Користење на „кешот” во процесот на перење пари

Мора да се пристапи кон воведување нови мерки за поголема контрола на лицата кои поседуваат нелегални пари.

И покрај зголемената застапеност на безготовинските начини на плаќање во развиените економии, готовината останува важно средство за плаќање низ целиот свет, со околу 4 трилиони американски долари во циркулација и помеѓу 46% и 82% од сите трансакции во сите земји што се вршат во готово. Согласно извештаите на Еуропол, во ЕУ, користењето на готовина е сè уште главна причина за доставување на сомнителни извештаи од страна на финансиските институции. Околу 30 % од доставените сомнителни извештаи се поврзани со користење на готовина.

Слично на тоа, готовината сè уште е широко користена во криминалната економија и останува основно средство за плаќање. Физичкиот транспорт на готовина како метод на перење пари не е ограничен само на одреден вид криминал. Иако многу земји ја поврзуваат употребата на оваа типологија со трговија со дрога, тоа е исто така поврзано со нелегалната трговија и со други производи, како што се алкохол и цигари, а исто така се користи и од криминалци вклучени во други активности, вклучувајќи даночни измами, шверц на оружје, организиран криминал со имиграција и финансирање на тероризам. Следењето на овој вид на пренос на готовина е исклучително тешко поради тоа што не постои гаранција дека криминалците кои вршат исто кривично дело ќе ги движат своите приноси на истиот начин и по истиот пат.

Во 70-те, 80-те и 90-те години, било можно да се депонираат големи суми на пари во комерцијалните банки, приватните банки или други финансиски институции без примателот на готовина да поставува премногу прашања, барајќи самостојно да го проверат потеклото на готовина или известување за трансакцијата до даночни власти или институциите за финансиско разузнавање.

Во денешно време, секое депонирање на готовина што надминува одреден износ во повеќето развиени земји, најверојатно, ќе резултира со тоа финансиската институција која е примател на готовина да ја извести институцијата за финансиско разузнавање на земјата во која се наоѓа.

Сепак постојат многу различни начини на кои поединците сè уште можат да уплатуваат големи количини на пари во финансискиот систем без да бидат откриени:

1.Бизниси каде што се користи поголемо количество на готовина. Се претпоставува дека ова е еден од најчестиот начин за перење нелегални пари во денешно време. Ова се бизниси базирани на готовина како ресторани, хотели, казина, ноќни клубови, продавници, забавни паркови, објекти за рециклирање на отпад... Добротворни цели и верските организации, исто така, може да се користат за овие цели. Месечните примања на пари од деловната активност се надуени и постои мешавина на легални и незаконски пари (т.н. „мешање на средства") кои се депонираат во банка. Паричните средства потоа се плаќаат со банкарски трансфер на сопствениците на бизнисот како дивиденда по оданочување или на трети лица со плаќање на лажна фактура (на пр. за непостоечки консултантски услуги обезбедени од прекуокенаска компанија која може и да не постои).

2.„Структурирање” е практика кога некое лице врши поделба на голема количина пари во голем број мали депозити што се под прагот кој што бара идентификација или известување на клиентот. Тие потоа се уплаќаат во многу различни банки во една или повеќе земји од едно или повеќе лица.

3.„Шверцери” со пари. Овие лица транспортираат криминални пари во друга земја каде што потоа се депонираат во една или повеќе банки. Износот што се транспортира може да биде повисок или понизок од прагот што го бара царинската декларација на граница. Физичкиот превоз на готовина преку меѓународни граници е еден од најстарите и најосновните форми на перење пари, кој што согласно анализите и извештаите е сеуште широко распространет и денес. Нема целосно сигурни проценки за износот на „перените” пари на овој начин, но бројката изгледа дека е меѓу стотици милијарди и трилиони американски долари по година. По одредени анализи и извештаи изготвени од експерти, се заклучува дека во најголем дел од испитаните земји, шверцот со пари е сè поголем проблем иако тенденцијата на светот е што помала употреба на истиот. Ако криминалните пари веќе се наоѓаат во банкарскиот систем, шверцерите на пари се регрутираат за да добиваат и потоа да пренесат (или да ги повлечат во готовина) големи суми на пари преку сопствените банкарски сметки, секако за одреден процент. Согласно одредени статистки скоро 10.000 вакви банкарски сметки откриваат банките во Велика Британија секоја година. Поголемиот дел од овие сметки ги чуваат лица кои имаат помалку од 21 година.

4.Коцкање, казина и лотарија. Во одредени земји (на пр. Велика Британија), добивките од казино се ослободени од данок и затоа едно лице би можело да присуствува во казино и последователно да депонира во банка (релативно) голема сума на пари, тврдејќи дека тоа е резултат на коцкање. Поголеми суми може да се депонираат ако повеќе од една личност учествуваат во оваа акција (на пр. група соучесници заедно присуствуваат во казино). Коњските трки и лотарии може да се користат и за перење нелегални пари. Паричните средства може да се користат за купување на победнички билети или чипови, кои потоа се враќаат преку трансфер на пари во банкарска сметка.

5.Производи со одредени вредности. Слики, часовници, скапоцени метали, скапоцени камења, накит, уметнички дела и други луксузни предмети може да се купат во готово и да се чуваат на долг рок, да се препродаваат на краток рок или да се транспортираат во други јурисдикции. Одредени земји имаат усвоено ограничувања за употреба на готовина за плаќање на предмети со висока вредност или бараат од продавачот на тие производи да го идентификуваат својот клиент. Сепак, постои перцепција дека постои релативно ниско ниво на усогласеност со овие барања кај трговците на мало барем во одредени земји бидејќи трговците на мало генерално не сакаат да бараат од клиентот да покаже документ за идентификација при вршење на големи набавки. На тој начин постои можност да го изгубат клиентот.

Се со цел да го ограничат движењето на готовина а со тоа и движењето на нелегалните пари земјите воведуваат низа мерки како:

-Ограничувања на бизнисите за прифаќање на повеќе од одредена сума на пари како дел од трансакција;

-Финансиските институции задолжително мора да известуваат доколку имаат уплати поголем од износот утврден како минимален во земјите;

-Пополнување на царинска декларација при влез на готовина во земјата;

Секако и Македонија како земја која претендира за полноправно членство во Европската Унија ги има имплементирано овие мерки. Сепак искуството покажува дека и покрај одредени подобрувања во борбата со криминалците и нивните нелегални пари, на овие мерки потребно е да се придодадат уште за да се добие посакуваниот ефект.

Затоа мора да се пристапи кон воведување нови мерки со кои што би се поставила поголема контрола и би се заострила борбата со лицата кои поседуваат нелегални пари:

-Охрабрување на употребата на електронски пари. Како алтернатива, владата би можела да преземе активности за да го охрабрат усвојувањето на електронски пари и да го променат културниот став на населението кон употребата на готовина, особено за трансакции со висока вредност. Во Шведска постои едно од најниските нивоа на готовина во однос на БДП (1,73%, споредено со 10,63% во еврозоната и 7,9% за САД). Употребата на готовина се намалува бидејќи потрошувачите и деловните субјекти сè повеќе користат електронски алтернативи за сите видови и големини на плаќања. Откако ја елиминираше највисоката номинација во Шведска (1.000 круни), Шведската влада очигледно ја омекна транзицијата кон електронските плаќања. Исто така Шведска преземала и други мерки како што се дистрибуирање уреди за читање на картички во црквите и бездомници, за да им се овозможи да добијат донации. Шведска очекува дека до 2023 година ќе биде првата земја во која што нема да се користи готовина.

-Составување на нови банкноти – Државата може да воведе нови банкноти со кои ќе ги натера поединците да мора да ги променат старите. На овој начин може да се направат незаконските пари што одредени лица ги чуваат безвредни бидејќи тие лица би биле лишени од можноста да ги перат тие пари во текот на подолг временски период без да бидат откриени.

- Укинување на банкнотите на голем износ – мерка слична на начинот на кој што Европската Централна Банка во мај 2016 година објави дека банкнотата од 500 евра повеќе нема да се издава од крајот на 2018 година, поради загриженост дека може да ги олесни незаконските активности. Суштината на аргументот е дека банкнотите со големи износи ретко се користат за легитимни цели, но сепак се користат многу од криминалците, затоа што тие овозможуваат големи суми на пари да бидат трансферирани и чувани.

Христијан Блажовски, специјалист за спречување перење пари

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Кога кризата со коронавирусот ќе заврши, светот повеќе нема да биде ист, концептот на неолиберализмот ќе биде редизајниран.

повеќе

Благодарејќи на коронавирусот, граѓаните го видоа вистинското лице на  оваа натприродна организација, наречена државна администрација. Алчна, себична, несолидарна, нечувствителна.

повеќе

Солидарноста е единствениот начин за надминување на оваа криза.

повеќе