Глобалната криза со глад е веќе тука

Постоењето на еден отпорен, одржлив и правичен систем на храна е нешто што мора да биде столб на секоја агенда која има за цел за климатско ублажување или адаптација.

Притоа, не треба да се потценуваат бариерите кои се испречуваат во создавањето на еден таков систем, особено кога станува збор за земји и региони каде што почвата е сиромашна, каде земјата има мала земјоделска вредност а другите природни ресурси, како што е водата, се ограничени или деградирани.

Цените на храната во светот достигнуваат мошне високи нивоа. Индексот на цени на храната на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации кој покрива потрошувачка кошничка со основни прехранбени производи (житарки, месо, млечни производи, растителни масла и шеќер) го достигна својот историски максимум од 159,7 во месец март, што инаку е зголемување од 141,1 кој важеше во претходниот месец.

Иако овој индекс донекаде се намали во месец април (на 158,5), сепак, актуелните случувања (не само војната која ја води Русија во Украина) се очекува и понатаму да ги креваат цените до нови високи нивоа, што ќе има катастрофални импликации во однос на гладот на глобално ниво. Пандемијата со Ковид-19 ја изнесе на виделина кревкоста и нефункционалноста на системите за снабдување со храна во светот, при што ограничувањата на движењето и нарушувања на синџирот на снабдување ги зголемуваат цените, влијаат неповолно на животот во руралните средини и ја влошуваат несигурноста кога станува збор за храната, особено за сиромашните категории.

Војната во Украина дополнително ги комплицира овие предизвици, бидејќи двете страни во конфликтот се главни извозници на храна, гориво и вештачки ѓубрива.

Дополнително, климатските промени претставуваат уште поголема закана за глобалната сигурност во снабдувањето со храна. Екстремните временски услови како што се топлотните бранови, поплавите и продолжените сушни периоди доведоа до шокови во земјоделското производство и во достапноста на храната. Како што ќе се зголемуваат температурите, овие шокови ќе стануваат сè почести и посилни. Ако глобалното затоплување го надмине прагот од 1,5 Целзиусови степени (во однос на прединдустриската температура на Земјата), тие веројатно ќе станат катастрофални шокови.

Како што покажува најновиот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени, обидот да не се достигне овој праг ќе бара итно и драстично делување. Но, ублажувањето е само дел од предизвикот. Ќе бидат потребни и големи инвестиции во адаптација за да се заштитат ранливите заедници од затоплувањето кое веќе се случува. Дури и според најоптимистичкото сценарио за ублажување се очекува глобалното затоплување да го достигне прагот од 1,5 °C за една деценија, пред да се повлече. Ова ќе доведе до поместувања на климатските зони, зголемување на нивото на морето и нарушувања на циклусот на водата, со што се зголемува фреквенцијата и интензитетот на екстремните временски услови.

Настрана од зголемувањето на економските и здравствените ризици, нарушувањата кои ќе се случат во снабдувањето со храна и вода најверојатно ќе доведат до социјални и политички пресврти и ќе поттикнуваат маѓепсан круг на сиромаштија, глад, нестабилност, па дури и конфликти, и сето тоа дополнето со нагло зголемување на миграцијата.

Постоењето на еден отпорен, одржлив и правичен систем на храна е нешто што мора да биде столб на секоја агенда која има за цел за климатско ублажување или адаптација. Притоа, не треба да се потценуваат бариерите за воспоставување на еден таков систем, особено кај земјите и регионите во кои почвата е сиромашна, земјиштето има мала вредност за земјоделски цели, другите природни ресурси, како што е водата, се ограничени или деградирани, а социо-економските услови се тешки.

Поради ниската продуктивност на тоа земјоделско земјиште, таквите средини не се во можност да поддржат одржливо производство на доволно количество на храна за да можат да ги задоволат потребите на локалното население. Всушност, додека овие маргинални средини претставуваат помалку од 25% од светската популација (околу 1,7 милијарди луѓе) тие истовремено претставуваат 70% од вкупниот број на сиромашни лица во светот.

Сиромаштијата и гладот може да ги натераат земјоделците прекумерно да ги користат кревките еколошки ресурси со цел да се обезбеди нивен краткорочен опстанок, дури и по цена на долгорочно исцрпување на нивното земјиште и осиромашување на нивните домаќинства и заедници. Оние кои живеат во пооддалечени области каде има минимална инфраструктура, мал број на алтернативни економски можности и ограничен пристап на пазарот, е особено веројатно дека ќе донесат таква одлука.

Имајќи го предвид претходно наведеното, земјите со значително маргинално земјиште се зависни од увоз на храна - во некои случаи и повеќе од 80% од нивните потреби. Но, нарушувањата предизвикани од пандемијата и војната, во комбинација со зголемувањата на цените што тие нарушувања ги поттикнаа, покажаа колку се ранливи тие земји. Како што е наведено извештајот за состојбата со храна и земјоделство на ФАО за 2021 година, во 2020 година засегнати со глад беа дополнителни 161 милион луѓе, во споредба со 2019 година. Светската програма за храна сега предупредува дека конфликтите, Ковид-19, климатската криза и зголемените трошоци доведоа 44 милиони луѓе во 38 земји во светот до работ на глад.

Со оглед на тоа што земјите вложуваат напори да обезбедат доволно храна за да ги задоволат потребите на своето население, многумина сега повторно ја оценуваат нивната зависност од храна и се стремат кон проширување на локалното производство. Но, освен ако одржливоста не биде земена предвид, напорите за подобрување на краткорочната отпорност преку скратување на синџирите на снабдување би можело да ја поткопа среднорочната и долгорочната отпорност преку дополнително исцрпување на земјоделските ресурси како што се почвата и водата.

Одржливоста не е евтина. Ефикасното производство во услови на биофизички и климатски ограничувања бара инвестиции во скапи технологии. Притоа, лошата структура на управување, ограничените изгледи за раст и големите долгови се големи предизвици за многу земји. Пандемијата наметна огромно оптоварување врз јавните буџети, а кај многу влади веќе се наѕира должничка криза, бидејќи доспеваат заемите кои биле земени за справување со пандемијата.

Не може да се очекува од сиромашните и ранливите земји без нечија помош да се справат со огромниот број на меѓусебно поврзани предизвици со кои се соочуваат - од загадување и загуба на биодиверзитетот до глад и сиромаштија. За да можеме да ја зајакнеме долгорочната безбедност на храната и на исхраната, неопходно е да гледаме подалеку од решенијата на ниво на една држава и во насока на регионални и меѓународни решенија кои ќе ги земаат предвид потребите на заедниците кои живеат во маргинални средини. Во спротивно, нема да можеме да ги избегнеме дестабилизирачките циклуси на глад, миграција и насилство.

Сета Тутунџијан

(Авторката е основач и извршен директор на Thriving Solutions, член на Високата група на експерти за проценка на потребата од Меѓународната платформа за наука за прехранбени системи и ко-водач на глобалната иницијатива Food is Never Waste.)

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе

Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. 

повеќе