Како понатаму во свет(от) кој се соочува со шокови

Шоковите кои се случуваат истовремено и распадот на меѓународната соработка го направија управувањето со кризи невозможно - барем со користење на стандардните алатки. 

Овој предизвик бара ново размислување и подготвеност од страна на важните играчи во системот да ги скротат своите стратешки ривалства.

Сите ние можеме да бидеме сигурни во едно нешто: дека повеќе не живееме во меѓународен поредок кој е стабилен и заснован на правила. Времето на униполарност и глобален либерализам се зад нас, а ние сега се соочуваме со поголем број на шокови кои не се ништо во споредба на она што повеќето од нас досега го имале како искуство во животот. Во авионот нема пилот – нешто најблиску до тоа што сега го имаме се Г-20 кои се скршени и се наоѓаат во ќорсокак, и покрај храбрите напори кои ги прави Индонезија како претседавач со оваа организација оваа година.

Меѓународните институции, норми и практики на кои и понатаму се потпираме паѓаат во сенка на геополитиката. Без разлика на нивната реторика, Кина, Русија и САД имаат изгубена доверба во глобалните институции и не даваат поддршка ако не им одговара на нивните интереси. Додека Европската унија, Јапонија, Обединетото Кралство, Канада и главните играчи од Глобалниот Југ и понатаму го поддржуваат мултилатерализмот, сепак глобалното владеење не може вистински да се одржи без учество на најголемите светски економски и воени сили.

За да бидат работите уште полоши, светот сега се соочува со најмалку осум истовремени системски предизвици. Како што објаснува поранешниот гувернер на канадската централна банка Стивен Полоз во својата книга Следното доба на несигурност, „кога имаме повеќекратни сили кои на долг рок заедно дејствуваат врз економијата со текот на времето, а кои исто така имаат и меѓусебна интеракција, самата економија е можно да се однесува неправилно и да изгледа нестабилна“. Во вакви услови, предвидувањата и конвенционалните алатки на политиката повеќе не функционираат.

Првиот голем предизвик е руската војна во Украина, на која не ѝ се гледа крајот (и покрај скорешните напредувања и успеси на вооружените сили на Украина). „Tit-for-tat“ вооружувањето на економските врски создаде огромен енергетски шок во светски рамки што дополнително ќе ги влоши општествените и политички кризи во Европа и ширум светот во текот на оваа есен. Земјите од Г7, Австралија и Јужна Кореја презедоа чекори за да ја „замрзнат“ Русија надвор од глобалниот систем на употреба на доларот и меѓубанкарската мрежа за пораки (SWIFT), но силите од Глобалниот Југ не се приклучија на режимот на санкции, и така Г-20 останаа поделени по ова прашање.

Второ, и покрај неодамнешното донесување на одредени законски решенија од страна на Владата на претседателот Бајден, американската демократија сепак е во длабока криза. Донесувањето на одлуки во најголем дел се соочува со проблеми поради законодавните пречки и поради активистичкиот Врховен суд, а да споменеме и дека екстремизмот бележи пораст. Во една своја неодамнешна книга, експертот за меѓународни односи Барбара Ф. Волтер предупредува дека голем број на показатели за претстојна граѓанска војна во САД се во црвено.

Една обемна анкета која беше објавена во ноември 2021 година покажа дека 30% од републиканците и 18% од Американците се согласуваат со изјавата: „Бидејќи работите толку многу излегоа од колосек, вистинските американски патриоти можеби ќе треба да прибегнат кон насилство за да ја спасат нашата земја“.

Трето, Кина се наоѓа на раскрсница. Дваесеттиот партиски конгрес кој се одржа овој октомври речиси сигурно ќе го зацврсти владеењето на претседателот Си Џинпинг и ќе постави клучни носители на одлуки на власт за период од наредниве пет години или подолго од тоа. Дури потоа ќе можеме да видиме дали режимот има намера да ја удвои својата националистичка мобилизација и да ја интензивира контролата врз општеството - вклучувајќи ја неговата економски катастрофална политика „нулта-COVID“, затворените граници и други ограничувања.

Дали Кина ќе ја зацврсти својата нова изолација или ќе направи чекори назад кон меѓународно поврзување и економската либерализација? Одговорот на тоа прашање ќе ги одреди одговорите и на многу други прашања. Како што сега стојат работите, политичките траектории на САД и Кина поттикнуваат една конфронтирачка спирала која не може да заврши добро за ниту една од страните.

Четврто, по периодот на едно големо единство како одговор на руската инвазија на Украина, ЕУ влегува во извонредно ризичен период на испреплетени енергетски, економски и општествени шокови. Италијанците се чини дека се подготвени да гласаат за десничарска националистичка влада во текот на овој месец; француската Влада е поделена а источните земји-членки остануваат ранливи на руските закани.

Петто, катастрофите поврзани со климатските промени се нешто што постојано се интензивира на глобално ниво - и тоа многу порано од она што се очекуваше. Низ цела Јужна Азија, Пацификот, Кина, Европа, Африка и Америка, топлотните бранови, сушите, шумските пожари и огромните поплави се работи кои доведуваат до катастрофи, ги намалуваат резервите на храна (кои ионака беа доведени во опасност поради војната во Русија) и ги фрагментираат општествата.

Шесто, сè уште е присутна неизвесноста по завршувањето на пандемијата во однос на синџирите на снабдување, пазарите на енергија и храна и инфлацијата. Никој не може со сигурност да каже што ќе се случува со глобалните финансиски пазари оваа есен, но во тек се дискусии за затегнување на финансиските услови и за тоа дека се случува рецесија.

Седмо, овие прехранбени, енергетски, климатски и економски шокови веројатно ќе предизвикаат социјален и демократски распад во повеќе делови од светот, особено ако Г-20 не постигне договор за мерките за ублажување, како што е олеснувањето на долгот. Либан, Шри Ланка, Пакистан и Етиопија веќе се втурнати во политички и социо-економски хаос.

На крајот, она што на што ќе бидеме сведоци следниве месеци ќе биде оптоварувањето врз глобалните механизми за владеење како никогаш досега. Сите погледи ќе бидат насочени кон самитот на Г-20 во Бали кој ќе се одржи од 15 до 16 ноември, потоа кон Самитот за азиско-пацифичка економска соработка предвиден за 18 и 19 ноември во Тајланд и кон климатската конференција ЦОП-27 која ќе се одржи од 6 до 18 ноември во Шарм Ел Шеик во Египет. За жал, не можеме да имаме големи очекувања од било кој од овие настани.

Што треба сега да се направи?

Прво, со овие шокови кои се во меѓусебна интеракција мораме да се справиме со прагматизам, а не со идеологија, и да признаеме дека неуспехот колективно да се дејствува ќе ја доведе во опасност иднината на самата човечка цивилизација. Бидејќи ние и понатаму сме тесно поврзани преку технологијата, климата, патувањата и пошироката светска економија, глобалното владеење кое се остварува преку ексклузивни регионални или идеолошки клубови повеќе нема да биде доволно.

Второ, политичките лидери и креаторите на политики мора да разберат како да ја спојат  имагинацијата која лидерите во бизнисот и технологиите ја покажаа во последниве децении. Постојат огромни неискористени можности кои треба да се истражат преку алтернативни пристапи кон глобалното и колективното управување. Тука се мисли на нови платформи како што се Парискиот мировен форум, Иницијативата за глобални решенија и Форумот за мир и просперитет „Џеџу“, кои сите заедно обединуваат повеќе актери и преку тоа се создаваат нови модели или меѓурегионални групи како што е Алијансата за мултилатерализам.

Г-20 треба да формира работна група за заеднички долгорочни егзистенцијални прашања и меѓусебни погрешни перцепции. Итно ни е потребно конкурентна потрага по нови идеи која ќе се движи од долу нагоре.

Трето, големите и системски важни играчи имаат историска одговорност да ги стават настрана своите воени и безбедносни ривалства и да ги поддржат земјите кои се соочуваат со тешкотии поради активностите на големите сили. Во минатото се наоѓаа начини за смирување на заканата од меѓусебна несигурност преку редовни глобални состаноци и платформи како што е Стокхолмската конференција за мерки за градење доверба и безбедност и разоружување во Европа; ние мораме повторно да го направиме тоа и денес.

Сите земји, компании, фондации, субјекти од граѓанското општество и невладини организации сега имаат задача да генерираат идеи и да формираат мрежи и коалиции, со цел градење отпорност и развој на системи кои нема да бидат кревки. Ако големите играчи не успеат да го реализираат својот дел од работата, нашата последна шанса можеби ќе бидат овие засегнати страни кои се наоѓаат во средината.

 

Бертран Бадре

Ив Тибергиен

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa.)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.

повеќе

Треба да се размисли за тоа дека сите предлози и промени кои доаѓаат од Брисел, не можат ефикасно да се применат и во Македонија и да се дејствува во правец на благосостојба на граѓаните, а не само на профитите.

повеќе