Нeсовршениот облик на мирот во Украина

Колку и да сакаме Украинците да добијат целосна правда, на ерата на славни војни, несомнени победи и чисти порази ѝ дојде крајот. 

Најдобрата надеж за мир во Украина денес е договор со Русија што нема целосно да ги исполни барањата на ниту една од страните, но кој страните ќе можат некако да го прифатат и кој ќе вклучува суштински реформи на европската безбедносна архитектура.

Светот препознава неправедни војни. Затоа, неиспровоцираната инвазија на Украина што ја спроведе рускиот претседател Владимир Путин доби толку голема осуда. Меѓутоа, за да се дојде до мировно решение, што е клучот за ставање крај на повеќето војни, ќе треба да се посвети внимание не само на правдата, туку и на стабилноста и рамнотежата помеѓу спротивставените национални интереси и амбиции. Тогаш, прашањето е: како би изгледал стабилен мир во Украина?

Теоретски, би требало да се прифати само вистинска правда во Украина. Тоа значи обезбедување безусловен пораз на Русија, враќање на целосниот територијален интегритет на Украина, а можеби дури и репарации од Русија за да се помогне во финансирањето на обновата на Украина.

За многумина што ја следат состојбата, овој исход изгледа сосема веројатен. Некои, како што е рускиот опозициски политичар Владимир Милов, тврдат дека се ближи крајот на владеењето на Путин. Други веруваат дека Русија ќе претрпи решавачки пораз на бојното поле. Британскиот историчар Ентони Бивор, на пример, предвидува воен колапс и понижувачко повлекување. Јувал Ноа Харари нè уверуваше дека Путин ја загуби војната на денот кога ја започна.

Но, ерата на славни војни, несомнени победи и чисти порази заврши. Да, убиствената армија на Путин е неефикасна, несмасна машина што не напреднала од застарените тактики од Втората светска војна. Сепак, комбинацијата на варварство и самата бројност на војската - „квантитетот има свој квалитет“, рече Сталин - му овозможи на Путин да постигне значителни територијални придобивки во источна Украина и долж брегот на Црното Море.

Се разбира, Западот обезбедува огромна, а и растечка, воена помош за Украина, што би можело до одреден степен да го смени текот и да ѝ даде предност на Украина, особено со оглед на меѓународната изолација на Русија. Но, оваа војна останува асиметрична, и не само затоа што се случува на украинско тло. Како резултат, економијата на Украина не може да функционира, а руските војници можат да целат на цивили - и, како што покажуваат повеќе извештаи и видеа, го прават тоа без двоумење.

Често се случувало безизлезните ситуации што се штетни за двете страни да поттикнат напредок кон мировни спогодби. Меѓутоа, во сегашната војна, воениот ќор-сокак ќе ѝ наштети на Украина многу повеќе отколку на Русија, дури и ако Путин се воздржи од употреба на хемиско или тактичко нуклеарно оружје. А ако ја премине таа линија, цената за Украина вртоглаво ќе порасне.

Ова е реален ризик. Иако Западот се обидува да ја калибрира својата воена помош за Украина за да не испровоцира руска ескалација, притисокот врз Путин се засилува. Судејќи по неговиот говор по повод „Денот на победата“, тој добро ги знае границите на неговата војска и кревкоста на јавното мислење.

Многумина стравуваа дека Путин ќе ја искористи комеморацијата за победата на Русија над нацистичка Германија за формално да ѝ објави војна на Украина, што ќе му овозможи да испрати стотици илјади млади регрути на бојното поле. Но, тој ден помина, а војната за Русија останува „специјална воена операција“. Путин, се чини, не сакаше да ризикува да предизвика отпор од својот народ.

Но, ова можеби не е причина за славење. Да не заборавиме, Русија го поседува најголемиот нуклеарен арсенал во светот, а Путин има неограничена моќ да го користи, а истовремено е и човек кој не може да прифати пораз. Автократите кои губат војни ја губат моќта - а понекогаш и губат контрола. Ако Путин се почувствува притеснет, може да помисли дека само со распоредување тактичко нуклеарно оружје ќе успее да си го спаси угледот.

Ова укажува на опасностите од ослабената Русија. Но, дури и убедливиот руски пораз е застрашувачко сценарио. Да, под такви околности - и само такви околности - Путин би можел да биде урнат од власт со некаков државен удар предводен од елементи на рускиот безбедносен апарат. Но, мали се шансите тоа да создаде либерална демократска Русија која ќе ја напушти грандиозната стратегија на Путин. Поверојатно, Русија би била непријателска нуклеарна суперсила со која владеат воени пучисти кои сакаат да се реваншираат. Нешто како Германија по Првата светска војна.

Додека се обидуваат да го изведат поразот на Русија во Украина, Соединетите Држави и нивните сојузници во НАТО не смеат да заборават на она што би следувало. Огромна, нуклеарно вооружена и понижена сила не може едноставно да се изолира или игнорира. Дури и додека ѝ помагаат на Украина да се спротивстави на агресијата на Путин, тие мора да се обидат да ја интегрираат Русија во пошироката безбедносна архитектура на Европа, преобликувајќи ја таа архитектура за да се отстранат некои причини за загриженост на Русија. Во спротивно, Путин не може да направи доволно отстапки без да го загрози неговиот политички, ако не и физички опстанок.

Покрај завршувањето на обидот за влез во НАТО и одржување на неутралност како Австрија - отстапки на кои практично се согласи украинскиот претседател Володимир Зеленски – ќе биде потребно решение за регионите со етничко руско население - Доњецк и Луганск, чија „независност“ Путин ја призна неколку дена пред инвазијата. Одговорот би можел да биде некаква форма на самоуправа, според она што беше утврдено во договорот Минск II од 2015 година.

Нема големи изгледи дека Путин ќе се согласи да ја поништи анексијата на Крим, дури и во замена за разјаснување на статусот на руската Црноморска флота во Севастопол. Но, можеби ќе прифати да го одложи својот сон за територијално допирна руска сфера на влијание што ќе се протега од Москва па сè до Црното Море. Тој, исто така, треба да се согласи да го почитува територијалниот интегритет на Молдавија и на Грузија.

Одговорноста да се убеди Путин да ги направи овие отстапки, во замена за соодветни стратешки договори, паѓа првенствено на САД. На крајот на краиштата, според Путин, Русија во моментов се бори против САД и НАТО - не само со Украина. Американскиот претседател Џо Бајден ги препознава опасностите од притеснување на Путин, па затоа треба да понуди стратегија за излез со која ќе го зачува угледот. Економските последици од санкциите, прогресивното слабеење на руската војска, сеништето на герилска војна што ја нагризува неговата обесхрабрена армија и недостатокот на меѓународна поддршка за Русија треба да го мотивираат Путин да прифати разумна понуда.

Таа понуда нема да ја обезбеди правдата што ја заслужуваат Украинците. Но нема ни да претставува триумф за Русија. Наместо тоа, ќе биде договор што нема целосно да ги исполни барањата на ниту една од страните, но кој страните ќе можат некако да го прифатат - разочарувачки за сите, но подобар од другите опции.

Шломо Бен-Ами

(Авторот е поранешен израелски министер за надворешни работи, е потпретседател на Меѓународниот центар за мир во Толедо и автор на книгата „Пророци без чест: Самитот на Кемп Дејвид во 2000 година и крајот на дводржавното решение“ Prophets without Honor: The 2000 Camp David Summit and the End of the Two-State Solution , Oxford University Press, 2022).

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе

Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. 

повеќе