Македонија денес: Слободна држава, заробена нација

Мицкоски треба да побара собраниска расправа за односите со Бугарија или во перцепцијата на јавноста ќе биде изедначен со Заев. Лидерските средби не се институционална форма.

И во досегашните и во тековните „идентитетски“ процеси има една добра и една лоша вест. Добрата вест е за граѓаните: и покрај сите „напори“ на партиите, државата ќе опстои. Лошата вест е за партиите: Македонија не може да продолжи во конфузијата во која тие ја проектираа.

 

При секое интензивирање на идентитетските прашања на Македонците, партиите се во паралелен финансиски процес. Додека спорот со Грција од именски ескалираше во идентитетски, СДСМ (до 1998) и ВМРО-ДПМНЕ (до 2002) го приватизираа државниот и општествениот капитал, а ПДП и ДПА беа набљудувачи во процесот. Од приватизацијата беа исклучени и огромното мнозинство Македонци и немакедонските заедници кои и немаа раководни позиции во фирмите: обезвреднетите акции минуваа кај партиски избраните поединци. Како по изборите 2002, така и по 2006 партиската дистрибуција на контролата врз економијата беше во рамки на владејачката коалиција и триаголникот ВМРО-СДСМ-ДУИ. Од 2016 до денес, кога идентитетот пак е топ-тема со Софискиот и Преспанскиот договор, редистрибуцијата на контролата врз економијата исто е во триаголникот СДСМ -ДУИ-ВМРО, а на делумна или целосна продажба се планира да одат државни енергетски, инфраструктурни и услужни капацитети и земјиште.

Константата остана само во финансиско-банкарската дистрибуција на позиции и моќ: остана распоредот на финансиските елити од почетокот на 1990-те практично до денес. Дури и во врвот на хунзо-античката фаза, монетарната власт и банкарскиот систем менуваа партиски бои, но останаа во истите рамки на перформански и етнички посед. Или накратко, додека Македонците го бранат идентитетот, елитата го дели „пленот“. За неа, впрочем, идентитетот не е етнички, туку валутен.

Последично, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на и по изборите 2020 се лоцираа како чувари на југомакедонстичкиот етно-монопол на моќта заснован на контрола на информациите и финансиите, иако тој всушност и не е етнички македонски, туку семејно-клановски. ДУИ, пак, со кампањата и таргетираните владини ресори покажа дека тој монопол е анахрон и неприфатлив. Југо-инерцискиот распоред во општеството „Македонците на државно, Албанците на копање зелки, Власите во банки, Србите во административна контрола, Ромите по контејнери, Турците и Бошњаците во барање милост кај Македонците по државна или кај Албанците по верска линија“ очигледно е во судир со модерното време. Не е прашање дали многу (вон)балкански центри тоа не го знаеја, туку колку од нив тоа сакаа(т) да го користат.

Со исклучок на грчкиот влез во банкарскиот сектор од пред петнаесетина години, македонските банки остануваат затворени за посериозни надворешни инвестиции. Така сакаат да задржат две позиции: да останат кредитори на фирмите од сопствениот круг спречувајќи го развојот на оние надвор од кругот и контролори на државниот буџет, преку економијата и записите. Буџетот од кој зависат се повеќе фирми, граѓани и самите политичари, држејќи ги луѓето зависни и покорни од плата до плата, држејќи ги фирмите зависни од политиката и буџетот и држејќи ги политичарите зависни од нив самите. Обидите за влез на странски капитал во банките упорно се пресретнуваат од аферата „Рекет“, до стечајот на „Еуростандард“. Државата веќе не зависи од политичарите, законодавството преку нив им е ставено на услуга, извршната власт уште повеќе, а судската е за смртниците кои ќе украдат 100 ќебапи, но не и за оние што ќе стопат 100 милиони.

Вака гледно, се разјаснува дека инструментализираниот финансиски систем и од него произведената партиска економија се лостовите на моќта кои не се подготвени да ги ослободат Македонците.

Патот кон ЕУ – катарза или патека за „тренирање магариња“?

За сето ова време, финансирањето на Македонија преку разните помошти, грантови, „поволни кредити“ од ЕУ и западните кредитори, од инвестирање во проекти стана инвестирање во владата и нејзините парто-невладини орбитери. Парите наменети за граѓаните и фирмите практично и не стигаат до нив во износ повеќе од десетина проценти од вкупните суми. Финансирањето фризерници со европски пари само го илустрира бричењето на суво на Македонците. И го продолжува нивното заробување од скопската југомакедонистичка „елита“ што ги презира „небањатите“ и „сељаците“ се додека не ѝ потребаат гласови за да глуми авангарда: овој пат не со белградски, туку со бриселски амин.

Финансиите, секако, ги контролираат и медиумите. Во недостаток на суштински осврт на битните теми во јавноста, од медиумите ќе дознаете се за силиконите на секоја потпросечна балканска певаљка, но ништо за случувањата во соседството вон метрополите на несудената „Жабљанска Југославија“ – Белград, Подгорица, Приштина и Сараево. И по некоја сензација или црна хроника од светот.

Редовните „аналитичари“ и „славните“ новинари во ваквите медиуми три децении ја држат јавната дискусија на строго зададените точки: споровите со Грците, со Бугарите, барањата на Албанците, позициите на Американците, Русите, неправдите кон Македонците. Но нема ни да зборнат за неправдите што децениски си ги нанесуваме себеси и на оние со кои живееме заедно: Додека иредентатата се бараше во Западна Македонија, а Скопје и повардарието практикуваа лојалност и носталгија кон федерална Југославија макар по цена на македонската унитарност, Источна Македонија остана заточена и инфраструктурно, политички и културно потценета, како широк граничен појас дизајниран од крајот на Првата светска војна. Со кумување на „македонските партии“, кои ги вградија своите локални сајбии како посредници и одобрувачи на кој било позначаен бизнис или инвестициски зафат, Македонците останаа закрепостени. И последично – и во својата држава останаа само со два избори: да се отселат за да си ја определат судбината или да останат и да се помират со неа.

Талкањето на ислужените креатори на јавното мислење денес е очигледна последица на соочувањето дека оставени без координати од традиционалните наредбодавци, немаат претстава што е следното. „Бардовите“ се само во панична потрага по нов правец на мисла и координативен центар, оти и ним и на конструкторите на состојбата и на јавноста им се разјаснува дека дејугословенизацијата и декомунистикацијата произведени од Тиранската платформа, Софискиот и Преспанскиот договор всушност се терапија за ослободување на нацијата и економијата по рецепт на Брисел. И дека во неа се временски надминати.

Разбивањето на етно-монополот врз финансиите и информациите ги „одзаробува“ Македонците

Затоа молкот во целата викотница дотолку е поголем откако глумењето белградски шмек на Скопје не мина во Атина која издејствува прецизен договор. Софија можеби и ќе останеше задоволна со далеку повоопштениот договор во однос на Преспанскиот, доколку Пендаровски, Заев и Димитров по приемот во НАТО не се обидуваа да ја продадат финтата „Сменивме име, влеговме во Алијансата, ние сме фраерите“ како мудра политика.

Денес Македонците се свесни дека идентитетот е прескап за да биде обичен партиски влог во решавањето на надворешно-политичките предизвици. Затоа се бараат јасни позиции.

За почеток, ако не сакаме да се продлабочат поделбите кај Македонците и меѓу Македонците и Албанците од 2018 наваму, време е Македонија институционално да ги утврди своите позиции по суштинските прашања за имплементацијата на потпишаните договори. Од кои фактички ниту една партија и не бара повлекување, туку најмногу – анализирање или прецизирање. Се дотогаш, спорните прашања ќе се третираат асиметрично. Во Скопје партиски, а во Атина претходно и во Софија сега – институционално. Впрочем гледано од надвор, нејасно е за што македонското државно водство бара разбирање во Берлин, Брисел, Париз или било која друга европска метропола, кога за тоа нема институционален документ.

Првичното повлекување на Заев пред можниот, но не и толку извесен застој во ЕУ-интеграциите е очекувано: пристапот „се ќе решам само да дојдам на власт“ веќе му е неприменлив – оти е на власт. „Ќе не биде“ Димитров, мигриран од груевистички амбасадор во заевистички министер со странско спонзорство, откако ги напушти претседателските и премиерските амбиции сега еднакво бара начин за амнестија на својата Пи-Ар дипломатија без надворешна политика. Пристапот на Мицкоски за вербална оценка на „ветувањата“, а не и на потпишаното од Заев само го изедначува со нив и го воведува во групата создавачи, наместо на решавачи на проблемот. Затоа потребно е и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да го променат пристапот на дејствување. Ако опозицијата беше исклучена од преговарањето на договорите, таа нема да биде исклучена од нивното спроведување во моментот кога ќе се променат позициите.

Секоја дебата без официјален државен документ е само „чадна бомба“

Опозицијата и конкретно пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имаат две опции за факторизација во процесот преку негова институционализација: првата е да предложат документ (Декларација) во Собранието во која ќе се постават позиции на државата во однос на спроведувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија и Меморандумот на Софија до Брисел. Втората е да иницираат собраниска расправа барајќи информација од МНР за текот на средбите со Захариева и Борисов и по неа Собранието да донесе заклучоци, вклучително за тоа во кои точки Скопје го спори меморандумот. Третата опција е дефакторизирачка за опозицијата и таа е продолжение на тековниот пристап: медиумски, со партиско негодување и практично, со политичко премолчување – процесот ќе си врви по координатите на власта.

Собранискиот документ значи и институционална рамка што ќе спречува говор на омраза во јавната реч или импровизации во функционирањето на државата и нејзината надворешна политика. Заев кажа дека не е подготвен на тоа. Димитров „си ја ишка мувата од капата“. Само Османи се држи до договорот и неговата имплементација. Мицкоски не е обврзан на импровизација, па ако не побара собраниска расправа (и) по ова прашање во перцепцијата на јавноста ќе биде изедначен со Заев. Лидерските средби не се институционална форма.

А викачите по Османи од коалиционото опкружување на Мицкоски кои претпочитаа средби со „Единствена Русија“ наместо со европски народни или центристички партии денес не се од помош на опозицијата, туку го поттикнуваат нејзиното карактеризирање како антизападна. Во блокот каде со аферата „Дака“ е сместен добар дел од функционерите на власта.

Ивон Величковски, иницијатор на Движењето за Нова Република

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе