Како да се заузда јавниот долг на Македонија

Јавниот долг во Македонија вртоглаво расте, а секој македонски граѓанин е задолжен со речиси над 3.500 евра.

Одржливоста на јавниот долг е макотрпен пат кој нашата држава се стреми да го премине, но ризикот од неизвесноста на иднината се’ повеќе се зголемува.

Намалената економска активност на глобално ниво како резултат на ширење на Ковид пандемијата влијаеше и врз македонската економија. Од почетокот на пандемијата, јавниот долг во Македонија е во континуиран раст, а она што загрижува е фактот дека и во наредниот период истиот ќе се зголемува.

Со цел непречено финансирање на потребите, Македонија во март 2021 година издаде еврообврзница во износ од 700 милиони евра, со купонска каматна стапка од 1,625%, која е рекордно најниска камата за досега издадени обврзници.

Владата за 2022 година го предвиде буџетскиот дефицит од 33,5 милијарди денари што е еквивалентно на 4,3 отсто од проценетиот бруто-домашен производ кој е еден од основните показатели на големината и успехот на една економија.

Висината на јавниот долг станува преголем товар

Границата на јавниот долг од 60 отсто за Македонија е превисока. Нашата држава не успева да ги задржи границите на јавниот долг од 45 до 50 отсто.

Од огромно значење е учеството на една држава во бруто-домашниот производ, како и тоа колку јавниот долг придонесува за раст и развој на економијата и колкави и какви се можностите за враќање на позајмените средства.

Според поранешниот гувернер на Народна Банка, Петар Гошев, клучното прашање во оваа ситуација е како се трошат средства добиени од задолжување на државата и колкав дел од приливите на државата се предвидува да се одвојат за враќање на долговите. Според Гошев, се очекува долговите да се враќаат со нови заеми, но додава дека поважно е дали економијата расте, а со неа и приливите во државната каса кои понатаму ќе се користат за сервисирање на доспеаните обврски.

Возмoжно ли е заздравување на економијата?

Портфолиото на долгот на македонската влада треба да се заштити од можни идни шокови и неповолни влијанија и промени на каматните стапки кои директно доведуваат до зголемување на трошоците на Буџетот на Република Македонија.

Доколку гледаме долгорочно, последиците од зголемувањето на јавниот долг во државата се многубројни, особено кога државата не располага со резерви за да ги врати средствата.

Потребно е активно одржување на оптималната структура на каматните стапки на портфолиото на долгови на македонската влада како една од главните фискални цели. Затоа, потребно е да се огранични структурата на каматните стапки на долгот на Владата на Република Македонија, односно минималниот праг на долг со фиксна каматна стапка кој е определен да изнесува 60% за периодот од 2022 до 2026 година.

Неминовна е потребата надлежните институции и органи транспарентно и одговорно да го образложат процесот на враќање на веќе земените кредити, со дополнителни образложенија за значајни детали кои се поврзани со нив.

Мојот став е дека определувањето на среднорочни лимити за валутна и каматна структура на јавниот долг ќе овозможи намалување на ризичните фактори кои влијаат на портфолиото на вкупниот јавен долг во земјата За поголема отпорност на надворешните шокови, намалување на ризикот од рефинансирање и долгорочна одржливост на долгот, потребно е развој  на пазарот на хартии од вредност.

Според искуствата од земјите во Европа, создавањето на значајни примарни вишоци преку фискална консолидација е од витално значење.  Во овој поглед, консолидациите базирани на расходи имаат тенденција да бидат повеќе трајни и поповолни за раст од оние кои се засновани на приходи.

Ризикот од неизвесноста за иднината

Одржливоста на јавниот долг е тесно поврзана со способноста на владата да ги почитува сите свои сегашни и идни обврски. Бидејќи иднината е неизвесна, потребно е секоја проценка на одржливоста на долгот да даде чувство за ризиците кои веројатно ќе влијаат на динамиката на јавниот долг.

Ребаланс на Буџетот е одговор на кризата, но потребна е поголема консолидација на тековните трошоци за да нема проинфлаторен ефект. Според Министерството за финансии и нивните проекции, се предвидува дека од 2023-та се планира благо намалување на јавниот долг на 65,2 отсто, кое треба да продолжи и следните години.

Со мерките на фискална консолидација во 2025 година во Македонија се очекува стабилизација, додека во 2026 година се очекува враќање на јавниот долг во пропишаните рамки под 60 отсто од бруто-домашен производ (БДП).

Потребата од заздравување на економијата и поддршка на стандардот на граѓаните на краток рок е повеќе од потребно. На среден рок потребно е намалување на буџетскиот дефицит, со цел стабилизирање на јавниот долг, но и покрај тоа, драматичниот раст на јавниот долг ја доведува во прашање фискалната одржливост на нашата држава, а во краен случај, неговото зголемување и понатаму останува неизвесно и се темели на нестабилна основа.

Новите задолжувања треба да бидат примарно насочени кон поттикнување на растот на економијата, а соодветно на тоа да создаваат и нов поголем бруто-домашен производ (БДП).

Сања Велкакова

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa.)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.

повеќе

Треба да се размисли за тоа дека сите предлози и промени кои доаѓаат од Брисел, не можат ефикасно да се применат и во Македонија и да се дејствува во правец на благосостојба на граѓаните, а не само на профитите.

повеќе

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе