува и во бизнисот. Со чесни исклучоци, најбогатите луѓе во Македонија се луѓе со просечно образование и стручност и никакво ниво на култура и морал. Богатството и успехот им се базира без исклучок на поврзаност со „триумвиратот“, државните тендери, монополски бизниси со енергија, телекомуникации, фармација, здравство, шверц и корупција.

Граѓаните се само беспомошни гледачи на овој хаос од држава, донесени на ниво на борба за гола егзистенција. Стотици илјадници чесни и способни граѓани, не можат да сфатат како  неспособни и приучени луѓе живеат во раскош и богатство, а тие не можат да ги подмират ни основните животни потреби.

Состојбата е алармантна. Секој што ќе се обиде да Ви претстави друга слика за Македонија, треба да знаете дека Ве лаже.

Најавите на американската администрација за бескомпромисна  борба против овие корумпирани,  неспособни  и криминални структури на сите нивоа на државата за македонските граѓани се единствено светло во тунелот. Сите граѓани веруваат дека тоа не е светло од локомотива која доаѓа кон нив. Граѓаните сакаат да веруваат дека за Македонија има спас. Македонските граѓани сакаат да учат, да работат, сакаат да си ги вратат своите деца од печалба по туѓина. Тоа и го заслужуваат.

Затоа г-ѓо Агелер, застанете на страна на правдата, законот, демократијата и универзалните човекови права и вредности и испратете го овој „триумвират“ во историјата. Знаеме дека можете. Македонските граѓани се Вашиот партнер во тој процес на „СПАС НА МАКЕДОНИЈА“.

Со почит,

Ангел Наков, Гевгелија

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе