Македонските комунисти ја создадоа современата македонска држава

Старо правило е дека победниците (не само во војни...) ја пишуваат историјата. Така било, така и останува. Како мала земја, наш интерес е во секоја прилика да ги афирмираме фактите.

 

Одбележувањето на 100 годишнината од Букурешт е убава прилика да се погледне макар бегло во историјата, за да се нотираат голготите ама и постигнувањата на македонскиот народ. Тоа е особено важно денес бидејќи и после цел век, соочени сме со истите предизвици. Исправени сме пред политики кои отворено и без исав демонстрираат сила, двојни стандарди, иредентизми… кои премногу наликуваат на крајот од 19 и почетокот на 20 век. Апсурдот да биде целосен, некои неправедности од пред 100 години се исправаат (обединувањето на Албанците), додека кај “Македонското прашање“, на пример, на маса се обиди, на крајно нехумана и непринципиелна основа, тоа (повторно!) насилно да се затвори.

Етничката македонска територија, која објективно не беше национално компактна, поради историските, вековни собитија кои претходеа, беше распарчена со Букурешкиот договор, во 1913 година. Откако  Букурешкиот договор беше верификуван во Версај, главните фактори сметаа дека проблемот со Македонците е – затворен! Логично, следеа тешки, нецивилизациски геноциди врз македонскиот народ кои, со мали исклучоци  (АБеЦе-дарот...), сите ги толерираа. Непризнаени, угнетувани, преселувани, прекрстувани... Македонците минуваа низ невидени голготи. Ама, издржаа!

Се до Втората светска војна, „Македонското прашање“ навистина беше – дел од историјата. Се променија топонимите; се извршија размени на население, сите на сметка на Македонците; ги чистеа од Грција испраќајќи ги или на пусти острови, или во Бугарија, во 1919, на нивните огништа ги доселија т.н. Маџири; ги прекрстија во „иќ“, „ос“ или „ис“... Се направи се за да се сотре македонското семе. Повторно, без успех!

Учеството на македонскиот народ во борбата против фашизмот, го отвори патот за создавање на современа македонска држава. Благодарејќи на македонските комунисти и партизани, кои се кренаа против фашизмот, Македонците - воскреснаа. Мораме да бидеме максимално свесни дека тоа е скоро неверојатен пресврт во судбината на овој народ. Просто е за неверување како воопшто беше возможно создавањето на современа македонска држава кога добро знаеме дека во комбинаториките на Рузвелт, Сталин и Черчил, за поствоена Европа, македонскиот народ никаде не фигурираше. Кога се знае дека и сега, во 21 век, истите светски фактори не се спремни да го проголтаат постоењето на Македонците и на македонската држава, се наметнува прашањето – како беше можен АСНОМ во 1944-та година и тоа со присуство на американски и британски воени претставници? Заклучокот е неспорен – тоа беше можно единствено во рамките на југословенската федерација. Тој факт мора да го имаат на ум сите што сметаат дека тогаш беше возможна независна македонска држава.

Предводени од комунистите, Македонците, заедно со Албанците, Турците, Власите... и другите жители на предвоената српска бановина, вклучувајќи ги и самите Срби, дадоа преку 25 илјади жртви како свој драгоцен прилог во победата над злото на 20 век. Така се оствари вековниот сон на македонскиот народ – создавање на сопствена држава.

Какви и да беа комунистите, без оглед што се лошо и да направија, заслугата е исклучиво нивна што денес, сепак, има и држава Македонија, и меѓународно прифатен македонски народ, јазик.... Ако на 2 август 1944 година не беше формирана македонската држава, ако и понатака останевме во каква било друга немакедонска форма, поправен испит немаше да има. Нова шанса или објективна можност за исправање на неправдите од почетокот на 20 век, веќе - немаше. Ако останеше неприфатен, во скоро 50-те години од постоењето на СФРЈ, македонскиот народ дефинитивно ќе беше истребен. Вековните траги ќе беа целосно избришани. Ќе останеа можеби само музејски примероци. Приказната за Македонците ќе беше дел од историјата. Постоеше еднаш еден мал народ...

Кога се знаат овие факти, заслугата на комунистите станува уште поголема.

Факт е дека поранешниот систем беше особено жесток кон вмровштината. Негови жртви станаа сите борци за независна и целосна Македонија. Од денешна гледна точка тоа беа тешки злочини, а неспорно е дека се кршеле и законите за нивни прогон (судењето на Ченто, киднапирањето на Драган Богдановски...). Меѓутоа, без каква било намера тоа да се оправдува, мора да се потсети дека таква беше политиката во  целата федерација. Се преземаа сериозни мерки против противниците на режимот кои беа непријателски расположени кон уставниот поредок на земјата, било дома или во дијаспората. Без оглед дали тие беа од Хрватска, од Србија... или Македонија. Такви, едноставно, беа условите. За сите. Впрочем, сите режими го штитат поредокот што го создале, вклучувајќи ги и најдемократските. Разликата е само во жестокоста со која тоа се прави. Тоа е логиката на власта. А тоа што македонските власти беа поригорозни од другите, докажувајќи дека се најголеми Југословени, е наш проблем.

Овој факт, меѓутоа, во никој случај не смее да биде повод за игнорирање на се што комунистите направија за Македонија. Не може да се зборува за нивните жртви, кои секако дека ги имаше, за жал и премногу, без да се спомнат и нивните заслуги. Во конкретниов случај – историски. Не смее да се заборава дека најголем македонски дострел, последниве (едно) 200 години, било точно создавањето на современата македонска држава. По своето значење, во историјата, ништо друго не е ниту блиску до тој чин. Од друга страна, самостојна Македонија е резултат на распадот на Југославија, за што немаме никаква заслуга. Дури, и предолго тактизиравме околу тоа иако, ама само делумно - оправдано.

Во име на нашата иднина, мора јасно и гласно да се кажува дека носители на проектот, во 1944 година, беа – комунистите. Некои залетувања дека македонската држава била од 1991 година се срамни и самоуништувачки?!? За да не се спомнат комунистите, се „жртвуваат“ 47 години сопствена, македонска држава!?! Ако и ние се однесуваме игнорантски кон сопствената историја, исто како и Вашингтон, Брисел, Париз... кон нашиот народ (името...), фактички - ние им даваме за право. Нив, тоа може и да им „доликува“ бидејќи настапуваат со аргументот на силата. Нам, во никој случај. Од никој аспект. Поради нашите интереси, не нивните.

Заслугата за оваа држава не е само кај македонските комунисти. Свој дел имаат и другите, особено српските. Доколку во Србија не беа комунистите на власт, задоени од марксизмот и пролетерскиот интернационализам, ниту една друга српска политичка гарнитура, ниту тогаш, ниту никогаш подоцна, а уште помалку пред тоа, немаше да се откаже од својот букурешки и версајски плен – Вардарска Бановина. Сетете се само на проблемот меѓу црквите. Признавајќи го правото на Македонците да имаат своја држава, српските комунисти извршија своевидна ревизија на дел од Букурешкиот и Версајскиот договор - на своја штета. Тие признаа дека овие два договори не беа правични, дека го негираа македонскиот народ и дека тоа треба да се исправи. Тој политички гест ние мораме високо да го цениме.

Ова искуство потврдува дека каква било (додатна) ревизија на Букурешкиот (и Версајскиот) договор е можна само со согласност на инволвираните страни. Во конкретниот случај, меѓу Македонија и Грција и меѓу Македонија и Бугарија.

Колку е тоа возможно, нека цени секој сам.

Горните факти немаат врска со небулозите кои тврдат дека Македонците биле измислени од Тито или Коминтерната. Со други зборови – од комунистите. Зборуваме за формирањето на современата македонската држава, а неа ја создал, кој друг ако не – вековниот македонски народ. А, неговите комунисти беа само предводници. По него државата го доби и името. Ако народот го немаше, македонска држава не ќе беше можна. Народот не почна преку ноќ да зборува македонски јазик, да ги воспитува децата во македонски дух, да пее македонски песни... Тоа е вековно наследство.

И денес, соочени со нецивилизациски негирања на се македонско кои, еве, траат со години и не покажуваа тенденции на преиспитување, намалување..., и ние самите мораме да бидеме искрени и чесни и пред себе, и пред светот а, особено, кон историјата. Не смееме да забораваме или, уште полошо, да - фалсификуваме. Тоа личи и на богохулство. Мораме на вистината да и гледаме во очи, а не да ја забошотуваме. А, според неа - современата македонска држава ја создадоа македонските комунисти. Точка. Неспорно е дека свој придонес имаа и илјадници поединци, кои немаа многу допирни точки со комунистичката идеологија и се бореа од чисти патриотски мотиви, арно ама, без водството, менаџментот и политиките на КПМ немаше никакви изгледи  тоа да заврши со формирање на македонска држава.

Со почитување на сопствената историја го јакнеме самочувствието, кое не ни е баш јака страна. Игнорирајќи нејзини делови се деградираме самите себе и стануваме недостојни на нашите предци. На тој начин, им даваме аргументи на сите што сакаат да не згазат. Користејќи ги нивните средства, ги оправдуваме нивните обиди.

 

Ристо Никовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе

Ентузијазмот во првите месеци од годинава во врска со масовната вакцинација беше таков што Србија во март беше прва меѓу европските држави според бројот на граѓани што примија втора доза на милион жители. 

 

повеќе