Јавниот интерес и поделените медиуми

И најубавите партиски цели се само обични желби, ако партиите немаат јасна концепција за пристапот, како и со какви конкретни решнија ќе ги реализираат наведените цели.

Реформите во медиумската сфера како „најжешки“ во преговорите, се реактуелизираат. Предлозите за начинот на конституирање, составот и надлежностите на институциите и телата во медиумската сфера, секако, се премногу битни прашања, од аспект на нивната партиска и институционална независност.

Авторот аналогно на неговите системски предлог- решенија за другите клучни државни институции, смета дека тие може да послужат, како своевидна парадигма, во споредба со предлогот на Ванхојте, се разбира, со одредени адекватни модификации прилагодени на спецификите во структурата на медиумската сфера. Конкретните решенија во контекст на системските реформи, може да се видат и тука.

Овој пат, после шест месечно тагување за состојбите во Македонија, решив да проговорам за една, исто така, премногу битна, ако не и најбитна, но, запоставена димензија на етичките и професионалните стандарди во новинарството, за што не се зборува  доволно темелно. Се надевам, новинарите нема да ми замерат, што се осмелувам да се мешам во „нивната“ фела, со оглед на честото наметнување впечаток дека дебатирањето за медиумската сфера, особено за новинарството, се смета за ексклузивно право резервирано само за фелата.

Избалансирани, независни медиуми, професионално новинарство, јавен интерес - што ли е тоа? Какви се тие мислени именки во Македонија? Прво, врв на хипокризијата и крајната расипаност е кога: сите непрекинато декларираат дека го застапуваат јавниот интерес и се залагаат за суштинска дебата во избалансираните и професионалните медиуми, а бегаат од нив како „ѓавол од крст“. Со оглед на сознанието дека во демократското, граѓанско општество, најзначајниот сегмент се медиумите и новинарската фела, со најзначајни јавни функции и најголема јавно-морална одговорност, особено треба да не загрижува состојбата во медиумите и новинарството.

Има многу индицијални факти што го потврдуваат таквото тврдење. Секоја чест на исклучоците, но сѐ повеќе непобитни факти зборуваат дека новинарите се исто толку, ако не и повеќе партиски поделени, отколку другите сфери во општетството. Секако дека и новинарите се живи луѓе, така што и тие не можат да бидат политички неутрални. Се согласувам со критериумот за диференцијација на професионалци и непрофесионалци, а не на проопозициски и провладини новинари. Но, страшното е што и „објективните професионалци“ премногу конвергираат кон партиско-политикантските агенди на некоја од поларизираните партиски табори. Или, едноставно, мораат да се придржуваат на политиката на медиумот финансиран и зависен од одредени центри на моќ. Така, нормално е тогаш - скапоцените секунди на телевизија да бидат резервирани за партиски таргетирани личности, а не за тие, кои нудат најдобри решенија за најкрупните  општествени прашања од интерес за најголемиот дел на граѓаните во Македонија.

Друг индицијален факт е дека нон-стоп се повикуваат едни те исти проопозициски и провладини експерти, кои оркестрирано „пеат“ во хор, само со различни вокални можности.

Притоа, многумина од најповиканите се обидуваат да го релативизираат јавниот интерес, така што наведуваат дека било невозможно да се дефинира. Инаку, најлаконски, според  изворното републиканско сфаќање ("res publica"), јавниот интерес може да го определиме како сѐ она што придонесува за општиот општествен интерес на најголемиот дел од граѓаните на едно општество. Ако го сфатиме јавниот интерес во таа смисла, ја поддржувам изјавата на директорката на МИМ Биљана Петковска, која за ТВ 24 вести изјави : „Медиумите кои не го адресираат јавниот интерес, туку адресираат парцијални, партиски и бизнис интереси, не ја постигнуваат целта заради која постојат. Таквите медиуми по дефиниција се корумпирани“.

Второ, ако се согласиме што е јавен интерес, дали тогаш јавен интерес е кога длабоко поделените, партизирани медиуми повикуваат проопозициски и провладини експерти на јавни дебати, при што, најчесто едните или другите од ист табор си „дуваат во исти рог“. Како своевиден придонес кон поизбалансираното информирање, факт е дека некои од медиумите организираат и дуели помеѓу експерти од двата табора. Но, каде е тука јавниот интерес или поточно, колкав е степенот на јавниот интерес во овие ТВ дуели, освен ако не го сметаме за јавен интерес „циркусот“ што медиумите им го приредуваат на граѓаните, имајќи предвид дека и едните и другите, длабоко закопани во своите партиски „ровови“ водат „разговори на глуви“, при што, никој не сака или не може да го слушне аргументот на другата страна. Тука, драги мои, многу малку или воопшто нема јавен интерес, туку има партиски интерес.

Можеби и тоа е една од причините која може да им послужи како изговор на повиканите од власта, зошто ги одбиваат повиците за учество во дебатни емисии, кои ги организираат проопзициски настроените медиуми. Но, уште понеодминлив впечаток создава опцијата дека повиканите од власта ги одбиваат јавните дебати затоа што често не сакаат да се соочат со такви аргументи и факти, на кои немаат валидни противаргументи. 

Во секој случај јавниот интерес може најмногу да дојде до израз кога ќе има вистински суштинска дебата врз основа на рационална конфронтација на аргументи и факти. Излажете се, почитувани уредници, поканете еднаш, заедно со проопозициските и провладините експерти и некој што не е близок со ставовите ни на едната, ни на другата партија, за да видите вистинска разлика, а сигурен сум дека вистинољубивите и правдољубивите граѓани на Македонија, дури тогаш ќе имаат можност да видат и една друга, дијаметрално спротивна и квалитативно различна димензија на „вистинската страна“ на вистината. Ве уверувам дека тоа не е само реторичка димензија, туку димензија со многу практични консеквенции. Меѓу другите, најзначајната од сите консеквенци е „вадењето на маса“ и дебатирање со аргументи и факти за најдобрите пристапи за системски стабилно и долгорочно решавање на длабоката системска криза, а не само за палијативни и парцијални решенија со кои се решава актуелната политичка и институционална криза, како што, сега се бутка со „Пржино“.

Се разбира, некои не го сакаат ни тоа што е договорено во Пржино, некои го сакаат повеќе. Меѓутоа, има нешто што го приметија и повеќемина вистинољубиви опозиционери.  А, тоа е фактот дека беше голема грешка фиксирањето на датумот на избори во Пржинскиот договор, пред да бидат исполнети условите за спроведување на суштински реформи. Дури потоа требаше да се договори излегување на избори. Уште повеќе од тоа, требаше да се инсистира на услов за длабоки системски реформи во најзначајнните општествени сфери. Вака сега, колку што гледам и слушам и некои од полуцидните интелектуалци во опозицијата не можат да се отргнат од впечатокот дека сите напори на опозицијата се фокусирани кон  промена на режимот, а дури потоа останува да видиме дали борбата била само да се смени едната партиска номенклатура со друга или да се спроведат суштински реформи со кои системски стабилно ќе се гарантираат слободата, демократијата и владеењето на правото. Според мое мислење, се испушти една голема можност, среќа во несреќата што нѐ снајде, да се искористи најголемата досега политичка криза, па во преговорите меѓу најголемите политички партии, со меѓународно посредништво да се постават темелите за едни навистина длабоки системски реформи во структурите на системот. Размислувањето дека тогаш, како и сега немало време за тоа и дека таквите реформи треба да останат по изборите, испушта од предвид два многу значајни момента: 1) многу е неверојатно после изборите да се обезбеди такво квалификувано мнозинство за неопходните уставни измени, без оглед која и да биде победничката партија. 2) Процедурата, заедно со темелната јавна расправа за само 3 (трите) неопходно потребни уставни амандмана, со кои ќе се отвореше пат за понатамошна законска операционализација на длабоките системски реформи во структурите на системот, немаше да трае подолго од времето што помина од донесувањето на Пржинскиот договор до одржувањето на изборите, кога и да се одржат тие најрано.

Имено, со Пржинскиот договор се начнаа некои решенија, но многу малку, парцијално, изолирано и скромно. Одамна ја застапувам тезата и се повеќе и повеќе сум убеден, особено со оглед на најсвежите примери на уставно-судските одлуки, за кои што сега многумина се чудат, дека без отварањето на вистинските прашања за Уставниот суд, ЈО, ДКСК, ДЗР и други декларативно-независни институции, тела, агенции, регулаторни комисии, бироа..., нема да постигнеме значителен напредок во однос на нашиот најголем проблем: невладеењето на правото.

Инаку, меѓу нас, има (и одлично е тоа што има) големи разлики во однос на сфаќањата што подразбираме под суштински односно длабоки системски рефеорми во структурите на системот и што подразбираме под независни институции. Во таа смисла, може ако се сака со рационална конфронтација на аргументи поврзани со логичките принципи, а базирани на неспорни факти од реалноста, да видиме, кои научни концепти и пристапи предлагаат најдобри, реално одржливи и практично применливи решнија. Рационалната конфронтација на аргументи нема никаква смисла, само тогаш кога  различните страни во дебатата немаат исти цели, што може да биде природна последица доколку тие тргнуваат од различни политичко- идеолошки платформи, или филозофски концепции засновани на различни вредносни ставови и морални убедувања. Меѓутоа, највообичаено кај нас е – партиите јавно да декларираат конјуктурни цели, кои всушност, во практиката воопшто не сакаат или само делумно сакаат да ги остварат. Впрочем, сите наши релевантни партии во своите програми се залагаат за речиси исти цели. Која партија декларативно не се залага за: повисок економски раст и развој, намалување на сиромаштијата, невработеноста и со нив директно поврзаните причини : борба против корупцијата и организираниот криминал, што сѐ заедно води кон нашиот најголем проблем и цел за решавање - владеењето на правото. Имено, и најубавите партиски цели се само обични желби, ако партиите немаат јасна концепција за пристапот, како и со какви конкретни решнија ќе ги реализираат наведените цели.  Вистинските разлики,  односно, разоткривањето на партиите -дали имаат само демагошки декларирани цели или вистинска намера за нивно оживотворување, може да се види, само ако се видат и објаснат  концепциите за пристапот кон конкретното решавање на овие проблеми (се разбира, ако такви воопшто има). Разоткривањето би се направило, во смисла, ако се види - како, со кои и какви средства, мерки и решенија (системски втемелени, невтемелени, системски поврзани, делумно или недоволно поврзани, длабоко навлезени или ненавлезени во структурите на потсистемите на целокупниот општествен систем), партиите мислат да ги надминат наведените најкрупни проблеми и да создадат услови за нов квалитет во односите и процесите во општеството. Оттука, врвен јавен интерес за најголемиот дел од граѓаните на Македонија е да знаат за различните пристапи и можностите од ефектите што тие ги нудат. Впрочем, објективното информирање не подразбира само прецизно пренесување вести за фрагменти од фактите, туку и овозможување информираност на јавноста за различните опции на највалидните пристапи за решавање на најголемите општествени проблеми. Тоа треба да биде реперот врз основа на кој што граѓаните ќе споредуваат и одлучуваат која теза, концепт, програма, води најблиску до практичното оставарување на јавниот интерес. Сѐ друго се партиски манипулации за лично-партиски интереси.

Тука ја гледам најголемата демократска улога на јавните медиуми, во јавните дебати особено пред медиумите со национална концесија -  на граѓаните да им се овозможи правото да го видат сето тоа, ако навистина сакаме фер и слободни избори за кои граѓаните ќе знаат кој што нуди, зошто не го нуди тоа што определени научници го предлагаат и тврдат дека е многу подобро од тоа што партиите го предлагаат во нивните програми. Притоа, просечните грѓани, иако не се експерти во одредени области, ако се одвои доволно простор во медимите за да добро им се објаснат можностите од различните пристапи, тие бездруго, убеден сум дека ќе можат да споредат и сфатат согласно својот здрав разум, кои од понудените концепции, не само од политичките партии, туку и оние кои циркулираат меѓу компетентните научници, се најдобрите за решавање на најголемите проблеми со кои се соочува Македонија. 

Со таквиот приод кон јавниот интерес медиумите ќе ја внесат во Македонија најпосакуваната демократска парадигма на делиберативната демократија. Само така на граѓаните ќе им се отвори можност тие многу пообјективно и слободно да одлучуваат, не само на изборите., туку воопшто во демократските процеси и односи во општеството.

Трето,  премногу опасно за едно општество, како нашето, е кога многу суптилно се туркаат интелектуалците кон едната или другата страна, како вистината да е заробена само во „кафезите“ на двата политички табори во Макдонија. Така, на пример, ако ве повикаат во емисија каде е гостин некој од „едната“ страна, вие фактички, сакале или не, станувате претставник на „другата“ страна, затоа што по автоматизам нужните разлики во полемиката со соговорникот ќе ви бидат припишани, како на некој кој не е од „нивната“ страна или ги брани наводно ставовите на „другата“ страна. Тоа е сосема погрешно размислување. Со неводењето сметка и неповикувањето на луѓе, кои не држат ничија партиска страна, практично медиумите многу перфидно, свесно или несвесно ја убиваат независната интелектуална елита, која е првиот и најважен креативен фактор за развојот на секое општество. Без оглед на тоа, колку и да се, а малку се на број во Македонија таквите интелектуалци, новинарите треба да ги знаат и следат нивните научни дела, кои можат да имаат вистински, голем импакт за јавниот интерес на Македонија. Тешко на таа држава што барем во минимум нема такви луѓе, кои по многу валидни критериуми можат да се оквалификуваат како независни интелектуалци, во некоја оптимално-релативна смисла. Ова го велам, имајќи предвид дека не може да има апсолутна независност, не затоа што некој од нив некогаш бил ангажиран како професионалец од некоја партија, си го одработил чесно своето и кога видел „колку е саатот“ чесно си заминал, туку и заради многу други објективни причини во општеството заради кои, буквално никој не може да биде апсолутно независен од ништо.  Меѓу другите критериуми, за распознавањето на таквите интелектуалци, освен критериумот - дали тие се или не се во формалните партиски структури, треба да бидат и критериумите - дали имаат каква било комуникација, дури и физички контакт подолго време со влијателните личности од партиските врхушки. Ако тие критериуми се исполнети, а таквите интелектуалци подолго време изнесуваат ставови, кои се дијаметрално спротивни од ставовите на која било партија, настапувајќи од научно-објективни и партиски неутрални позиции (што не значи, нели и дека се политички неутрални, бидејќи тоа е невозможно), тогаш слободно таквите можете да ги оквалификувате како независни интелектуалци.

Исто така, многу е погрешна и опасна тезата, што се пушта во јавноста за наводно злосторство со молчење кон правдата, за интелектуалците во транзицискиот период, особено ако не се знае што сѐ подразбира таквата синтагма.

Така, на пример, не значи дека некој молчи кога  “НЕ ПЛУКА“ и не поддржува нешто на сличен начин со официјалните ставови на едната  -„вистинска страна“.  Би прашал јавно: има ли поголем злостор за јавниот интерес од молчењето и бегањето од вистинска дебата за најоптималните  системско-стратешки пристапи за решавање на нашите најголеми општествени проблеми. Во таа смисла,: како може некој да молчи, ако упорно предлага квалитативно - радикални, суштинско-системски реформи ? Дали тогаш, тој некој молчи и се согласува со тоа што се случува дека е сѐ така добро, како што тврди власта. Тој некој, тогаш, нужно критикува во неопходната мера, но, притоа НЕ МОРА ДА  ПЛУКА НА СÈ ЖИВО И ДИВО, оти, прво, различни сме сите по карактер, умствен и духовен развој, а, второ, тоа е надвор од рационалната и конструктивна критика насочена кон барањето вистински одговор за системски стабилно и долгорочно решавање на длабоката системска криза.

Инаку, наполно се согласувам и ја поддржувам оваа теза, кога се однесува на оние интелектуалци, кои биле на истурени позиции , особено во науката, како, на пример, МАНУ, универзитетските ректорати...а, молчеле заради интелектуалното проституирање со власта. Од друга страна, имам разбирање за оние интелектуалци, кои никој никогаш не ги прашувал за мислење, а требало да се „тепаат“ за да стигнат до медиумите. Исто така, имам разбирање и за четвртата категорија интелектуалци, кои немале доволно „грб“ или храброст, како некои други, па затоа морале да молчат од оправдан страв за егзистенцијата на својата фамилија, имајќи ги предвид фактите дека ниту власта, ниту опозицијата (познавајќи се сите меѓусебно во една мала држава) не се сѐ  уште спремни да не се реваншираат, на кој било начин, кога дури и од најпринципиелни причини некој макар и теоретски се обиде да ги загрози нивните лукративни, дневно-политички и лично-партиски интереси.   

Миодраг Лабовиќ

(Авторот е универзитетски професор)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Јавното здравје и економијата одат заедно и во време на пандемија, па затоа најдобриот начин да ѝ се помогне на економијата во оваа криза е ако се воведат адекватни рестрикции за пандемијата да се стави под контрола.

повеќе

Стопанската комора на Македонија со донесувањето на 4-тиот сет на мерки гледа остварување на ветеното дека Владата на РСМ и во услови на здравствено- економска криза ќе стои зад компаниите.

повеќе

Оваа парафраза на големиот Иво Андриќ, нобеловец и водечко книжевно име на Балканот, за малку ќе го погодеше лично него.

повеќе