Европска економска област – гулаб на дланка

Баталете ги овие глупости со Бугарија, а Османи нека си фати патот до Брисел да земе обрасци за членство во ЕЕО и нека ги пополнат брзо.

Членството во Европската економска област (ЕЕО)  значи слободен проток на луѓе, добра, услуги и капитал во рамки на европскиот единствен пазар, вклучувајќи ја слободата на избор на престој во која било земја во оваа област. Таканаречени „четири слободи“.

Желбата за полноправно членство на Македонија во Европската Унија, во блиска иднина останува само сон. Луѓето кои ја водат државата оваа многу добро го знаат. Сите случувања поврзани со нашето членство во НАТО и ЕУ, почнувајки со Макрон, Холандија, Данска, Бугарија, изјави на високо рангирани европски службеници, добро информирани новинари... имаат само една порака: ЕУ - НЕ,  ЕЕО - ДА

Само непоправлив оптимист или човек со ограничени мисловни способности може да се надева дека во наредните десет, дваесет или триесет години Македонија ќе стане членка на ЕУ. 

Владата на Македонија има обврска веднаш да почне постапка за прием на Македонија во Европската економска област. Доколку тоа не го стори, тогаш со сигурност можеме да кажеме дека нашата држава во блиска иднина, ќе ја нема.

Спасот на Македонија лежи во итно и брзо зачленување во ЕЕО. Тоа членство ги носи сите права и обврски како и полноправното членство во ЕУ, освен неучествување во политичкиот живот на ЕУ. Со други зборови, со кратки ракави ќе останат само поединци од Македонија кои себе веќе се гледаа како добро платени бриселски службеници.

Македонија е пред тотален економски колапс. Дополнителните задолжувања на државата, ќе обезбедат богатење на бизнис-политичките елити и фрлање корка леб на социјалните категории граѓани, уште некој период. Во исто време ќе доаѓа до уништување и на така нестабилната економија во реалниот сектор, а со тоа и на целата држава. Спасот на  македонската економија и на македонската држава е во членството во ЕЕО.

Членството во ЕЕО им овозможува на сите граѓани да се движат, работат, престојуваат во која било земја на ЕУ. Членството во ЕЕО им овозможува на сите транспортни компании или  возачи да вршат услуги и да работат во која било држава на ЕУ (засега тоа е можно само преку срамната и понижувачка  постапка на добивање на бугарски пасош). Земјоделците ќе добијат отворен пристап до целиот европски пазар без ограничувања. Граѓаните ќе може да одат на привремена, стална или каква било друга работа во која било европска држава. Градежните компании ќе добијат пристап до огромен пазар. За сите придобивки од таквото членство може да се напише цела книга. Со еден збор, спас за економијата, спас за граѓаните, спас за државата.

Ставовите што ги слушаме од Пендаровски и други македонски политичари дека на Македонија не ѝ треба меѓуфаза, туку само и исклучиво полноправно членство во ЕУ, слободно може да се оценат како антидржавни.

Антидржавни, бидејќи пред нивните очи се случува очигледно сценарио на економско уништување на државата. Уништувањето е замотано во обланда на прашања за кои не се разговара (идентитет, јазик), а тие одговараат во стилот на приказните што Милошевиќ им ги раскажуваше на Србите, ако треба и корења ќе јадеме, ама за идентитетот и јазикот не преговараме.  Па ако не преговарате, нема да влезете во ЕУ. Ако не влезете во ЕУ, Македонија ќе ја нема. Не постои поголемо предавство и антидржавно однесување од уништување на сопствената држава.

На оваа размислување некои „паметни“ аналитичари ја додаваат старата македонска поговорка: што сакаш магаре да ти го .... или змија да те апне?  

Пендаровски, високи политичари и некои „паметни“ аналитичари го прескокнуваат најважниот дел, дека  пред прашањето што повеќе сакаме, магаре или змија, пред Македонија има широко отворена врата за влез во Европската Унија, со сите права и обврски, освен правото на учество во политичкиот живот, читај ЕВРОПСКА ЕКОНОМСКА ОБЛАСТ.

За влез во ЕЕО, нашите се поомразени бугарски политичари не можат да стават вето. Нема потреба да го менуваме јазикот. Нема потреба да го менуваме идентитетот. Нема потреба да ја менуваме историјата. Нема потреба да ги трпиме сите возможни понижувања и  газења врз нашето достоинство.

Граѓаните на Македонија бараат да престане ова лудило и власта да преземе мерки за брзо отпочнување на постапката за членство во ЕЕО. Додека сме таму, никој не ни пречи да се устроиме како демократска држава. Држава од која не само што нема повеќе да се иселуваат граѓаните, туку и држава во која ќе се враќаат иселените.

Кажано на народен јазик. Ајде баталете ги овие глупости со Бугарија, а Османи нека си фати патот до Брисел да земе обрасци за членство во ЕЕО и нека ги пополнат брзо.

Европа јасно и гласно ни нуди гулаб на дланка.         

Ангел Наков

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе