Говорот на омраза го има и после месецот на гордоста

Дали може ЛГБТ луѓето да се чувствуваат безбедно и заштитено од страна на државните органи во Македонија?

За жал, како и минатите години и оваа трета парада на гордоста помина со многу говор на омраза на социјалните мрежи. Под постовите на медиумите кои известуваа за Парадата често можеа да се видат десетици коментари за тоа како хомосексуалноста е „неприродна“, повици за насилство против ЛГБТ заедницата и понижувачки говор.

Во Скопје и во Битола се одржаа и контра паради кои се противеа токму на Скопје Прајд. Иако контра парадата во Скопје практично не може ни да се квалификува како некоја парада бидејќи не броеше повеќе од неколку десетици присутни, во Битола контра парадата имаше поголема присутност што е значаен индикатор за колку ЛГБТ заедницата сѐ уште не е прифатена од страна на многу луѓе во нашата прилично конзервативна средина.

Според Bitola News, Драгана Спасовска во име на организаторите на парадата го кажала следното на битолскиот настан:

„Целта е да го дигнеме јасно и гласно гласот против изопачените човечки вредности кои ни ги наметнуваат преку медиумите, социјалните мрежи, законодавтсвото, а со тоа и образованието, а подоцна и за образованието, за учебниците, за сексуалното образование, прашалниците…“.

Бидејќи овој настан се случил во Битола како реакција на Скопје прајд, многу е јасно што Спасовска смета дека се „изопачени вредности“. Односно, овие паради можеби се претставуваат како начин на кој што се штитат семејствата и децата, а всушност се физички манифестации на хомофобија, бифобија и трансфобија. Луѓето кои организираат вакви контра-паради зборуваат за како „семејните вредности“ се загрозени од страна на ЛГБТ заедницата и оваа „загриженост“ знае лесно да премине во говор на омраза.

Оваа „загриженост“ доведува до морална паника за како ЛГБТ заедницата го „загрозува“ традиционалното семејство, бракот, зголемува промискуитетност, го намалува наталитетот и со сето ова се уништува општеството. Овој наратив ги извртува позициите на моќ, односно ЛГБТ заедницата е прикажана како моќно малцинство кое ги наметнува своите вредности врз хетеросексуалното мнозинство – наратив кој наликува на анти-семитистички стереотипи каде евреите се тие кои „тајно“ го контролираат општеството иако како религиска и етничка група се историски опресирани, маргинализирани и дури убивани од страна на доминантното мнозинство во различни држави.

Реалноста е дека ЛГБТ заедницата не е моќно малцинство туку маргинализирана група која нема многу основни права во Македонија. Истополовите парови немаат право на брак (што ускратува други права како наследување на имоти, посетување во болница итн.), ниту пак право на формирање на свое семејство преку посвојување на деца.

Трансродовите лица се особено маргинализирани заради што немаме закон за правно признавање на родот преку кој транс луѓето би можеле да го сменат маркерот за пол и да ги усогласат своите лични документи – моментално транс луѓето се изложени на дискриминација, вознемирување и некогаш дури и насилство заради неусогласени документи.

Сѐ ова се само правните пречки со кои се соочува ЛГБТ заедницата, односно многу од нив се и социјално изолирани, отфрлени од своите семејства, мети на говор и дела на омраза, дискриминација на работно место и ред други социјални проблеми кои се резултат на квирфобија.

Анти-родовите движења

Со поголем пристап до интернет, може да се каже дека нападите врз ЛГБТ заедницата дури почесто се случуваат во дигиталните простори на социјалните мрежи од колку на физички места. Во последните неколку години, неколку Фејсбук страници и групи активно шират квирфобија преку дезинформации за сеопфатното сексуално образование (ССО), ЛГБТ заедницата и особено трансродовите луѓе. Некои од овие групи се донекаде познати на јавноста, особено здружението „Од нас за нас“ кое се претставува како „Здружение на граѓани за заштита на човекови права“ и често како група на „загрижени родители“ кои се независно организирани.

Но, во најголема мера ова здружение шири говор на омраза врз ЛГБТ заедницата, и анти-ваксерска пропаганда, како и дезинформации за ССО и граѓански организации кои се залагаат за ССО и ЛГБТ права.

 „Од нас за нас“ е дел од така нареченото „анти-родово движење“ – академски термин кој се однесува на движења низ Европа и низ светот кои се противат на концептот на род и веруваат само во „биолошки пол“. Односно, преку аргументирање дека не постојат социјално конструирани родови улоги, туку дека само постои пол кој се базира на биологија, анти-родовите движења се противат на групи на луѓе и активности кои тие ги сметаат за „неприродни“, како на пример, истополовите врски и трансродовите луѓе.

Неодамна, се појави веб страна која изгледа дека обединува различни организации кои делат одредени десничарски вредности: Коалиција за заштита на децата. „Од нас за нас“ се наоѓа на листата на организации, здруженија и страни на социјални медиуми кои се дел од оваа коалиција. На листата се наоѓаат и трансфобичната Фејсбук страна „Преземи одговорност“, политичката партија „Родина Македонија“ и „Лидија срце што чука“, организација која се противи на правото на абортус.

Оваа Коалиција несомнено шири хомо/би/трансфобија и ја демонизира ЛГБТ заедница, претставувајќи ја како опасна за децата.

На самата веб страна на Коалицијата пишува дека нејзин главен партнер е Family Watch International (FWI), американска организација која се противи на ССО, ЛГБТ права и правото на абортус. Исто така, Коалицијата е поддржана од трансфобичната скандинавска организација Gender Identity Challenge Skandinavia. Без разлика што сѐ уште не е јасно дали оваа Коалиција дирекно добива финансиски средства од овие две далеку повлијателни организации, особено FWI која постои дури од 1999 година, овие поврзаности не смеат да се игнорираат.

Реториката која ја користи Коалицијата е многу слична на таа која ја користат овие две странски организации. На пример, Коалицијата го пишува следното:

Веруваме дека секое дете заслужува безбедно и безгрижно детство. (...) За жал, тоа мирно детство почна да се нарушува со воведување на разни идеологии во образованието, од кои најзастрашувачка е (транс)родовата идеологија, којашто ја промовира идејата дека полот е променлив и мажите можат да станат жени, а жените можат да станат мажи.

Говор на омраза поради шарена клупа?

Анти-родовото движење до сега и особено оваа Коалиција креираат наратив преку кој ги плашат родителите за како нивните деца ќе бидат „индоктринирани“ во училишниот систем преку „ЛГБТ пропаганда“ и со тоа стануваат небезбедни и ја губат својата невиност. Токму овој страв од „ЛГБТ индоктринација“ во образованието може да се види во една многу апсурдна ситуација на социјалните мрежи која се случи минатата недела.

Дејан Сламков беше мета на говор на омраза поради клупа обоена во боите на виножитото во неговото родно село Стојаково. Токму Сламков беше нападнат заради оваа клупа најверојатно бидејќи тој е јавно „аут“ како геј маж, е млад активист за ЛГБТ права и го води ЛГБТ фокусираниот подкаст Save Our Children. Иако не е јасно дали токму овие движења (пр. Коалицијата) го предизвикале инцидентот со Сламков, не смееме да ги потцениме анти-родовите наративи и потенцијалните ефекти од нив.

„Стереотипите проследени со теории на заговор ја поврзаа оваа клупа со мене. Некако една шарена клупа во училиште просечниот Стојачанец одлучил да ја поврзе со ЛГБТ+ Прајд знамето. Тој „заклучок” одлучил да го сподели на неговиот Фејсбук профил за да во коментари луѓето ме прогласат за “преЦедател на лгбД заедницата” кој го спрoвел сето ова и дека „повикувам на млади да станат членови на заедницата”. Искрено, на ова не знаев дали да се смеам или да плачам,“ Сламков го објасни инцидентот за Рес публика.

„Добивав директни закани по живот и навреди од луѓе кои што ми се соселани, т.е. потекнуваме од исто мало место кај што сите со сите се знаат и тие зборови сега ме тераат да се чувствувам небезбедно кога ќе го посетувам Стојаково,“ додаде Сламков.

Сламков ги пријавил овој инцидент во полиција за говор на омраза базиран на сексуална ориентација. За жал, овој вид на говор е ретко санкциониран од страна на одговорните органи. Како што до сега ретко било реално казнето анти-родовото движење за ширење на говор на омраза, многу е веројатно дека и заканите кон Дејан Сламков ќе поминат неказнети.

Сѐ ова нѐ доведува до прашањето: дали може ЛГБТ луѓето да се чувствуваат безбедно и заштитено од страна на државните органи во Македонија?

Елена Гаговска

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa.)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во Македонија не постои никаква забрана за конверзиона терапија, а лиценцираните психолози што може да се јават како спроведувачи или наведувачи на ваква „терапија“, за жал, не сносат никакви последици.

повеќе

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе