Новиот закон што ги отвора браните на цензурата во Турција

Турската влада има нови барања од социјалните медиуми и дигиталните платформи како што се Фејсбук (Facebook), Ватсап (Whatsapp), Инстаграм (Instagram) и Твитер (Twitter). 

2021 година ќе биде година кога ќе видиме дали технолошките гиганти ќе се приспособат на регулативите или ќе бидат блокирани во Турција.

Темата за социјалните медиуми беше една од најчесто дискутираните теми во Турција изминатата година. На 1 јули, претседателот Ердоган изјави дека планираат да ги затворат и контролираат социјалните медиуми, додавајќи дека, од морална гледна точка, тие се против платформите како Јутјуб (YouTube), Twitter и Нетфликс (Netflix). „Овие платформи не одговараат на оваа нација. Сакаме да ги затвориме и да ги контролираме со тоа што процедурата ќе ја донесеме пред парламентот што е можно побрзо“. Овој говор предизвика жестока реакција на Твитер и (#SosyalMedyamaDokunma #РацетеНастранаОдМоитеСоцијалниМедиуми) таму веднаш стана најактуелната тема.

Неколку часа по говорот на Ердоган, Дирекцијата за комуникации на Претседателскиот кабинет објави изјава во која се вели дека зборовите на Претседателот за „исклучување“ биле извадени од контекст, но во изјавата се потврди фактот дека се воведуваат нови правила. „Одредени платформи за социјални медиуми ги прекршуваат правата на нашите граѓани денес. Во исто време, тие платформи неконтролирано остваруваат профит во нашата земја и го продолжуваат своето работење, имуни на какви било даночни обврски. Ги преземаме неопходните чекори за да поведеме сметка интернет компаниите и социјалните медиуми да отворат правни и финансиски застапништва во нашата земја“.

Новиот закон е закана за слободата на говор

Истиот месец, парламентот го усвои новиот предлог-закон за платформите за социјални медиуми што имаат повеќе од 1 милион корисници во Турција. Според законот, постојат четири главни обврски за овие сервиси. Како прво, наведените платформи мора да отворат претставништво на територијата на Турција и да назначат официјален претставник на компанијата. Второ, наведените платформи мора да плаќаат даноци како што плаќаат другите правни лица. Трето, кога владата бара кориснички податоци, платформата мора да обезбеди пристап. Како последно, кога владата сака платформата да отстрани некаква содржина, содржината мора да се отстрани во рок од 48 часа.

Ако социјалниот медиум одбие да отвори претставништво, ќе има систем на казнување во 5 чекори. Во првиот чекор, компанијата ќе има рок од 30 дена да ја исполни законската обврска, кој почнува да важи од датумот на првото предупредување од Бирото за информатички и комуникациски технологии (ВТК). Ако не го стори тоа, платформата треба да плати казна од 10 милиони лири. Во вториот чекор, оваа казна ќе изнесува 30 милиони лири. Во третиот чекор, ќе се спроведе забрана за рекламирање. Доколку платформата сè уште не назначила претставник во рок од 3 месеци, ВТК има право да го намали пропусниот опсег (bandwidth) на провајдерот на социјалната мрежа до 50%. И како последен чекор, пристапот до платформата ќе се намали со тоа што ВТК ќе го намали пропусниот опсег за 90%.

Законот е на сила од 1 октомври, но тоа не се единствените правила што се однесуваат на интернет-медиумите во Турција. Во август, Врховниот совет за радио и телевизија (RTÜK), исто така, доби позиција на супервизор за интернет содржина, вклучувајќи ги Нетфликс, Амазон прајм (Amazon Prime) и Јутјуб. Неговата улога е да ги контролира програмите од аспект на моралните вредности и да ги отстрани несоодветните епизоди од платформата во земјата. Покрај тоа, секоја платформа мора да извади лиценца што чини 100.000 лири (нешто над 11 илјади евра).

Отпор од дел од компаниите

Netflix, Amazon Prime, Тикток (TikTok) и Дејлимоушн (Dailymotion) ги исполнија условите и одлучија да назначат претставници во Турција, но се чини дека не секоја компанија за социјални мрежи има намера да ги прифати барањата. Во декември, Facebook, Instagram, Twitter, Перископ (Periscope), Пинтерест (Pinterest) и Линкдин (LinkedIn) се соочија со вториот чекор од санкционирањето, што е парична казна од 30 милиони лири за секоја од нив. Ако наведените платформи не го испочитуваат законот во рок од 30 дена, може да им се изрече забрана за рекламирање овој месец.

Спотифај (Spotify) е една од оние платформи кои неодамна беа во опасност да бидат блокирани поради проблеми со лиценцата. Платформата на крај прифати да ја плати лиценцата и да отвори претставништво во Турција. Според поранешниот член на RТÜК и народен правобранител за медиуми, Фарук Билдириџи, причината за притисокот врз Спотифај беа поткастите, додавајќи дека „Тие имаат намера и таму да вршат полициска контрола врз мислите. Алергични се на слободни простори “.

На 16 декември, YouTube објави дека прифаќаат да назначат претставник во Турција, но исто така ја нагласија нивната политика против каква било владина интервенција. „Овој чекор кон почитување на законите нема да го промени начинот на кој YouTube постапува по барања за отстранување содржина, ниту пак ќе го смени начинот на кој YouTube постапува со или чува кориснички податоци“. И ова би можело да биде основа за потенцијални проблеми во иднина помеѓу платформата и турската влада, бидејќи YouTube беше забранет во земјата поради слични причини неколку пати во минатото.

Неуспешен обид да се вратат луѓето на традиционалните медиуми

Како општа причина за овој радикален закон, владата обично ја посочува негативната страна на социјалните медиуми како на пр. лаги, клевети и абнормалности. Од овој аспект, создавањето побезбедна средина на Интернет и избегнување обиди за линч може да бидат една од главните причини. Од друга страна, со оглед на лошата состојба на турската економија, редовниот приход од данок од вакви платформи може да ѝ помогне на владата да се справи со финансиските проблеми. Покрај тоа, социјалните медиуми обезбедуваат независен простор за различни гласови, вклучувајќи и поддржувачи на опозицијата. За разлика од традиционалните канали и весници, ваквите платформи им даваат повеќе можности на луѓето во однос на слободата на говорот.

Може да се каже дека турскиот народ започна да го губи интересот и вербата во традиционалните медиуми, поминувајќи повеќе време на Интернет. Поради тоа, владата можеби сака да го врати вниманието на луѓето кон традиционалните медиуми. Според Центарот за американски напредок-САР, 70% од турските граѓани сметаат дека традиционалните медиуми се пристрасни и неверодостојни. Исто така, 56% од испитаниците сметаат дека медиумите се контролирани од владата.

Иако владата ги отфрла обвинувањата за цензура, посочувајќи ја Германија како пример, опозицијата го нагласува прекршувањето на слободата на говорот. Во интервју за Би-Би-Си на турски јазик, Онурсал Адиѓузел, потпретседател на најголемата опозициска партија (СНР) кој е одговорен за информатичките и комуникациските технологии, вели „Овој предлог ќе предизвика цензура. Затворањето новинска веб-страница во Германија не е вообичаена работа, но има стотици такви примери во Турција“. Според Илхан Ташчи, член на RТÜК, медиумите веќе беа под строга контрола од владата и „оваа имплементација ќе се впише во историјата како регулатива што ја блокира слободата“.

Бидејќи новата регулатива беше во постапка во октомври, сè уште не дошло до целосен блок за платформите за социјални медиуми. Меѓутоа, ако се случи, ова може да доведе до масовна промена за граѓаните од сите возрасти, бидејќи социјалните медиуми веќе станаа важен дел од секојдневниот живот во Турција. Според податоците од октомври 2020 година од We Are Social („Ние сме социјални“), Турција е меѓу првите 10 земји во светот според бројките на корисници на социјални медиуми. Фејсбук има околу 40 милиони, Инстаграм има 44 милиони а Твитер има 16 милиони корисници во земјата.

Овие бројки исто така ја ставаат Турција највисоко на листата на корисници во Европа. Покрај овие корисници, особено во последниве години, YouTube речиси стана деловен сектор во земјата, бидејќи многу познати јутјубери остваруваат приходи преку милиони претплатници и кликови. Понатаму, тоа е и значајно место за новинарите кои беа отпуштени од конвенционалните медиумски институции, дозволувајќи им да основаат свои канали и да објавуваат вести. На пример, „Созџу“ (Sözcü), еден од најпродаваните турски весници што главно го читаат приврзаници на опозицијата, чека лиценца за официјално емитување телевизиска содржина речиси 10 месеци, но сè уште не му е доделена од RTÜK. Затоа тие моментално емитуваат содржини на YouTube.

