Како да се анимира дијаспората?

Македонската дијаспора е еден микс од разни времиња, гледишта и ставови, но се повеќе дијаспората има еден значаен именител - образована и ситуирана средна класа која е видно загрижена за економските текови во Македонија.

Како никогаш досега влијанието и присутноста на  Македонската дијаспора не била на така високо ниво. Можностите за поголема соработка се многу перспективни.

Неодамнешната конференција на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) и Агенцијата за иселеници кои напоредно имаа две конференции се само мала потврда за тоа.  Двете конференции беа координирани да се одржат во исто време и на иста локација во Скопје. Едната конференција беше одржана под покровителство на државата и Агеницјата за иселеници, а другата во организација на ОМД и нивното члеснство распрснато низ целиот свет.

Конференцијата на ОМД помина  онака како што се планираше. Самата конференција беше арена каде 40 научници и 66 говорници од 12 земји дадоа различни мислења, дипломатите и економистите имаа свое видуавње за сегашната ситуација во Македонија, а лутите политички ривали седнаа на заедничка маса и дадоа свои различни перспективи кои не опкружуваат сите нас. 

Реткост е да се види како госпоѓата Шеќеринска од една, и господинот Милошоски од друга страна седат на иста маса давајќи различни мислења за да се достигне една цел. Македонската дијаспора ги обедини политичките субјекти да седнат на маса и да разговараат. Тоа што не им успева на новинарите, медиумите, на меѓународните и домашните институции и успеа на дијаспората. Гордоста за ваковиот успех е неодминлива. 

Медиумската покриеност на настанот помина во одлично светло и без исклучок медиумите дадоа силна конференциска покриеност. Секојдневно од конференцијата имаше извештаи кои беа непристрасни, меродавни и аполитизирани. Од организациска гледна точка, постоеше ризик дека би можело да се наметне една медиумско политичка боја на конференцијата, меѓутоа медиумите без исклучок во целост ја извршија својата работа коректно. Аполитичкиот, и пред се професионалниот карактер на известувањето беше во целост реализирано.

Позитивен белег остави доделувањето на признанија и одликување на 9 македонски организации од дијаспората и 13 поедници – припадници на македонската дијаспора од страна на претседателот Иванов. Ваквиот чин даде поттик до наградените организации и поединци да работат уште  повеќе за доброто на Македонија. Лично знам неколку поединци добитници на признанија кои гордо се вратија во своите земји на живеење инспирирани за поголема инволвираност на луѓето околу нив. Се надевам дека институцијата председател на Република Македонија во континуитет и периодично ќе продолжи со доделување на заслужени награди за дијаспората.  

Македонската дијаспора е еден микс од разни времиња, гледишта и ставови, но се повеќе дијаспората има еден значаен именител - образована и ситуирана средна класа која е видно загрижена за економските текови во Македонија. Ваквиот профил на дијаспора е едно богатство што дефинитивно треба повеќе да се анимира. Нивниот интерес кон Македонија е мултиплексен. Од етаблирање бизниси, давање донации на роднини и институции, туризам, политичка инволвираност како и волонтирање во Македонија. Оценките се дека македонската дијаспора брои помеѓу 3 и 4 милиони луѓе.

Од организациско-политичка гледна точка, немањето политички разграноци кај нашинците во дијаспората го осиромашува политичкиот капацитет на партииите кои делуваат во Македонија.

Растечката значајна улога на дијаспората која е потврдена во парламентот каде што имаме парламентарци кои ја претставуваат истата, добива се поголем замав во останатите пори од нашата држава, а пред се во економската сфера. Статистиката е најдобра потврда за тоа. Приватните трансфери кои нашинците ги доставуваат од странство е значаен дел од бруто националниот приход на Македонија. На годишно ниво дотациите од странство во последниве осум години се во пораст со тоа што во последниве три години е над 18 отсто од БДП, а лани достигна рекордни 20,9 отсто од БДП. Во 2012 година на дотациите на нашинците од странство во Македонија изнесуваа 1,572 милијарди евра. За споредба, странските директни инвестиции во 2012 во Македонија беа 104,8 милиони евра. Ако се погледне разликата помеѓу дотациите на нашинците од странство и странските директни инвестиции во последниве осум години тогаш се забележува дека константно дотациите се поголеми од странските инвестиции и се поголеми помеѓу 2 и 15 пати повеќе.

Можностите за поголемо инволвирање на дијаспората во економскиот живот на Македонија има перспектива и се заснова на лимитот на имагинацијата на нашиот бизнис сектор тоа да го реализира.

Потенцијал постои во доменот на подигање на старечки домови кои нудат западни луксузни услови за сместување и квалитетна медицинска услуга, а таргет група се наши пензионери од Австралија, Северна Америка и Европа. Пензионерите од дијапсората имаат стабилни и високи пензии, а нивните деца се независни од нив. Во добар дел пензионерите од дијаспората не се осудуваат да дојдат на подолг период поради немање адекватни старечки домови каде ќе можат да бидат соодветно целосно згрижени.

Исто така нудење на едно месечни или двомесечни курсеви на Македонски јазик, за време на летниот распуст, на децата на нашинците од дијаспората, надополнети со сместување и екскурзии низ Македонија. Низ целиот свет има помеѓу 3 и 4 милиони дијаспора која е со македонско потекло, доста од нив немаат можност самите или нивните деца да ги научат македонски, а сакаат да ги научат.

Можностите се пред нас и само до нас е истите да ги реализираме и негуваме.

Сашо Маневски,

Претседател на Организациониот одбор на 4та Глобална конференција на ОМД

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе