Oд отпад до зелена енергија

Стратешко партнерство на македонската влада со Зока енерџи солушнс, компанија регистрирана за обработка и отстранување на опасен отпад, не е правилен начин за решавање на проблемот во мала држава како Македонија.

Македонија се дави во отпад. Секоја година гледаме како се создава, фрла и согорува се повеќе отпад во депонии без еколошки стандарди. Постојат депонии кој дневно емитуваат штетни гасови во голем број на градови и села во државата. Додека возите кон Охрид од Ресен, мирисот на депонијата Буково ќе ве пречека пред најпопуларната туристичка дестинација во Македонија. Како директна последица на овие депонии е создавањето метан гас, што е 25 пати помоќен и поштетен отколку јаглерод диоксид. Во иднина, депониите може да имаат и последици врз туризмот во Македонија.

Во 2019 година, Македонија имаше 0,3% стапка на рециклирање. Во истата година, се генерираа 2.509 тони отпад дневно, или 916.000 тони годишно. Бројките на отпад продолжуваат да растат додека процентот на рециклирање опаѓа. Во регионална споредба, Словенија има стапка на рециклирање од 59,2%. Недостатокот на јасна стратегија за управување со отпад и нејзина имплементација ја доведе земјата до ситуацијата во која што се наоѓа денес. Уште позагрижувачки е фактот дека Македонија вложува само 0,5 евра по глава на жител за заштита на животната средина, додека земјите од регионот инвестираат 2 евра по глава на жител. Развиените земји на ЕУ инвестираат 10 евра по глава на жител.

Решението за проблемот не е толку тешко како што изгледа. Примери за решенија на проблемот може да се најдат во Африка. Државите таму почнуваат да ги користат најновите технологии за третман на комунален отпад посовремени дури и од некои европски земји. Македонија заостанува зад земји како Етиопија и Јужна Африка, каде што се создава обновлива енергија од отпадот во градови како што се Адис Абеба и Кејптаун.

Проектот за претворање на отпад во зелена енергија наречен Репи во Етиопија обработува 400.000 тони годишно и неговата изградба чинеше 118,95 милиони долари. Комуналниот отпад што се третира во оваа централа преку согорување произведува пареа што се користи во две турбини од 25 MW и генерира 185 милиони KWh електрична енергија годишно. Ова е доволно електрична енергија за 30% од домаќинствата во градот Адис Абеба каде што живеат 5 милиони жители. Дополнително, централата не испушта штетни гасови во воздухот, туку ги третира преку специфичен третман што ги чисти според најстрогите стандарди на ЕУ иако централата се наоѓа во Африка. Со остатоците од пепел се произведуваат 27.000 тули, а централата истовремено рециклира 3,6 милиони килограми метали на годишно ниво. Репи дополително користи инсекти за отстранување на отпадот од храна кои подоцна ги користат како храна во живинарска фарма.

Во Јужна Африка, фабриката за биогас во Кејптаун преработува 219.000 тони отпад годишно и чинеше 27 милиони долари. Комуналниот отпад третиран во оваа централа произведува висококвалитетен биогас за транспорт, јаглерод диоксид за индустрија и органско ѓубриво за земјоделство. Претпријатијата за собирање комунален отпад плаќаат надоместок за да го одведат отпадот во централата. Надоместокот сочинува 50% од приходите за централата, а остатокот од приходот се создава преку продадениот биогас (45%) и органско ѓубриво (5%).

Македонија може да ги искористи обете решенија за решавање на проблемот со управување со отпад. За околу 200 милиони долари, владата може да си дозволи да создаде јавно приватно партнерство што би користело мешано финансирање за изградба на централите. Мешано финансирање е начин на финансирање каде се користат јавни финансии и приватен капитал. Проектот може да ги искористи финансиските средства и грантовите од Зелениот договор на ЕУ за реализација на проектите. Дополнително, може да се наведе дека приватниот партнер се повлекува после 30 години и државата станува единствен сопственик на централите.

Со создавање на централа каде би се користело согорување и две централи за биогас, владата може да го реши проблемот со над 91% од создадениот комунален отпад во државата и истовремено да ги диверзифицира методите за истото. Важно е поголемата централа да биде близу до Скопје, бидејќи главниот град и околните населени места создаваат најголем дел од отпадот во Македонија. Другите две централи можат да бидат во општини каде би било најизводливо и најцентрално за да се собере отпад на регионално ниво. Како алтернатива, голема централа може да се изгради на централизирана локација во државата со дополнителни регионални локации за собирање на отпад. Проблем претставуваат трошоците за транспорт кој би ги зголемиле еколошките трошоци за реализација. Битно е да се наведе дека овие се само предлози. Постојат повеќе варијанти за локациите и количината на централи што можат да се изградат.

Стратешко партнерство на македонската влада со Зока енерџи солушнс, компанија регистрирана за обработка и отстранување на опасен отпад, според мене, не е правилен начин за решавање на проблемот во мала држава како Македонија. Со ова решение би се ставило сето управување на отпад во контрола на приватна компанија каде што државата нема удел и придонеси, а комуналните претпријатија би имале трошоци за одведување на отпадот во централата. Компанијата треба да инвестира над 300 милиони евра за обработка и отстранување на комунален отпад и да создаде зелена енергија преку сеуште нејасен процес кој ниту владата, ниту инвеститорот го имаат образложено. Доколку Зока би го обработила комуналниот отпад, компанијата не треба да биде регистрирана за преработка и отстранување на опасен отпад, туку за комунален отпад. Ова може да отвори можност за увоз и обработка на опасен отпад, а со тоа и понатамошно уништување на животната средина и квалитетот на животот на граѓаните. Дополнително, компанијата е регистрирана пред една година и нема докажано функционален концепт или соопштено кредибилен странски инвеститор како партнер. За споредба, и во Етиопија и во Јужна Африка, компаниите што ги градеа централите беа големи претпријатија со докажан концепт и ги поддржуваа меѓународни организации за да се осигурат дека се исполнети сите еколошки стандарди. Ваквиот концепт на работа докажан преку светски примери е потребен да се имплементира и во Македонија за да се зачува животната средина и подобри квалитетот на живот на граѓаните.

Стефан Вељановски

(Авторот е доктор по економски науки)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе

Во последните 30 години сите политички партии, независно од тоа колку демократски се претставуваат во своите програми, на државата гледаат како на инструмент, што е пак првиот сигнал, чекор кон авторитарност.

повеќе

Ако денес направиме една историска книжевна паралела, драмското дело на Стефановски ќе го квалификуваме како антологиски бисер, кого и сегашните и идните генерации ќе го чуваат како неодминлив столб на целокупната македонска драмска литература.

повеќе