Мачка на дрво

Македонија е долго време во ситуација на мачката што се качила на дрвото, бегајќи од разјарените кучиња!

11 март 1943 година е врежан во сеќавањето за 7.144 Евреи од Македонија кои на таа дата заминаа на патот без враќање, во концентрациониот фашистички логор Треблинка, во тогаш окупираната Полска.

Од собраните над 7.200 македонски Евреи во привремениот логор во скопскиот Монопол, неколкумина успеале да се спасат, најчесто со поткуп на окупаторски бугарски војници и нивните домашни слуги со суво злато и други скапоцености.

Меѓу тие што успеале да се спасат од сигурната смрт, биле и неколкуте членови на семејството Адижес. Преку Албанија успеале да стасат до Белград, а од таму во Америка.

Од тоа еврејско семејство најпознат и сé уште е светски актуелен гуру на мудроста за управување со економските процеси, д-р Исак Адижес. Неговата доктрина е применлива на сите појавни форми на организација на човековите активности: од семејството, до функционирањето на етажното домување, малите и големи фирми, школите, универзитетите, градските урбани заедници, државата...

Минатата година д-р Исак Адижес беше почестен со промоцијата на македонското издание на неговото култно дело „Корпоративно управување со животни циклуси“, чиј издавач беше МАНУ. Во тие неколку денови на негов престој во родниот град, Адижес оствари повеќе средби, интервјуа..., меѓу кои е и средбата со поранешниот премиер Никола Груевски.

Овој подолг вовед е за да се дојде до таа средба, на која неодминлива тема бил и проблемот што Грците (не само тие!) го имаат со нашето македонско име и македонски идентитет.

Оние што присуствувале барем на едно од предавањата на д-р Адижес, знаат дека тој, често, теоретските поставки ги илустрира и објаснува со најобични случки и случувања во секојдневниот живот.

За проблемот со грчкото инаетење во негирањето на уставното име на Македонија, во кое нашиот јужен сосед има сесрдна и нескриена поддршка од ЕУ и САД,  д-р Адижес го дефинирал со само неколку збора: „Македонија е долго време во ситуација на мачката што се качила на дрвото, бегајќи од разјарените кучиња!„

Ако е ова точно, а точно е, тогаш кои се кучињата? Тие се истите оние кои практично го реализираа договорот Черчил – Рузвелт – Сталин од Јалта, за поделба на сферите на влијание по завршувањето на Втората светска војна. Оние британски и американски авиони кои фрлаа напалм-бомби против македонските партизани во Егејска Македонија. Не помалку грев на душата и, можеби, грижа на совеста, доколку ја имаат, се наследниците на потписниците и гарантите на Букрешкиот мировен договор од 1913.

Но, да се вратам кај животните. Кога мачката ќе најде спас од разјарените кучиња на дрвото, таа таму останува сé додека може да издржи: кучињата да се уморат или им здодее чекањето, па сами да заминат, или пак, да дојде нивниот стопан и да ги растера од под дрвото.

Некои мои пријатели неодамна ми сугерираа дека претседателот и премиерот на Македонија се надеваат на првата варијанта и „играат на таа карта“, дека кучињата ќе се уморат од дремење под дрвото и ќе заминат, па токму затоа нашиве, божем лидери, не ги прифаќаат предлозите на Метју Нимиц и ја обвинуваат Грција дека ги крши одредбите на Времената сопогодба.

На втората варијанта, дека ќе дојде стопанот и со стап ќе ги растера кучињата, не можат да се надеваат затоа што стопанот(ите) се поголеми и поопасни кучиња од тие што `ржат под дрвото.

Иако главниот пес е веќе изморен, истоштен, ослабен... толку е шворц што немаа пари за неговите спортисти да учествуваат на Олимпијадата во Лондон, но, замислете, нема ниту пари за да го финансира палењето и штафетното пренесување на Олимпискиот оган до Централниот стадион во главниот град на Обединето Кралство. Сепак, не престанува да `ржи и да покажува заби, затоа што знае дека кога повторно ќе почнат да му крчат цревата од глад, поголемите пци ќе му дадат дел од нивните коски за глодање.

До кога ќе ни го покажуваат морковот, а одзади ќе нѐ удираат со стапот, до кога ќе нѐ држат во неизвесна лимбо состојба...?

На тие две прашања не ги знам вашите одговори, но затоа го знам мојот: сѐ додека сме економски слаби, национално неединствени, образовно осиромашени, идентитетско разногласни, политички профитерско настроени, сѐ додека на нашите синови им даваме имиња за да Трпат и Траат, или, божем од милост, а несвесно од индолентност кон самите себе, употребуваме деминутиви со: Стојан(че), Никол(че), Зоран(чо)... ќе бидеме монета за поткусурување, ќе бидеме тоа што, всушност, и сме – Македон(че).

Милан Аџиевски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Нашите умни, работливи и чесни граѓани заслужуваат да имаат излез на „море" што се нарекува светски пазар.

повеќе

Како што транспортниот систем ја дефинира структурата на урбаното „ткиво", така половата поделба ја дефинира структурата на општеството.

повеќе

Киев не може да дозволи, ниту од морална, ни од правна гледна точка, нејзини претпријатија да бидат конфискувани.

повеќе