Како бизнисмените ги „кријат” своите пари и идентитет во оф-шор центрите?

Најпрво, важно е да се напомене дека поседувањето на оф-шор компанија не е нелегално само по себе. Во суштина оф-шор земјите нудат низа поволности како што се исклучително поволни стапки на данок. Всушност, некои од нив имаат нула стапка на данок. 

Оф-шор компанијата, слично како и домашните компании, може да отвора банкарски сметки, да поседува имот, да работи на деловна активност, да склучува писмени договори, да купува и продава и да се занимава со други форми на трговија. Исто така, позната како меѓународна деловна компанија, таа генерално нема даночни обврски во земјата каде е формирана, меѓутоа треба да го води својот бизнис надвор од земјата на формирање.

Бидејќи економиите стануваат меѓусебно поврзани и границите меѓу нив ефикасно исчезнуваат, сложеноста на финансиските трансакции достигнува нови нивоа. Разликата помеѓу сегашната фаза на глобализација наспроти претходната од крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век лежи и во правец на проток на капитал и од тоа од каде потекнува. Согласно одредени статистики, помеѓу 1870 и 1913 година, Велика Британија и Франција инвестирале во странство 6,5% и 3,7% од нивниот БДП, соодветно. Во случајот на Велика Британија, ова било околу 34% од вкупните капитални инвестиции. И, практично немало пари од периферните земји депонирани во британските и француските банки, а имало само неколку десетици имоти во сопственост на инвеститори од овие земји. Ако имало случаи на богати прекуокеански претприемачи или благородници кои носеле пари на најразвиените нации во тоа време, тие биле добро познати и документирани.

Сега, сè е променето: секоја година 800 милијарди долари до 2 трилиони долари, или приближно 10% од комбинираниот БДП на Европската унија, пристигнува во глобални финансиски метрополи како Лондон, Њујорк или Цирих од земјите во развој. Повеќето од овие пари доаѓаат преку разни јурисдикции на островите, а нејзините сопственици не се познати.

Меѓутоа проблемот е во тоа што политичарите или криминалците ги користат овој вид на компании заради прикривање на идентитетот или за други нелегални активности. Затоа оф-шор компаниите често се поврзуваат со даночно затајување или сериозни нелегални активности како „перењето” пари.

На криминалците и измамниците им требаат три работи за да пренесат големи суми пари: банка подготвена да ги земе парите; адвокат или друг олеснувач за воспоставување шема за перење; и некој начин на маскирање кој навистина ги поседува средствата.

Анонимните компании се моќна алатка за прикривање на сопственоста. Анализите на Светска Банка за повеќе од 200 случаи на голема корупција покажа дека тајните оф-шор компании биле користени во 70% од нив. Регистрирањето компании во странство им дозволува на своите сопственици да поседуваат средства, да отвораат банкарски сметки и да вршат зделки а создадавањето цели мрежи на анонимни компании што опфаќаат повеќе јурисдикции, со што крајниот сопственик и контролор е скоро невозможен да се утврди е брзо, лесно и релативно евтино.

Сите измамници за да го сокријат својот идентитет, вклучуваат компанија во јурисдикција како Британските Девствени Острови или Маурициус каде што деталите за акционерите не се објавуваат. Сопствениците понекогаш додаваат втор слој на тајност со употреба на „номинирани“ - луѓе кои ги прикриваат луѓето што навистина ја контролираат: номинираните се легални во голем број на земји и обично не постои услов да се открие дека наведените имиња не се вистински корисници на компанијата. Тоа се најчесто вработени или пријатели на компанијата што е задолжена за регистрација на компании во оф-шор финансиските центри.

“Околу 10% од глобалниот бруто-домашен производ е скриен во даночните засолништа, правејќи ја нееднаквоста полоша отколку што изгледа”

Ако сте дилер на дрога, измамник или, да речеме, корумпиран политичар, ќе имате многу пари од нелегални извори а немате начин да ги потрошите или скриете. Затоа ќе биде потребно „чистење” на истите. Истите може да се пренесат во компанија „школка” во некој оф-шор финансиски центар и да ги претворите во обврзници, во сопственост на компанија „школка” за која никој не знае.

Компаниите „школки” имаат надворешен изглед како и секој легитимен бизнис. Меѓутоа овој вид на компанија нема друга активност освен да управува со парите, додека крие кој ги поседува. Неговото управување е составено од адвокати, сметководители или дури и чистач на канцеларии, чие име стои на документите.

Македонија и Балканот не се имуни од ваквиот тип на компании!

Според истражувањата кои ги спроведуваат економски експерти се наведува дека дури половина од директните странски инвестиции на Балканот доаѓаат токму од компании од оф-шор земјите.

Голем дел од газдите во земјава имаат регистрирани компании во земји како што се Панама, Бермуда, Белизе. Ова се дестинации од каде што често се одлеваат милиони евра од Македонија. Во исто време согласно податоците на релевантни институции, во нашата земја овие оф-шор центри се појавуваат и како едни од најголемите странски инвеститори. Колкав е износот кој што реално завршува во бизнисот кај нас, не е утврден.

Светот сѐ повеќе ја заострува борбата со овој начин на работа. Според официјалните резултати на светско ниво откако се донесе „Иницијатива за спроведување на стандарди за даночна транспарентност”, ширум светот се собраа дополнителни приходи во вредност од 93 милијарди евра од даноци, камати и казни за десетина години. Само во 2017 година, кога почнува да се применува Вкупниот стандард за известување, меѓу државите се разменети податоци за сметки во вредност од стотици милијарди евра. Ова значи дека приходите од нив ќе бидат оданочени.

Христијан Блажовски, специјалист за спречување перење пари

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе