Колку полошо здравство, толку полоша економија

Јавното здравје и економијата одат заедно и во време на пандемија, па затоа најдобриот начин да ѝ се помогне на економијата во оваа криза е ако се воведат адекватни рестрикции за пандемијата да се стави под контрола.

Ковид-19 пандемијата ја донесе најголемата економска криза по Втората светска војна. Светската економија се очекува да падне за 5% оваа година, што е најмногу во последните 75 години, и скоро и да нема држава што не е погодена од кризата.

Но оваа криза не е поинаква од останатите само поради тоа. Поинаква е и поради тоа што таа потекна надвор од сферата на економијата, односно, потекна од ширењето на еден вирус. Тоа го поставува и прашањето – од економска гледна точка, дали е подобро да се воведат рестрикции за да се спречи ширењето на вирусот, или пак е подобро ништо да не се прави? Шведска и Македонија за време на пандемијава го даваат одговорот.

Експериментот на Шведска

Шведска имаше нетипична реакција на КОВИД-19 пандемијата. Додека сите други европски земји воведуваа рестрикции и ги „затвораа“ економиите за да го спречат ширењето на вирусот, таа реши да не прави ништо. Со тоа го даде најголемиот природен експеримент во поновата историја.

Краткорочните резултати од шведскиот експеримент веќе се евидентни и најдобро можат да се согледаат ако таа се спореди со нејзините скандинавски соседи – Данска, Норвешка и Финска.

Здравствените резултати се убедливо најлоши во Шведска. Бројот на смртни случаи од КОВИД-19 таму е пет пати повисок отколку во Данска, десет пати повисок отколку во Финска и дванаесет пати повисок отколку во Норвешка.

Ништо чудно. Без рестрикции, ова и се очекуваше. Но, какви се економските резултати? И тие се полоши во Шведска. БДП во Шведска во вториот квартал падна за 8,3%, во Данска за 6,9%, а во Норвешка и Финска за 5,1% и 4,5%.

 Зошто Шведска има полоши економски резултати од соседите, иако не ја „затвори“ економијата, за разлика од нив?

Тоа што Шведска не ја „затвори“ економијата воопшто не ја поштеди од економскиот шок. Сите нејзини економски партнери се „затворија“, поради што и надворешната побарувачка за шведски производи се намали, односно, шведскиот извоз падна, исто како и таа самата да воведеше рестрикции.

Но, тоа што Шведска не воведе рестрикции направи дополнителна штета кај нив. Таму бројот на новозаразени и смртни случаи беше многу поголем отколку во другите земји, што потоа предизвика луѓето и фирмите да се воздржуваат од потрошувачка и инвестирање, многу повеќе отколку во другите земји. Така, во април, кога во Норвешка бројот на нови случаи се намалуваше, трговијата забележа пораст од 4,8% во однос на претходниот месец, додека во Шведска во истиот месец бројот на нови случаи растеше, па и трговијата забележа пад од 1,5%.

Резултатите од шведскиот експеримент се недвосмислени. Тоа што Шведска не воведе рестрикции за време на пандемијата не направи ништо добро, туку само ја разгори пандемијата, ги влоши здравствените резултати, а со тоа и економските.

Македонија на почетокот беше позитивен пример

Ние важевме за позитивен пример кога почна пандемијата. Во своите априлски проекции Меѓунaродниот монетарен фонд прогнозираше дека нашата економија оваа година ќе падне само 4%. Само Србија, Молдавија и Малта од европските земји се очекуваше да бидат подобри од нас.

Зошто очекувањата беа толку позитивни? Првиот фактор беше што нашата економија важи за релативно затворена, многу помалку интегрирана во глобалните економски текови од останатите европски економии, многу повеќе зависна од домашни фактори. Затоа и релативно добро поминуваме при глобални економски кризи, како на пример во 2008-2009, кога бевме едни од најмалку погодените во Европа.

Вториот фактор беше што, кога се правеа овие проекции, на крајот на март и почетокот на април, ние бевме една од најмалку погодените држави во Европа од коронавирусот. Имавме воведено навремени рестрикции, мерките доследно се спроведуваа, ширењето на вирусот беше забавено и се очекуваше да имаме вкупно околу 2000 случаи на заразени.

Кога неодамна излегоа економските податоци за вториот квартал, се виде дека сме всушност едни од полошите во Европа. Падот на нашиот БДП во вториот квартал е 12,7% (во однос на истиот период од 2019), што е подобро од само 10-ина европски држави, а полошо од 20-ина. Зошто поминавме толку лошо, и покрај позитивните првични очекувања?

Грешките со економските мерки

Несомнено, влијание имаат и грешките со владините економски мерки. Се доцнеше со нив, главниот пакет се донесе дури на 31 март, 20-ина дена по затворањето на училиштата, градинките, рестораните и моловите. Самите мерки беа насочени пред сè кон големите компании - најголема државна помош добија големи фирми кои остваруваат добивки од милиони евра, како приватните болници, казината, кладилниците или странските компании од зоните кои не плаќаат даноци. Малите фирми беа запоставени. Имавме само една посебна мерка за микро, мали и средни претпријатија - бескаматни кредити во вкупен износ од 14 милиони евра, кои веднаш се искористија. Многу од развиените држави имаа посебни пакети само за малите претпријатија, токму затоа што тие беа најпогодени од кризава. Германија, на пример, обезбеди директни субвенции од 10 милијарди евра само за самовработените и микро претпријатијата (до 10 вработени).

Помошта беше и лошо дизајнирана, па дел од парите кои требаше да завршат кај работниците, завршија кај сопствениците на фирмите. Имаше и случаи сомнителни за корупција, кога државна помош добиваа фирми на државни функционери.

Граѓаните беа скоро целосно изземени од мерките. Мерките кои се однесуваа на нив (платежните картички) беа донесени дури со третиот пакет мерки, кон средината на јуни, и беа прилично скромни. Вкупниот најавен износ на средства беше 28 милиони евра, што е само 0,25% од БДП и само 1/6 од вкупните средства кои државата ги потроши за справување со Ковид-19 кризата. Ова е премалку за да се ублажат штетните ефекти од кризата по граѓаните и за да се „рестартира“ економијата.

Но, иако се направија многу грешки со економските мерки, тоа сепак не е главната причина за лошите економски резултати.

Катастрофалниот здравствен биланс

Главната причина за лошите економски резултати е што, од крајот на април, нашиот здравствен биланс катастрофално се влоши. Почнаа да се прават отстапки кон разни влијателни општествени групи, како верските заедници и одредени бизнис групации. Немаше одговорност за организирање литии во услови кога имаше забрана за собирања, им се дозволи на црквите да работат за Велигден, не се реагираше на ифтарските собири, им се дозволи на џамиите да држат рамазански молитви. Им се попушти на угостителите и кладилниците и им се дозволи да отворат, иако културните установи останаа затворени. Министерот за внатрешни работи не сакаше да ги санкционира оние кои ги прекршуваа мерките, под изговор дека така ќе ја влоши нивната ионака тешка економска состојба. На крајот мерките и целосно се релаксираа, прерано, во услови кога здравствените резултати всушност се влошуваа.

Така, од првичните очекувања за вкупно 2000 заразени, се доведовме во ситуација да имаме 1000 новозаразени секоја недела и веќе 700 починати. Со тоа, нашите здравствени резултати сега се меѓу најлошите во цел свет и само дваесетина светски држави имаат повеќе смртни случаи по глава на жител од нас.

Со пример ја илустриравме најважната економска лекција од досегашниот тек на кризава - дека колку се полоши здравствените биланси, толку ќе бидат полоши и економските резултати. Токму државите кои имаа најлоши здравствени резултати во пандемијава, како Италија, Шпанија, Британија, Франција и Белгија, имаа и највисок пад на БДП во вториот квартал. Ние неславно влеговме во оваа група земји.

Извор: China Data Lab и Евростат

Причината е иста како во Шведска, и всушност одамна позната во економската наука – очекувањата. Лошите здравствени резултати ги влошуваат очекувањата во општеството, генерираат неизвесност околу иднината, поради што луѓето и фирмите се воздржуваат од трошење и инвестирање, што потоа ја намалува агрегатната побарувачка и ја забавува економската активност. Улогата на очекувањата во економијата ја има истакнатo уште Кејнз, во 1936 година, а денес меѓу економистите е широко распространето мислењето дека надминувањето на Големата Депресија од 1930-тите се должи токму на подобрените очекувања. Но нашите креатори на политики изгледа повеќе сакаат да им веруваат на локалните кафанџии и кладилничари отколку на економските научници.

Што сега?

Но, зошто е важно да се знае ова? Целта на овој текст не е само да покаже дека се згрешило во минатото. Целта е да се посочи што треба да се прави во иднината.

Во ситуација кога многу европски држави почнуваат да се соочуваат со втор бран на пандемијата и кога многу од нив размислуваат за враќање на рестрикциите, и ние ќе треба да почнеме да размислуваме за истото. Да, рестрикциите не мора да бидат строги како оние од март-април, можат да бидат и поблаги и селективни, и секако дека така треба да се почне. Но, доколку другите европски земји сепак решат да воведат строги рестрикции и повторно да ги затворат економиите, и ние ќе треба да го направиме истото. Не смееме да си дозволиме да изигруваме втора Шведска. Тоа би предизвикало огромни штети, и здравствени и економски, и тоа мора да им биде кристално јасно на сите.

Во овој поглед и не мора да одиме многу далеку, доволно е да погледнеме во соседството. Грција е одличен пример за успешно справување со кризата - има 10 пати помалку смртни случаи од КОВИД-19 по глава на жител од нас, иако се туристичка земја. Дури и падот на БДП во вториот квартал не им е многу повисок од нашиот - 15,3% вс. 12,7% - иако имаат десеткуван туризам. Веќе почнаа со воведување нови рестрикции, иако изминатите денови имаат околу 300 новозаразени дневно (што кај нас би било околу 60).

Не смееме ни да ги повториме грешките од минатото и да правиме отстапки и да попуштаме под притисоците, како што се правеше изминативе месеци со верските заедници, угостителите, кладилниците и други влијателни групи. Мерките мора доследно да се почитуваат од страна на сите, и доколку некој не го прави тоа, надлежните органи треба строго да санкционираат. Изговори од типот дека со тоа им се прави штета на граѓаните, апсолутно не се издржани. Штета се прави со несанкционирањето, затоа што така вирусот се шири, а тоа потоа го загрозува и јавното здравје и економијата.

За периодот на рестрикциите, ќе треба да се подготват нови економски мерки, за да се поддржат оние кои ќе бидат погодени од нив. Мерките по својата суштина не треба многу да се разликуваат од оние кои беа воведени до сега, но мора да бидат подобро дизајнирани и да ги елиминираат нивните слабости. Мора да бидат потаргетирани, односно, да завршат кај оние на кои најмногу им треба помош, како малите фирми, работниците, оние кои останаа без работа и сиромашните.

Мора да има посебен пакет на мерки само за малите фирми, по примерот на многу од развиените земји. Тој пакет, освен поддршка за надминување на ликвидносни проблеми и за плати на работниците, мора да обезбеди и поддршка за дигитална трансформација на малите фирми, односно преориентирање кон онлајн работење, електронска продажба и сл. Ова е и првата препорака на ОЕЦД за помагање на малите фирми во оваа пандемија. 

Новите економски мерки мора да посветат повеќе внимание и на граѓаните. Поддршката за нив не смее да се сведе на платежни картички од 3000 или 9000 денари. Тоа е навредливо фрлање трошки. Во државата со највисоки социјални разлики во Европа, потребни се системски промени за решавање на сиромаштијата, потребен е социјален систем кој ќе зема од оние кои имаат и ќе им дава на оние кои немаат, а ваквите кризи се најдобриот момент за такви крупни промени. 

Конечно – мора сите да сфатиме дека јавното здравје и економијата одат заедно, рака под рака. Ако јавното здравје не е во добра состојба, нема да биде ни економијата. И во оваа пандемија, и во „мирни“ времиња. Затоа, да почнеме да се грижиме многу повеќе за него.


Бранимир Јовановиќ

Овој блог е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот" која ја спроведува Рес публика во соработка со Анализирај.ба (БиХ), Sbunker (Косово) Не давимо Београд (Србија), PCNEN (Црна Гора), Prlija (Хрватска), ABCnews.al (Албанија) и СЕГА (Бугарија).

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе

И Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми.

повеќе

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе