Македонија, еден кошмарен сон

Германија не го негира своетo фашистичко минато, ниту дека ја окупирала Франција, па следствено, не се ни менувани ни учебниците во обете земји, ниту се бришани делови од споменични натписи.

Пријателство под диктат, негирање на општо познати историски факти, откажување од сопствениот идентитет како комарџиски влог во политичка игра со судбината на еден народ и неговата држава – тоа ли е патот кон „живот за сите”?

Каков кошмар! Би сакал да можам да се штипнам, луто, та дури и да помодрам, би сакал да можам  да си ја гризнам усната, силно, та дури и да се раскрвавам и од болка да се разбудам. Не оди, оти буден сум. И сепак не ми се верува дека сево ова не е само сон. Со денови и недели живеам со надеж дека ќе се покаже оти не е вистина, дека си вообразувам, уште повеќе -халуцинирам, иако сум свесен -  реалност е, од грда погрда.

И не е дека сето ми дојде неочекувано: скептик бев дека „ќе дојде живот за сите”, оти, прво, тоа само по себе е лага: неможно е сите да бидат задоволни, сеедно какви промени и да бидат направени. Не, не сум поради тоа зашеметен од новата политичка реалност во мојата татковина. Не сум изненаден што уште вистински неседнати на функциите, и некои од новите веќе се раскомотија на начин на кој тоа го правеа нивните вмровски претходници, против кои водеа двегодишна битка. Не бев во заблуда дека водат битка против злосторничкото, крадливо-коруптивно практикување на власта, туку повеќе за да ги истуркаат претходните, да се дограбат до неа поради привилегиите што таа ги носи. Конечно, не се „паднати од Марс”, доаѓаат од исто милје, дел се од ист балкански политички фолклор, чија кореографија е владеењето со државата за лично богатење со молчешкум востановена култура на неодговорност и неказнивост.

Не, од тоа не сум изненаден. Ни од тоа дека во своите игри за освојување на власта го впрегнаа и огромниот ентузијазам на сите кои искрено веруваа во можноста за демократска преобразба на државата и општеството и со креативен отпор го поткопаа бедемот на претходната авторитарна и корумпирана власт. Ниту од тоа дека многу бргу си ја покажаа вистинската природа и ги изневерија очекувањата на искрените, но наивни поборници за вистински демократски промени. Стаписан сум оти оние што ветуваа „живот за сите” сега, за да го обезбедат опстанокот на власт, отидоа подалеку од сѐ што здравиот разум можеше да претпостави: ги заложија темелите на државата и основните белези на народот што ја создаде.

Калкулацијата им е дека треба да се стори сѐ во функција на интеграција во НАТО и ЕУ. Тоа навистина го посакува и мнозинството од граѓаните, но никако не по секоја цена, не со клекнување пред уцените од наводно пријателски настроените соседи (и оние што од заднина ги влечат конците во тој суров куклен театар). Најмалку пак со негирање на историски факти или со прикривање на вистинските намери ставајќи им лажен „европски или ЕУ” белег. Какво место ќе може да има самопонижена и самообезличена Македонија во тоа друштво?

Од македонски агол на гледање капитуланскиот, срамен договор со Бугарија се оправдува со правење паралели со германско-француското помирување по Втората светска војна. Паралела нема: Германија и Франција немаат проблем со непризнавање на јазикот или нацијата, ниту со различно толкување на историјата. И, посебно сакам да нагласам, Германија не го негира своетo фашистичко минато, ниту дека ја окупирала Франција, па следствено, не се ни менувани ни учебниците во обете земји, ниту се бришани делови од споменични натписи.

Свесното затворање очи и негирање на окупацијата на Македонија од бугарската фашистичка војска е негирање и на борбата на македонските партизани против окупаторите, на страната на антифашистичките сили, од која се роди македонската држава. Тоа е негирање на сите жртви во таа борба. Што ли правеле во тоа време татковците или дедовците на сегашниве прекројувачи на нетолку далечната македонска историја? Ако биле на вистинската страна, овие сегашниве ја погазија и нивната борба и идеали.

Текстот на договорот со Бугарија содржи повеќе мини: наводното признавање на јазикот „според Уставот” на Македонија е административна флоскула, но не и суштинско признавање. Уставот е акт што се менува, јазикот е субјективен белег кој историски детерминира еден народ. Откажувањето од грижата за сопственото малцинство во соседната држава е еднакво на негирање на неговото постоење. Уште попроблематично за Македонија е признавањето на меѓусебно право за грижа за своите државјани во атарот на соседот (тоа, инаку, е сама по себе иманентна обврска на државата!): Бугарија вака во секое време може да се вмеша во внатрешните работи на Македонија повикувајќи се на стотината илјади Македонци кои за да можат (порано!) да патуваат и особено да се вработуваат во ЕУ, земаа бугарски пасоши. Тоа што Бугарија им ги дава (изнудувајќи изјава за „бугарско потекло” на барателот) е осмислена долгорочна стратегија. Тоа што Македонија сега со договорот нејзе ѝ гарантира можност легално „да ги брани” е повеќе од политичка кратковидост. Тоа е или невидена наивност (во што и покрај најдобра желба едноставно не можам да поверувам), или е невидено капитулантство и предавство. Ќе се соочиме ли, на пример, еден ден со барање на гаранција на малцински права на тие наводни Бугари и официјализирање на бугарскиот јазик во Македонија? Да не одам до екстрем дека некој можеби ќе побара и физичка заштита од Бугарија?

Во иста насока оди и прашањето за името. Тоа наводно е единствениот проблем за прием на Македонија во НАТО. Недвосмислената одлука на Меѓународниот суд на правдата требаше да ја отстрани пречката за прием. Експресната реакција на тогашниот генерален секретар на Алијансата дека за неа решението на највисокиот суд на ООН („меѓународната заедница”) не е релевантно, јасно покажа дека тука е во игра и скриена агенда. Ако на САД и на другите земји-членки им беше и - особено сега - им е важно и Македонија да биде дел од одбранбениот сојуз, со пресудата имаат излез со кој ќе можат да се „покријат”. Во моментов од НАТО нескриено се порачува дека наводната или фактичка опасност од ширење на руско влијание во Македонија и на Балканот е најголем мотив и гаранција за прием во НАТО. Но, можноста за ставање вето од некоја земја-членка секогаш е потенцијална закана. И во Букурешт 2008 беше „сигурен” приемот на Македонија и Хрватска, а „висеше” Албанија. На крајот сепак извиси Македонија. Што ако Македонија од кои било причини пак извиси, а претходно си го промени името?! Одговорни државници ги земаат предвид сите можни варијанти и првенствено го обезбедуват интересот на државата. Политичари кои играат на сѐ или ништо со државниот интерес се политички комарџии. Само што тие лично во оваа игра ништо нема да загубат, а очекуваат многу да добијат.

Залажување на сами себе или замајување на граѓаните е дека со приемот во НАТО и ЕУ (за таму и не сум сигурен дали и кога воопшто ќе се случи!) ќе почне „да тече мед и млеко”. Погледајте само колку „мед и млеко” потече во Бугарија, Романија, Хрватска...

Власта, новата, тргна наопаку: офанзивно во надворешните односи и многу воздржано во внатрешните промени. Обратниот редослед ќе ѝ создадеше подобра преговарачка позиција на меѓународен план. Вистински демократизирана Македонија, со силна внатрешна општествена кохезија и посилно стопанство, неразјадено до коска од корупција и бесрамно крадење, ќе беше пореспектиран соговорник во светот и неспоредливо помалку подложна на странски притисоци и мешања до степен на своевидна „принудна управа”. Наместо посакуваните странски инвестиции, силен поттик на економскиот замав би му дале барем дел од наводните пет милијарди евра што, како што велеа поранешните социјалдемократски опозиционери, ќе ги вратат од оние што ги украле. Или немало толку украдени пари?! Или сега, кога се на власт, веќе кај нив нема волја за  тие пари да му се вратат на општеството (оти да не ги снајде и нив истото откако ќе им истече рокот на употреба)? Како и да е, власта сѐ повеќе се заплеткува во мрежата од сопствените предизборни ветувања. Или тоа беа само свесни лаги? Каде е тогаш тука „животот за сите”? Врз што ќе се потпира тој? Врз ветените и веќе неспомнувани 500 евра плата? Кога сме кај ова, колкави плати имаат вработените во фирмите на луѓето од власта? 500 евра? Што правиме со промените во медиумската сфера? Така ли ги замислуваа – да создадат нови, сопствени куртони, а да ги приклучат и преобратените куртони на поранешната власт?

Носени од единствената и основна идеја за освојување и опстанок на власт одеднаш се заборавија обвинувањата за криминал во редовите на партнерот и во пратходната и во оваа власт (ДУИ). Наместо на суд, тие ќе бидат наградени со официјализирање на албанскиот на државно ниво. Со тоа им се прави неправда на помалите заедници и сеедно кој како аргументира, тоа е чекор понатаму кон бинационална држава. Само, шизофрено е кога за тоа сега обвинува ВМРО, оти, на пример, што практично значи од нив воведеното непишано правило дека мора да коалицираат најсилните (според бројот на пратеници) партии од македонскиот и од албанскиот блок? Правило во парламентарната демократија е победникот да одбере со кого ќе прави коалиција, ако е можно според односот на силите во парламентот. Шизофрено, патем, е целокупното однесување на ВМРО-ДПМНЕ и пред, а посебно по губењето на власта: од неспособноста да се ослободи од водачот кој партијата, но и државата ги доведе на работ од бездна, до нападите против актуелната власт со токму истите аргументи, истите забелешки што беа упатувани на нејзина сметка кога таа го имаше в раце кормилото на државата!

Оваа, новата власт, која побуди толку големи очекувања и надежи дека Македонија конечно, по 26 години државна самостојност, може да стане нормална држава, едно убаво место за живеење, а не да е место од кое треба да се спасува глава со бегање во странство - можно ли е таа толку да не согледува дека создава веројатно веќе непоправливи факти? Во чиј и за чиј интерес работи? Каде е предупредувачкиот збор од единствениот жив поранешен претседател, кога веќе од актуелниот нема фајде? Или и тој молчи свесен и за сопствената вина што со криминалната приватизација во негово време беше трасиран патот на државата во погрешна насока?

Премногу работи во државата изгледаат шизофрени, за да може човек да се фокусира на нормалните или поретките позитивни нешта и истовремено да го изострува неопходниот здрав критички поглед. И како после и пратениците да не  бидат „дефокусирани”, кога од нив се очекува да се погрижат и за општиот (оти за тоа се избрани!), а не само за својот личен и партиски интерес?! И како после човек да на се сомнева дека можеби сепак само сонува некој кошмарен сон, иако е со ширум отворени очи?    

Зоран Јордановски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во моментов, мал број проекти или иницијативи во Македонија се фокусираат на тоа како универзитетите ги подготвуваат студентите за општествена одговорност и за граѓанскиот статус.

повеќе

Попис на населението во 2020 треба да има, затоа што тоа утре може да биде услов за Македонија да чекори напред кон ЕУ.

повеќе

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе