Ниту Косово не е имуно на руската пропаганда во регионот

Се чини јасно дека целокупното инсистирање на Руската Федерација да ја спореди агресијата во Украина со војната во Косово е да создаде алиби на меѓународната сцена за окупацијата на Украина и последиците што таа окупација ги носи таму.

Невозможно е да се игнорира било која војна, независно каде се случува. Не е важно дали сте во тек со случувањата околу тој конфликт и која страна нападна прва. Во денешниот свет на медиумите и технологијата, имате можност да добивате ажурирани информации и да формирате првично и принципиелно мислење во врска со таа војна. За кртако време ќе се уверите кој е жртва, а кој агресор. Не можете да останете неутрални. Дефинитивно ќе заземете страна.

И, како поединец кој не претставува ниту една институција или не е дел од државата/нацијата која е во војна, пристрасноста природно оди на страната на жртвата.

Руската агресија во Украина не е исклучок во овој случај. Оваа војна, која се одвива во Украина од 24 февруари оваа година, ги подели нациите и луѓето на глобално ниво. Повеќе од јасно е дека повеќето земји во светот се изјаснија против руската агресија.

Поддршка од Косово за Украина

Во оваа смисла, Косово без никаков сомнеж се построи покрај Украина и западните сојузници. Одобрувањето на санкции против Русија од страна на Владата на Косово беше првиот чекор што го презеде Косово, со што покажа директна поддршка за Украина и нејзиниот народ. Но, тоа не беше се. Собранието на Косово на посебна седница усвои резолуција против руската инвазија и за поддршка на украинската држава.

А само неколку дена подоцна имаше и јавен протест организиран од граѓани и граѓански организации, каде луѓето го искажаа својот револт за руската инвазија на Украина. Односно, постоеше јасна синхронизација помеѓу институционалниот и општествениот одговор. Со други зборови, имаше рационална и добро осмислена реакција од државните институции, но во исто време видовме и морална поддршка од граѓаните на Косово.

Целата поддршка и генерално ставот на Косово во врска со овој конфликт дојде и покрај фактот што Украина се уште не ја признала државата Косово. Покрај тоа, во неколку изјави, украинскиот амбасадор во Белград не се двоумеше да го повтори ставот на неговата земја дека Украина го признава суверенитетот и интегритетот на Србија, вклучително и Косово како нејзин дел. И покрај ваквиот став, неодамна имаше комуникација меѓу Крешник Ахмети, заменик министер за надворешни работи на Косово и неговата украинска колешка г-ѓа. Емине Џапорова, каде таа му се заблагодарува на Косово за принципиелниот и правичен став за поддршка на Украина, иако украинскиот став во однос на признавањето на државата Косово останува непроменет.

Паралелно со подготовките за војна што ги правеше Руската Федерација близу украинската граница, на Балканот започна голема кампања на дезинформации, вклучително и во Косово. Така, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги обвини Косово и Албанија дека заедно со Украинците регрутираат албански платеници. Овие изјави беа дадени само неколку дена пред руската агресија во Украина и дека крајната цел им е да создадат тензии на Балканот. Но, против изјавите на Лавров веднаш проследи реакција на Владата на Косово, која рече дека ова е само обид на Русија да ги дезинформира граѓаните и да му наштети на Косово.

Згора на тоа, Косово веќе неколку години има закон со кој се санкционираат неговите граѓани да учествуваат во војни кои се случуваат надвор од територијата на земјата. Војната во Украина не е исклучок согласно дефинициите во одредбите на овој закон.

Според перцепцијата на граѓаните на Косово, Русија е земја противник на Косово и се што доаѓа од оваа земја се гледа со голем сомнеж. Според студијата на Косовскиот центар за безбедносни студии во 2020 година, над 80 отсто од граѓаните на Косово веруваат дека Русија е непријателска држава кон Косово. Ваквиот став на граѓаните на Косово воопшто не изненадува, знаејќи го фактот дека Руската Федерација е жесток противник на сите политички случувања на Косово повеќе од две децении. Беше и продолжува да биде еден од најгласните поддржувачи на Србија во спротивставување на независноста на Косово. Таа постојано ја блокираше секоја иницијатива на Косово за членство во меѓународните организации.

Во обид да го оправда рускиот напад врз Украина, рускиот претседател Владимир Путин за време на заедничката конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц ја истакна хуманитарната интервенција на НАТО во Косово во текот на 1999-тите како паралела со она што ќе се случи само неколку дена подоцна, во Украина.

Софистицирана кампања на дезинформации

Како што продолжува војната во Украина, руските власти ги интензивираа изјавите кои ја поврзуваат тамошната војна со војната во Косово. Така, министерот за надворешни работи Лавров постојано ги повторува изјавите дека масакрот во селото Речак бил исцениран од страна на западните земји. Ваквиот став на Лавров доаѓа и покрај фактот што Русија беше дел од мисијата на ОБСЕ на Косово во 1999 година, каде што го потврди масакрот во Речак во јануари истата година.

Се чини јасно дека целокупното инсистирање на Руската Федерација да ја спореди агресијата во Украина со војната во Косово е да создаде алиби на меѓународната сцена за окупацијата на Украина и последиците што таа окупација ги носи таму.

Меѓутоа, актуелната кампања на Русија не е нешто непознато за институциите на Косово. Од 2014 година, кога беше анектиран Крим, во многу случаи руските официјални лица прават споредби меѓу правото на Косово да стане независно од Србија и правото на Крим да и се приклучи на Руската Федерација.

Бидејќи се свесни за растот и ширењето на непроверени вести и дезинформации, Независната комисија за медиуми го прекина емитувањето вести од официјалните руски канали. Оваа одлука предизвика руските медиуми, како што се Спутник и Русиа Тудеј, да не им биде дозволено да емитуваат програма на територијата на Република Косово. Сепак, и покрај оваа одлука, ширењето на дезинформации на интернет и социјалните медиуми продолжи да се одвива без никаква пречка. Во овој период, во не малку случаи, сведоци сме дека медиумите на Косово кои емитуваат претежно на српски јазик, дистрибуираа непроверени вести, дезинформирајќи ја српската заедница на Косово.

Повеќе од јасно е дека Србите на Косово се под екстремно влијание од официјален Белград, а ставот на српската држава во однос на војната во Украина беше отворено проруски.

Како што е потврдено, Србија нема воведено санкции кон Русија. Исклучувајќи ја Белорусија, таа е единствената земја во Европа што не го сторила тоа. Ваквиот став на Србија во однос на руската агресија во Украина во голема мера влијаеше врз српските граѓани и медиумите на српски јазик да го заземат овој став во корист на Русија, а со тоа и ширењето на дезинформации за војната во Украина станува уште полесно.

Затоа, и покрај фактот што повеќето граѓани на Косово разбираат дека Русија е противник на државотворноста на Косово и дека интересот на оваа земја е да создава проблеми на Балканот, важно е јавните институции да бидат свесни и подготвени за една софистицирана медиумска војна на Русија во земјата.


Петрит Зогај

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa.)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе

Според последното истражување на организацијата ПИНА, базирано врз анкети направени со 103 новинарки, 24,1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5% и закани по животот.

повеќе