Македонија пред револуција

Работите во Македонија забегаа до тој степен што за нив мора да се пишува отворено, „револуционерно“.

Тоа е само првата фаза до вистинската револуција. Таа револуција може да ја спречат само нашите американски пријатели доколку преземат вистински и правовремени чекори.

За да нема недоразбирање, најпрво мора да се каже дека  Македонија својата независност во најголема мера ја должи на САД.

САД се единствениот гарант на опстанокот на Македонија од независноста до денес.

За да се трасира патот на изградбата и независноста на државата, на почетокот на деведесеттите години од изминатиот век, администрацијата на САД (читај амбасада) оперативно се потпре на новокомпонираните македонски олигарси. Тоа беа десетина директори на најголемите македонски компании, т.н. „црвени директори“. На овие луѓе им беше дозволено да извршат  кражба и присвојување на државниот капитал, популарно наречена „приватизација“, со што станаа најбогатите луѓе во Македонија. За возврат, овие олигарси требаше да ги исполнуваат обврските што беа диктирани од американската амбасада. Во почетокот тоа и добро го правеа. Воспоставија целосна контрола врз политичките партии (македонски), службата за државна безбедност, судовите и обвинителството.

 За жал од 2000 година, па наваму овие новопечени олигарси го изгубија осетот за реалноста и опиени од парите и власта почнаа цела Македонија да ја доживуваат како приватна сопственост. Затоа, Македонија во последните 22 години функционира како приватна држава на десетина македонски олигарси и еден „татко на Албанците“.  Имињата на овие олигарси ги знае секој граѓанин. Во друга пригода ќе зборуваме за нив, поединечно со име и презиме.

Резултатите од тоа владеење ги чувствува секој граѓанин на Македонија. Денес тоа е    егзистенционална и морална мизерија за 70% од граѓаните. Владеењето на беззаконието  и криминалот е на ниво на најлошите нарко држави, со евтино покритие на демократија преку т.н. „политички партии“.

Слични историски приказни може да се најдат и во многу африкански или јужноамерикански држави. Но, има една суштествена разлика помеѓу тие држави и Македонија. Кон крајот на осумдесеттите години од изминатиот век, Македонија беше средно развиена држава со многу добро изградено образование, здравство, наука, култура, судство, економија, децентрализирана локална самоуправа и многу, многу писмени и стручни луѓе во сите области на општествениот и економскиот живот на државата. Тоа беа и се луѓе со високо морални вредности, а такви се и нивните деца и внуци. Тоа е огромната сила на Македонија што ќе ја спроведе неминовната револуција, доколку нашите американски пријатели не преземат брзи и решителни чекори.

Службите на американската амбасада прво треба добро да се информираат за реалната состојба во државата, од најмалото населено место, па сѐ до големите градови. Треба да ги слушнат вистинските приказни за неиздржливиот терор на државата врз секој граѓанин, на секој чекор. Највидливата форма на тој терор е корупцијата во секоја пора на државниот апарат. Суд: кој ќе плати повеќе. Болница: без „рушвет“ си осуден на смрт. Обвинителство: има или нема дело одлучува познанство со некој од олигарсите. Субвенции: криминалци напред, останати стој. Урбанизам: не помислувај да влезеш без кеш во џебот. Образование: диплома за секој што може да плати. Култура: обид да се убие и тоа малку што останало. Наука: тотално уништена. Спорт: без коментар...

Со еден збор, американските пријатели треба да увидат дека  олигархиско-политичката елита  тотално забега и државата ја водат во пропаст. Граѓаните се донесени на ниво на психолошки темпирани бомби кои може да експлодираат во секој момент. Оваа состојба со сигурност ќе ја  злоупотреби секоја надворешна сила која има други интереси и планови за иднината  на Балканот и Македонија. Ако почне револуцијата враќање назад нема.

Решението е во формирање на техничка влада за спас на Македонија од страна на сите прогресивни и стручни луѓе во Македонија, а такви ги има. Нашите стратешки партнери треба само да им дадат поддршка и охрабрување. Таква Влада  треба да ги реализира следните стратешки цели:

- враќање на целосна автономност на македонскиот парламент,

- комплетна финансиска лустрација на сите лица, компании, банки и политички партии кои се стекнале со државен имот или добиваат милионски државни и локални тендери и субвенции, 

- растурање на спрегата  олигарси-политички моќници-обвинители-судии–адвокати,

- комплетна реформа на образованието на сите нивоа,

- бесплатен здравствен систем за секој граѓанин во државните и приватните болници,

- социјална сигурност за секој граѓанин,

- враќање и ангажирање на сите заинтересирани македонски граѓани со висока стручност и знаења кои работат надвор од Македонија,

- изработка на краткорочна, среднорочна и долгорочна стратегија за развој на Македонија,

- децентрализација на власта на локално ниво...

Нашите американски пријатели мора да знаат дека од нивните одлучни и конкретни чекори, не зависи само иднината на Македонија, туку и иднината на Балканот и пошироко. Дестабилизацијата на Македонија води кон неконтролирана и неизвесна иднина за сите балкански и европски држави.

Во корист на САД и на Македонија е нашата држава да остане безбедна и стабилна. Тоа е можно само со нови прогресивни и стручни луѓе и нова техничка влада за спас на Македонија.

Во неа  ќе нема место за луѓе, кои еден милион долари не ги сметаат за пари.

Ангел Наков

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе