Фрчкоски и Македонците од фуснота

Сите што ја подржуваат „Горна“ Македонија, мораат да имаат голема и конкретна лична причина. Зошто, инаку, дома, јавно би се подржувале максималните барања на Грција?

Воопшто не е изненадување што Фрчкоски апла го подржува прекрстување на државата во „Горна“ („Северна“...) Македонија. Меѓутоа, бидејќи во лагите секогаш се кратки нозете, на трибината на која деновиве (октомври 2013) ја објаснуваше својата мудрост, Фрчкоски самиот се издаде. Излезе смешен, иако целата негова ујдурма е трагична. Откако претходно се прпелкаше во тврдења дека идентитетот не е во прашање, кога елаборираше дека додавката „Горна“, пред Македонија, не е спорна, рече – „таа е идентитетска ознака“! Што е апсолутно точно. Тој, меѓутоа, веднаш си го гризна јазикот и бескрупулозно изманипулира – „таа е ознака на државата“! И тоа е точно ама истовремено и поготово, ознаката е – идентитетска. Штета што околу него седеа истомисленици и немаше кој да го праша: извините ама не’ збунивте - прво рековте дека е тоа идентитетска, а после дека е државна ознака. Што е точно? Првото или второто? Ќе пукнеше резил.

Ова се нови дострели на човекот. За прв пат, тој е авангарден. Долго време, тој со индигнација ги отфрлаше предлозите на Нимиц. Сега, не само што ги прифаќа, туку нуди и повеќе од него и е апсолутно на иста линија со Атина. Прецизно вели -  „Не ‘Горна’ Република Македонија, за нас е клучот ‘Горна’ Македонија тоа е ознака за (идентитетот. Упс!) државата. Тоа прави разлика, ова другото е шега“.

Неспорно е дека република не може да биде горна, северна или слично. Меѓутоа, последниот предлог на Нимиц, кој е токму таков, беше опасна стапица за Македонија. Целта беше да ја лапнеме јадицата, дека додавката не е пред Македонија, за набргу да се види дека се’ се сведува на грчката црвена линија, и на ерга омнес. Само, не веднаш, туку на рати. Арно ама, Атина не може да проголта постепено разнебитување на Македонците туку само – инстант. Со еден потег. Очигледно, и Фрчкоски не сака Грција да губи време и и помога веднаш да се прекрстиме.  

Порано, тој пропагираше друга политика. На 25 мај 2004 година, во „Дневник“ (‘За минатото“), жестоко се залагаше да се прекине медијацијата. Бараше – „унилатерално да ја смениме таблата пред нашата делегација (мисли во ООН) со ‘новото’ уставно име на Македонија“. Сметаше – „нам ни е неопходно, како на жеден вода, решавање на прашањето со нашето име на единствен и недвосмислен начин – со негово целосно признавање во меѓународната заедница“. Тогаш, Фрчкоски тврдеше дека – „нашето паметење, сета наша историја, антропологијата на идентитетот се поврзани со ИМЕТО. Не смеат да ни ги земат паметењето и самоидентификацијата“.

Уште нешто. Во колумна, во „Дневник“ (“Лисабонка 2“), на 6 ноември 2007, сосема со право, тој е одлучно и против име за меѓународна употреба. Пишува – „позицијата во ‘рамката’ на Нимиц... е поставена со барање да го смениме нашето име за меѓународна употреба... Нашата позиција за меѓународна употреба на уставното име е нападната сега и од посредникот Нимиц“! Таквите намери, тој ги смета за исто толку опасни како и Лисабонската декларација (1992), кога ни беше оспорена употребата на името Македонија. Ситуацијата ја оцени за исклучиво тешка, како и во 1992-та, и побара единство од сите политички фактори, што би овозможило и усвојување на декларација во Собранието, со која би се отфрлиле ваквите обиди!

Тезите на Фрчкоски се менуваат како годишните времиња. Мора да има сериозна причина за тоа! И пред  некое време, тој се залагаше за прекрстување на земјата и предлагаше фуснота за да објасни дека ние сме Македонци со, демек, гаранции за идентитетот, јазикот!? На сегашнава трибина, тврди – „Кај идентитетот ние мора да се држиме до Македонци за јазикот и нацијата, тука нема дилеми. Меѓутоа, има дипломатски варијанти како тоа ќе го решат, дали со фуснота македонски, па долу ќе објаснат дека овие Македонци се од Горна Македонија или различно ќе ги пишуваат на кирилица и латиница, не знам, за тоа се преговара“ (“Република“, 11 октомври 2013).

Идеите му се чиста небулоза. Замислете - ако фуснотата се скине, се исфлека и стане нечитлива... Што ако заборават да ја отпечатат (намерно или случајно)... Македонците ќе отидат курбан. Ќе се загуби евиденцијата за нив. А ако се прифати генијалната формула на Фрчкоски и некој не праша што сме, а не ја прочитал фуснотата, како ќе му објасниме дека сме – Македонци? На латиница, се разбира? А што ако некои воопшто не читаат фусноти? Што тогаш? Ќе обереме бостан, ќе бидеме непостоечки. Впрочем, зошто да не не пишуваат дека сме Македонци со арапско писмо или со кинески хиероглифи, а не само со латиница или кирилица?  

Околу гаранциите, кои сега можеби не ги спомнал, навистина може да се преговара. И тие, секако, би биле во фуснота. (Зошто да нема две? Така ќе биде потенцирано нашето постоење). Ние би инсистирале тие да траат најмалку 5, та дури и цели 10 години, што би бил уникатен случај. Никој не дава толку долги гаранции ни за тенџериња, камо ли за шпориња. А потоа, според српското – куд кои, мили мои. Ќе бараме гаранциите да важат за сите Македонци, каде и да се. Ако не го прифаќаат тоа, би можеле да се сложиме со листа од десетина земји, каде ќе се уживаат истите. Без соседните, се разбира, за да не ги нарушиме добрососедските односи. Би преговарале и за текстот на гаранцијата. Таа би можела да гласи – „секој возрасен, повисок од 150 цм., има право да се изјасни како Македонец, под услов да има два сведока дека не е провокатор“. Впрочем, така би можело да гласи и првата фуснота. Најдобро ќе биде ако гарантори бидат Грција и Бугарија, предводени од САД. Уште подобро ќе биде ако гаранцијата се завери во хашкиот суд. За (нај)сигурно.

Сето ова, ако не беше тажно, жалосно, мизерно, арогантно, одвратно, недоветно, недоквакано, недолично, недостојно, непристојно, аматерско... ќе беше гротескно.

Фрчкоски  и неговите истомисленици, кои се многу бучни ама за среќа малубројни, треба да ни објаснат – по која логика од имињата „Горна“, „Северна“... Македонија, ќе вадат придавки македонски/а/о? Во таков случај, правно и легално, граматички и семантички, политички и демократски... „наши“ придавки можат да бидат само „горномакедонски/а/о“, „северномакедонски/а/о“... – јазик, историја, култура... вино... домати... и, особено – народ! Се разбира за надворешно користење. По дома – ќе си правиме што сакаме. Ќе бидеме како зомби. (Напразно) ќе докажуваме дека не сме виртуелни. Од фуснота.

Што ли ќе правевме ако некој, некогаш не ги измислеше фуснотите?! Ќе не збришеа со еден потег. Место со два.

       Ристо Никовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Секој може да биде менаџер во „добри денови", но најчесто менаџерската работа не е за „добрите денови" туку постојан баланс помеѓу проблемите и можностите за оптимизирано управување на компанијата.

повеќе

Нека се соберат во Дојран, нека се договорат и нека нѐ известат. Сите други пак нека се спремаат за вистински избори во постпандемискиот период.

повеќе

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе