Испуштената шанса на медиумите за едукација за родовото насилство

Неразрешеноста на случајот („Јавна соба“) дури после речиси две години од неговото откривање ја активира јавноста бидејќи се руши илузијата дека надлежните работат на случајот.

Родово заснованото насилство е една од ретките форми на насилство каде што вината често се бара и во самата жртва. Односно, девојките и жените кои се најчестите жртви на ова насилство се често претставени во општествените дискурси и од страна на медиумите како делумно или целосно виновни за тоа што им се случило. Ваквото обвинување на жртви од родово засновано насилство е резултат на сексистички матрици и патријархални вредности кои оправдуваат сексуално насилство и ги гледаат жртвите со сомнеж поради нивниот род.

Скандалозното споделување на експлицитни содржини

„Јавна соба“ беше чет група со илјадници (машки) членови на енкриптираната апликација Телеграм, која прв пат се појави во 2020 и потоа повторно во 2021 година, во која се споделуваа приватни фотографии и видеа со експлицитна и порнографска содржина, профили на социјални медиуми, телефонски броеви и други лични податоци на жени и девојки од Македонија без нивна согласност.

„Јавна соба“ беше кривично дело и огромен скандал на родово засновано насилство, но не сите го перцепираа случајот како таков. Социјалните мрежи беа полни со проблематични наративи кои ги осудуваа жртвите за начинот на кој што се сликале, за тоа што имале отворени Инстаграм профили итн. Односно, многумина ги обвинуваа жртвите за тоа што се жртви а медиумското известување честопати не помогна да се отфрлат овие штетни наративи.

Во ноември, 2021 година беше објавен извештајот за медиумското известување на темите поврзани со ЛГБТИ заедницата и родово заснованото насилство. Како дел од извештајот беше изработена и студија на случај за „Јавна соба“, односно компаративна анализа на медиумското известување за овој случај во 2020 наспроти 2021 година.

Медиумски сензационализам

Во 2020 години, доминираат наративи кои имплицитно ги обвинуваат жртвите со тоа што не се користи точна терминологија која ги дефинира активностите во групата како кривични дела, ниту пак има јасни граници за тоа кој е насилникот, а кој жртвата. Наместо тоа, во 2020 голем дел од медиумските прилози се потпираат на сензационализам и капитализираат на општественото табу околу сексот и порнографијата. Односно, во нив отсуствува терминологија како „родово засновано насилство“, „сексуално вознемирување“, или фактот дека материјалите се споделени без согласност. Често дури самиот збор „жртва“ го нема во овие прилози, додека фокусот се става на скандалозноста на случајот.

Прилозите во 2020 исто така се фокусираат на малолетните жртви и детската порнографија споделена во групата, игнорирајќи ги полнолетните жртви и жртвите на кои единствено им биле злоупотребени личните податоци. Забележливо е и отсуството на гласовите на жртвите. Бидејќи во 2020 генерално не се спомнува родовата компонента на насилството и нема јасно воспоставена граница за тоа кои се насилниците, а кои жртвите, медиумите даваат моралистички и аисторични објаснувања за наводната дeвијантност кај младите генерации како причина за појавата на „Јавна соба“.

Постојат два испреплетени наративи кои ја објаснуваат оваа наводна девијантност, со тоа што генерално се става повеќе тежина на втората: (1) неконтролираното користење на социјалните мрежи меѓу младите, и (2) недостиг на семејни вредности. Наместо да се најдат системски решенија на овој сериозен вид на насилство и да се бара соодветно постапување од страна на државните институции, во многу прилози се обвинуваат родителите, односно вината е ставена во приватната сфера на семејството.

Пример кој совршено ги илустрира овие морализирачки наративи е интервјуто објавено во „Женски Магазин“ со педагогот Весна Велкова. Кога таа е прашана за препорака за тоа како „младите да се заштитат за да не завршат во некоја друга ‘јавна соба’?“, таа вели:

„Ако мене ме прашувате, треба со закон да се забранат телефоните во училиштето, иако имаме ние места каде ги оставаат. Мојата порака е до родителите. Градете јаки темели во семејството за да може ние во училиштата да подигаме спратови. Од искуството што го имам сакам само едно да им кажам на родителите. Децата бараат внимание, сѐ друго им е помалку важно.“

Еволуција на наративите во 2021 година

За разлика од 2020, во 2021 година вината за „Јавна соба“ не се бара во приватната, туку во јавната сфера и надлежните државни институции. Наративот кој имплицитно ги обвинува жртвите скоро и да не постои во 2021 година, бидејќи девојките и жените чии слики или лични податоци биле злоупотребени се правилно врамени како жртви. Иако мора да се напомене дека, освен вметнувањето на зборот „жртва“, медиумите и во 2021 година ретко користат други релевантни термини, како „родово засновано насилство“.

Оваа позитивна промена во известувањето се потпира на анонимните и јавните искази на некои од возрасните жртви на „Јавна соба“. Во 2021 година, во првиот прилог за новата „Јавна соба“ пренесен е исказот на анонимна 22-годишна девојка која стапила во контакт со редакцијата на Сител. Во истиот прилог вклучен е и цитат од експертско лице од граѓанскиот сектор, Ирена Цветковиќ, извршната директорка на Коалиција Маргини, која коректно ги идентификува жртвите на „Јавна Соба“ како жртви и ги именува активностите во Телеграм групата како кривично дело. Во 2021 година има намален број прилози кои го морализираат или сензационализираат случајот (иако и тие постојат) бидејќи во фокус се ставовите на самите жртви, активист(к)ите и граѓанскиот сектор.

Преку давање платформа на личности како Ана Колева, 28-годишна девојка од Кавадарци и жртва на „Јавна соба“ која јавно говореше за нејзиното искуство на својот Инстаграм профил, медиумите имплицитно застануваат на страната на жртвите. Во 2020 година, преку игнорирањето на родовата компонента на насислството и врамувањето на „Јавна соба“ како проблем на младите создаден заради „недостиг на семејни вредности“, медиумите суптилно префрлаат дел од вината кај самите жртви.

Но, во 2021 година, кога жртви како Ана Колева и адвокатката Марта Гусар се интервјуирани од страна на медиумите, на публиката ѝ е презентиран појасен наратив во кој насилниците се тие кои ги праќале сликите/личните податоци и сексуално вознемирувале, додека жртвите се тие кои го искусиле овој вид на сајбер насислство.

Исто така е позитивно што во 2021, освен што се осудува однесувањето на насилниците, се осудуваат и државните институции кои не постапуваат и не ги заштитуваат жртвите. Еден позитивен пример кој ги вклучува гласовите на жртвите и граѓанскиот сектор е прилогот од Република за протестот за „Јавна соба“ кој се одржа на 03 февруари со наслов „Насилството врз жените, не е личен проблем на секоја жена, туку обврска на институциите“. Преку самиот наслов, овој прилог потенцира дека овој вид на насилство е системски проблем и ја насочува вината кон неактивните државни институции, наместо да го осудува индивидуалното однесување на жените жртви:

„Над 500 граѓанки и граѓани под паролата „Јавна соба е кривично дело“, протестираа на вчерашниот марш организиран од Платформата за родова еднаквост, изразувајќи разочарување од системот и непостапувањето од страна на институциите за случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое безброј жени се жртви на родово базирано насилство.“

Важна улога во креирањето на овој наратив кој ја бара вината и одговорноста во јавната сфера игра временскиот фактор, односно фактот што „Јавна соба“ се актуализира по втор пат без ниту едно лице да сноси одговорност за сторените кривични дела. Неразрешеноста на случајот дури после една година од неговото откривање ја активира јавноста бидејќи се руши илузијата дека надлежните работат на случајот.

Мора да се напомене дека јавниот израз на револт околу случајот кој беше изразен преку граѓанските протести на 03 февруари и по повод 08 Март, герила акциите, како и прес-конференциите на Платформата за родова еднаквост насочени кон МВР и ОЈО – кои добиваат адекватно медиумско внимание – исто така придонесува кон креирањето на медиумскиот наратив кој е насочен кон државните институции, а не семејството.

Иако има огромни подобрувања во начинот на известување во 2021 година, со тоа што се избегнуваат морализирачки наративи, се дава платформа на активист(к)ите и жртвите и генерално вината се бара во јавната сфера, сепак новинар(к)ите и медиумските работни(ч)ки не обрнуваат доволно внимание на терминологијата која ја користат во дискусии за родово засновано насилство и сексуално вознемирување.

Секако дека е позитивно што медиумите имплицитно застануваат на страната на жртвите, но сметам дека е испуштена шанса да се едуцира пошироката јавност за родово заснованото насилство како системски проблем кој потекнува од сексистички и патријархални вредности. Ако во секој прилог за „Јавна соба“ се прикажуваше поширокиот контекст кој се фокусираше на родовата компонента на ова насилство и се користеа прецизни термини, како родово засновано насилство, можеа да се превенираат дел од штетните дискурси кои ги обвинуваа жртвите и ги преплавија социјалните мрежи.

Преку користење на прецизна терминологија, медиумите ќе можеа многу појасно да го врамат случајот „Јавна соба“ како симптом на системски проблем на родово засновано насилство вткаен во сите сфери на нашето општество. Преку ваквото врамување многу луѓе ќе можеа барем површно да бидат запознаени со овие тематики и да сочувствуваат не само со жртвите на „Јавна соба“, туку и со идните жртви на родово засновано насилство.

Елена Гаговска

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa.)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Земјите треба да бараат начини за градење мостови и унапредување на билатералните економски врски, а не да гледаат во минатото и да му наметнуваат на македонскиот народ поинаков идентитет или историски наратив.

повеќе

Tочната искористеност и капацитет на водните ресурси во државата e невозможно прецизно да се пресмета заради недостиг на континуирани хидролошки мерења и мониторинг на квалитетот на водите.

повеќе

Нам бизнисмените не ни требаат ниту уставни преамбули ниту некакви параграфи за да ги почитуваме Република Бугарија и нејзините граѓани. Ние некого почитуваме доколку прави профит, плаќа даноци и доколку е општествено одговорен.

повеќе