Историска шанса или крстопат за државата

Само со мудро дејствување на двете големи коалиции кои мораат да го надминат меѓусебниот анимозитет и да ги постават државните над личните и партиските интереси, може да се зацврсти унитарноста на Македонија.

Последните парламентарни избори во Македонија претставуваат крстопат за државата поради специфичниот сооднос на добиените пратенички мандати од страна на партиите и на коалициите коишто имаат меѓусебно спротивставени политички ставови и концепции на дејствување. Неколку етноцентрични политички субјекти, поведени од ваквата констелација во Собранието на Република Македонија, а директно и јавно поттикнати од надворешни фактори, во актуелната ситуација видоа „историска шанса“ за остварување на нивните неосновани аспирации. Поради напрегнатите внатрешнополитички состојби, следниов период ќе биде одлучувачки за понатамошното устројство и за опстојувањето на државата.

Заедничката политичка платформа што ја објавија ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците, а ја дефинираа во координација со властите во Тирана и Приштина (кои бескрупулозно си дозволуваат да се мешаат во внатрешните работи на Република Македонија), претставува провокативен обид да се искористи моменталната „историска шанса“ за преуредување на државата преку воведување двојство што консеквентно ќе доведе до сепарација и до дезинтеграција. Наспроти двете големи политички коалиции предводени од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, во чиј состав се вклучени партии од сите други етнички заедници во Македонија (турската, српската, ромската, влашката итн.), ДУИ, Беса и Алијанса на Албанците се обидуваат да издејствуваат привилегии само за една етничка заедница. Притоа, најголемиот дел од нивните барања за ексклузивен третман и статус се неиздржани, неосновани и се на штета на сите други граѓани. Истовремено, со прокламираната платформа овие партии во целост ги запоставуваат индивидуалните потреби на нивните гласачи и на другите македонски граѓани, кои се исти за сите луѓе без оглед на етничката припадност.

Дејствувањето и однесувањето на овие три политички субјекти, кои поради соодносот на бројот на освоени пратенички места сметаат дека можат да поставуваат максималистички и екстремни услови при преговорите за формирање на новата влада, во последниве триесетина дена е не само дрско и провокативно, туку може да се определи како преседан и меѓународен скандал! Преку учеството на лидерите на овие партии на координативни средби свикани од премиерот на една соседна држава и од претседателот на друга соседна држава, тие всушност самите се поставуваат како да се политички сателити на странски центри или нивни филијали и експозитури, наместо да дејствуваат како автономни и автентични политички субјекти од Република Македонија. Наспроти скандалозното утврдување на политичката платформа на овие партии што беше координирано од највисоки функционери на две странски држави, претседателите на ниту една политичка партија што ги претставува другите етнички заедници во Република Македонија не си дозволуваат слична дрскост: ниту партиите на турската етничка заедница не се координираа во Анкара, ниту партиите на српската етничка заедница не се кординираа во Белград итн. Ваквиот провокативен гест на овие три политички субјекти заслужува осуда како акт на нелојалност кон сопствената држава во која уживаат многубројни бенефиции.

Повеќето нивни барања што ги декларираа во заедничката политичка платформа се набулозни, а при подлабинска анализа неизбежно се доаѓа до заклучокот дека дел од нив се во насока на деструирање на унитарноста на државата.

Воведувањето втор официјален јазик на државно ниво во која и да е земја претставува фактор на сепарација и дезинтеграција. Уставното утврдување на еден и единствен официјален (службен) јазик на државно ниво има интегративна функција, при што тој претставува „мост за разбирање“ меѓу говорителите на различни јазици (lingua franca) и овозможува полесна формално нормирана комуникација меѓу граѓаните и институциите на државата. Истоветно, како што нормирањето и стандардизирањето на еден литературен јазик овозможува полесна комуникација меѓу говорителите на различни дијалекти. И покрај тоа што во голем број држави во светот, мајчиниот јазик на значителен процент од граѓаните им е различен од официјалниот јазик, тие имаат еден и единствен официјален јазик на државно ниво, а од практични причини на локално ниво има и други официјални јазици.

 По однос на вложувањето средства од државата во која живеат и припадниците и поддржувачите на овие три политички субјекти, во албанската култура, образование и јазик, може да се истакне дека книгите од проектот за превод на 1.000 стручни и научни книги и учебници од кои се учи на врвните и највисоко рангираните универзитети во светот, освен на македонски се преведени и на албански јазик, а наспроти овој евидентен голем придонес на Република Македонија, според јавно достапните информации, ниту во Албанија, ниту во Косово, не се објавени толку стручни и научни странски книги од највисок ранг преведени на албански јазик. Книгите од авторите од Македонија кои творат на албански јазик, пак, објавени првично во оригинал во капиталниот издавачки проект 135 тома „Македонска книжевност“, потоа беа преведени и објавени во целост на англиски јазик и беа дистрибуирани во стотици национални и универзитетски библиотеки во светот, што придонесува за нивна светска афирмација, а исто така сите тие книги беа преведени и на македонски јазик. Освен ова, дела од авторите што пишуваат на албански јазик во Македонија се објавени и во антологиите коишто се преведени на француски, шпански, германски, руски, кинески и арапски јазик!

На овие три политички субјекти и на нивните надворешни ментори треба да им биде јасно дека секоја акција предизвикува реакција. Екстремната политичка платформа со која се обидуваат да ја искористат „историската шанса“ за задоволување на нивните максималистички барања (со освоени вкупно 18 пратенички места!), всушност отвора можност за зацврстување на унитарноста на државата, но само преку соодветна реакција - координирање на двете коалиции (кои освоија 100 пратенички места!) и усогласување на темелните принципи што се поврзани со уредувањето на државата. Само со мудро дејствување на двете големи коалиции коишто мораат да го надминат меѓусебниот анимозитет заради општото добро и да ги постават државните над личните и партиските интереси, може да се зацврсти унитарноста на Македонија. Заради сите нас, Република Македонија треба и понатаму да опстојува како суверена унитарна држава и просперитетно општество што на сите граѓани подеднакво ќе им овозможува сигурност, мир и висок животен стандард.

Јовица Тасевски-Етернијан

 (поет, книжевен критичар и есеист)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Помина 22 јуни во уште едно потсетување, дека пред 16 години во 4,30 часот почна битката за Арачиново во која загинаа тројца припадници на македонските полициски сили.

повеќе

И во Турција, како и во Иран и Романија народот постојано ќе го поставува истото прашање: дали средствата потрошени за глорификација на власта можеа да бидат употребени за искоренување на сиромаштијата.

повеќе

Дали Борисов ќе го негира својот претходник, поранешниот премиер, генерал Рачо Петров и ќе продолжи да инсистира на заедничка историја која официјална Бугарија упорно настојува да ни ја подметне.

повеќе