Македонските бегалци не се само епизода

Многумина од учесниците во македонската сага, нивните деца и внуци прашуваат: Зошто не можеме да се вратиме во земјата на нашите предци?

Единствено Полска се спротивстави на мобилизацијата на постарите деца и на македонскиот персонал со цел да бидат испратени на фронт како и на давањето броеви наместо нивните вистински презимиња. Исто така, сомневање будеше ставот на КПГ дека децата се од грчко национално потекло. Целата операција подолго време се одвиваше под тајниот криптоним Акција „С“ и „Г“

Во последната декада на минатиот век бев почестен со несекојдневна функција – генералниот секретар на ООН ме постави за свој специјален претставник и шеф на УНПРЕДЕП во Република Македонија, во историјата на ООН прва мировна операција од областа на превентивната дипломатија. Кога во јуни 1995 година стигнав во Скопје, ми се наметна прашањето – во заедничкиот полско-македонски контекст – оваа земја на што му асоцира на Полјаков? На словенските корени, Граѓанската војна во Грција, земјотресот во 1963 година, би ми рекле одредени запрашани групи. Не погрешив. Но, полошо изгледа прашањето колку се знаат деталите. Оваа празнина долго нема да ја пополниме. Најпрвин својата работа треба да си ја завршат истражувачите на историјата на Балканот, историчарите и политичарите во земјите на овој регион. Пред нив има уште голем број непознати. Балканот и натаму останува еден од најневралгичните предели на Европа. Современата историја тука има премногу работа. Пред сѐ, станува збор за тоа дека нејзината смисла произлегува од корените всадени во фактите потврдени со документи, а не во емоциите и празните предубедувања.

Бев мало момче кога во Грција траеше непотребно неизбежната граѓанска војна. Во полските весници најчесто се појавуваше презимето на генералот Маркос и на неговата востаничка армија, „Оруженото рамо“ Комунистичката партија на Грција, врз себе го зеде товарот да води една од првите, по Втората светска војна, оружени конфронтации меѓу две ривалски идеологии. Всушност, тоа беше првиот од таков вид per procura конфликт меѓу тогашните студеновоени блокови на Истокот и Западот.

Со надеж дека во иднина ќе биде признаено нивното суверено постоење, под влијание на принудната хеленизација на оваа етничка група и под притисок на други политички околности, Македонците населени на териториите на северна Грција се вклучија во војната. Заедно со грчкото етничко население имаа голем број мртви. Во светлината на сѐ покомплицираната милитарна ситуација и немањето перспектива за брза победа, раководството на КПГ и привремената влада што му беше потчинета беа принудени да се обратат до таканаречените земји со народна демократија (Албанија, Бугарија, Чехословачка, Југославија, Полска, Романија и Унгарија, а исто така до СССР) со молба додека трае војната да примат и да згрижат неколку илјади бегалци од Грција. Се цени дека во текот и по Граѓанската војна Грција ја напуштија околу 60.000 бегалци, од кои 28.000 беа грчки и македонски деца, при што не се сметаат болните и ранетите. Половината од нив беа Македонци. Дополнително, 20.000 лица од македонско потекло го изгубија животот во текот на војната. Полска прими околу 13.000 лица, од кои 3.500 деца и неполнолетна младина.

Со големо интересирање се запознав со исклучителната публикација издадена од Генералната дирекција на Полските државни архиви и Државниот архив на Република Македонија под наслов „Македонските бегалци во Полска, проблеми на воспитување и образование на децата и младината, документи 1948-1975“. Изборот и преводот на оваа уникатна публикација, заедно со воведот и редакцијата, е дело на д-р Петре Наковски, првиот амбасадор на Република Македонија во Полска (1995-1999), носител на високото одликување Командорски крст на орденот за заслуги, писател, водечки познавач на полско-македонската проблематика.

Петре Наковски на 12-годишна возраст, во пролетта 1949 дојде во Полска со голема група деца од македонско национално потекло. Откако ги помина соодветните скалила на полскиот образовен систем, работеше како учител по македонски јазик во училиштата кои неколку години успешно функционираа во Полска. Во 1962 година тој се пресели во Република Македонија, која тогаш беше во составот на југословенската федерација, но контактите со Полска никогаш не ги прекина. Се врати во Полска за да го изготви и одбрани докторатот на Универзитетот во Вроцлав и беше препознаен како талентиран писател, преведувач и дипломат. Во оваа улога тој зад себе остави достојни за признание писателски и преведувачки достигнувања на јазиците на двете татковини.

Полска последна прими деца од Грција. Секако дека тоа не беше израз на потценување на проблемот. Напротив, дури и во тогашните политички условувања властите не можеа да не ги имаат предвид чувствата на јавното мислење, кое сметаше дека не е во ред насилно да се одделуваат децата од нивните родители поради многу нехумани цели. Ако од една страна престојот на децата во Полска и во другите земји требаше да им овозможи безбедно да ја истраат војната, тогаш од друга страна – се работеше за можно брза подготовка на постарите од нив да бидат испратени на фронт и вклучени во активните борби на војната која се измолкнуваше од контролата на нејзините иницијатори. Единствено Полска се спротивстави на мобилизацијата на постарите деца и на македонскиот персонал со цел да бидат испратени на фронт како и на давањето броеви на местото на нивните вистински презимиња. Исто така, сомневања будеше ставот на КПГ дека децата се од грчко национално потекло. Целата операција подолго време се одвиваше под тајниот криптоним Акција „С“ и „Г“.

Грчките и македонските бегалци беа сместени во западна и југозападна Полска. За нив беше создаден цел систем на згрижување кој им обезбедуваше постепено вработување, образование на мајчин јазак како и користење на полскиот образовен систем. На островот Волин близу Шчечин беше отворена специјална воена болница во која беа излекувани 2.000 ранети, 900 од нив останаа воени инвалиди со различен степен на неспособност.

Полјаците, Грците и Македонците не се лесни карактери. Историјата и геополитиката ги учеа да немаат доверба. Но, кога заемно ќе се „разработат“, дури и при основна разлика на политичките погледи, тогаш може да сметаат на пријателство и доверба. Така се потврди генеалогијата на средбата на бегалците со Полска. Времињата беа тешки: над Европа падна железната завеса; комунистичкиот блок ја губеше Граѓанската војна во Грција; Информбирото ги „проколна“ југословенските комунисти заедно со нивниот водач Јосип Броз Тито; сериозни проблеми имаше КПГ во врска со својата политика кон малцинствата; сталинизмот беснееше во цела Источна Европа. Во една таква атмосфера мораше да созрева полско-македонско-грчкото разбирање меѓу и околу бегалците. И созреа. Наспроти сериозните тешкотии – субјективни и објективни. Се градеше модел на соживот потпрен врз принципот на заемното почитување, иако од Југот стигнуваа одгласи на антимакедонската пропаганда. Нејзин дел, меѓу другото, беше тезата дека нешто такво како македонски јазик не постои, а ако некој мисли поинаку, тогаш тоа е „Титова измислица“.

Тешкиот процес на заемното зближување е одразен во 226-те документи, службени белешки и писма, собрани во два тома, на полски и на македонски јазик. Најголемиот дел се однесува на патот што мораа да го поминат најмладите македонски дојденци од Грција, од тешкото детство до свесната зрелост. Сите документи потекнуваат од официјалните архивски извори на Полска како и од личната архивска збирка на авторот. Тие длабоко навлегуваат во сложените детали на операцијата, но откако ќе бидат прочитани, го одразуваат целиот драматизам и механизмите на дејствувањето на тогашната политика и тогашните времиња. Еден од нив, меѓу другото, е високата идеологизација на контактите меѓу институциите и активистите одговорни за акциите „С“ и „Г“, како од страна на земјата-домаќин, така и од далечниот Букурешт каде што беше пренесено седиштето на Информбирото по раскинот со Југославија.

Времето полека ги брише трагите на македонската сага. Многумина од нејзините учесници се вратија во денес слободната Македонија. Други останаа во Полска или се преселија во други земји. Таму се суверени граѓани, градители на нова Европа. Но, честопати нивните деца и внуци прашуваат: Зошто не можеме да се вратиме во земјата на нашите предци?

Новаторскиот труд на д-р Наковски, очевидец и деклариран бенефициент на полската толеранција, несомнено претставува суштински придонес во барањето одговор на тоа прашање, одговор кој би можел и треба да ги задоволи аспирациите на овие два храбри народа – грчкиот и македонскиот.

                                                                                      Хенрик Ј. Сокалски

(Колумна објавена во „Дневник“, 31 октомври 2009

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

повеќе

Многумина од учесниците во македонската сага, нивните деца и внуци прашуваат: Зошто не можеме да се вратиме во земјата на нашите предци?

повеќе

Утрово осамна уште еден ден од ноември, 20-от ден од месецот. Остануваат точно уште 456 дена до 100-годишнината од коморскиот систем во нашата земја.

повеќе