Независната мисла се смета за негативна работа

Една од главните причини за ориентирањето на граѓаните кон социјалните медиуми во волкав размер е политичката клима во земјата. Владата има поддршка од конвенционалните медиуми, како што се весниците и традиционалните ТВ-канали. Бројот на канали и весници кои се сметаат за независни е ограничен, што ги тера луѓето да бараат нови извори на емитување. Ова беше очекувано бидејќи сè повеќе луѓе се жалеа дека на вестите на ТВ-каналите и весниците не се застапени сите гледишта и ставови. На пример, неодамна, Телевизија Олеј (Olay TV), телевизиски канал чиешто мото е независни вести, успеа да опстане само 26 дена во етерот. Сулејман Сарилар, главен уредник на Олеј ТВ, рече дека владиниот притисок врз сопственикот на каналот е главната причина за нивното затворање.

Во моментов Твитер е најполитичката социјална платформа во Турција, давајќи ѝ можност на јавноста да креира агенда и гласно да се изјасни за разни прашања, од барањата за зголемување на платите до правата на жените. Навистина, освен негативните страни, како што се ризиците од лажни вести и навредливи фрази, социјалните медиуми можат да бидат единствено место кое обезбедува комуникациски канал помеѓу граѓаните и политичарите, поддржувајќи го граѓанското учество што е една од главните карактеристики во демократиите.

Во Турција, не само граѓаните, туку и политичарите, вклучително и повеќето членови на владата, често користат такви платформи. И во минатото, преку јавно споделување причини за загриженост и проблеми што го засегаат општеството, успешно беа спречени некои специфични предлози за законски акти за кои мнозинството од народот беше против. Со оглед на фактот дека Твитер е најнеподготвена од сите платформи за назначување локален претставник, исклучувањето или намалувањето на пропусниот опсег на овој канал ќе ја оштети оваа неопходна комуникација. Исто така, ќе се намали гласот на опозицијата која не може да најде доволно простор во традиционалните медиуми.

За следните избори што ќе се одржат во 2023 година, младите гласачи се сметаат за клучни, затоа што генерацијата Z за првпат ќе има право на глас на избори и нивниот број ќе сочинува околу 15% од сите гласачи во Турција. Исто така, се верува дека нивната реакција на сегашната влада не е многу позитивна. Младите се главната возрасна група која ги користи социјалните медиуми многу често во Турција и секое владино затворање на популарна мрежа може да се сфати како политичка интервенција во нивниот секојдневен живот, така што и ова може да има влијание врз нивната политичка тенденција.

Социјалните медиумски гиганти треба да донесат одлука

Во 2021 година, социјалните медиуми ќе треба да донесат одлука во врска со законот за социјални медиуми во Турција, доколку владата не ги ублажи утврдените правила. Ним им преостануваат околу 4 месеци до последниот чекор од спроведувањето на казната. Оние платформи кои сè уште не постапиле согласно законот се соочуваат со третиот чекор, што треба да се случи овој месец, со забрана за рекламирање.

Неодамна, некои од компаниите го прифатија законот, иако на почетокот се двоумеа дали да назначат претставник и да плаќаат данок. Значи, тоа може да биде знак дека другите ќе ги следат. Исто така, според некои извори, Facebook, Instagram и LinkedIn во моментов ги разгледуваат барањата. За нив е поверојатно официјално да продолжат да постојат во Турција. Меѓутоа, се очекува Твитер да биде многу построг поради своите политики. Можеби ќе биде потребно подолго време да се види дали тие ќе го прифатат законот.

Овие компании можеби не сакаат да изгубат милиони корисници, па ќе ги почитуваат барањата и нема да се повлечат од турскиот пазар. Од друга страна, тие можат да инсистираат на нивните институционални политики со зачувување на приватноста на корисниците и да ѝ пркосат на каква било политичка интервенција врз нивната содржина. Во тоа сценарио, Турците може да бидат лишени од такви платформи, особено од Твитер.


Каан Бајракошан (Kaan Bayirakosan)

(Авторот е студент на магистерските студии по политички науки на Универзитетот во Варшава во Полска. Завршил додипломски студии по новинарство на Универзитетот Еге во Турција. Тој исто така студирал на Универзитетот Вилнус во Литванија во оваа област како дел од програмата за размена на студенти. Тој има новинарско искуство во локалните медиуми за време на неговите студии во Измир, Турција.)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе