Колумна на Јанис Варуфакис

Ѕвездени патеки наспроти империјалистичката доктрина

Либералната империјалистичка доктрина на Америка е одговорна за ужасниот масакр во места како Виетнам, Ирак и Централна Америка. Но Америка, исто така, произведе либерална антиимперијалистичка доктрина што останува затскриена во една ТВ-серија што ја восхитува американската публика уште од 1966 година.

На 9 февруари 1967 година, неколку часа откако американските воздухопловни сили го разорија пристаништето Хајфонг и неколку виетнамски аеродроми, телевизијата Ен-би-си прикажа една политички значајна епизода од „Ѕвездени патеки“. Со наслов „Враќањето на архоните“, епизодата го означува дебито на Главната директива - врховниот закон на измислената Обединета Федерација на Планети и нејзината Ѕвездена флота, со која се забранува секакво целосходно мешање со вонземјани, вонземски цивилизации и култури. Смислена во 1966 година, додека претседателот Линдон Б. Џонсон испраќаше уште 100.000 војници во Виетнам, Главната директива претставуваше директен, иако добро камуфлиран идеолошки предизвик за она што го планираше американската влада.

Останувајќи во центарот на серијата „Ѕвездени патеки“ до ден-денес, Главната директива сега е дури уште поважна. Воените авантури секогаш опфаќаат различни одделни проблеми, што ја отежнува рационалната расправа за нивните заслуги. На пример, дали американските инвазии врз Виетнам или Авганистан беа мотивирани од добри намери, без разлика дали содржеа тоталитаризам или ги спасуваа жените од радикални исламисти? Или на тие намери тие се повикуваа за да обезбедат политичко покритие за циничните економски или стратегиски мотиви? Дали не биле во право затоа што американските сили беа поразени? Или немаше да бидат во право дури ни ако победеа?

Убавината на Главната директива е тоа што го пробива овој лавиринт на збунетост и измама: мотивите на напаѓачот, добри или лоши, ни трошка не се важни. Главната директива забранува распоредување супериорна технологија (воена или друга) со цел да се вмеша во која било заедница, кој било народ или кој било вид свесни суштества. Всушност, таа е доста драстична: персоналот на Ѕвездената флота мора да ја почитува, дури и ако ги чини живот.

Според зборовите на капетанот Џејмс Т. Кирк, „најсвечената заклетва на капетанот на еден ѕвезден брод е дека попрво ќе го даде својот живот, дури и целиот свој екипаж, наместо да ја прекрши Главната директива“. На што неговиот наследник, капетанот Жан-Лук Пикард, додава: „Главната директива не е само збир од правила; таа е филозофија... мошне правилна филозофија. Историјата повторно и повторно докажува дека кога и да се вмеша човештвото некаде... колку и да е добронамерно тоа вмешување, резултатите секогаш се катастрофални“.

Вградувањето таква филозофија во една американска мејнстрим ТВ-серија, и во екот на најголемата ескалација на Виетнамската војна, беше смел потег. Нема сомнеж дека станува збор за намерна критика на американската надворешна политика. Во епизодата „Шаблони на силата“ (1968), сценаристите на „Ѕвездени патеки“ измислуваат социјален инженер на Федерацијата, кој се обидува да ѝ помогне на една примитивна планета да се развие со всадување хуманистички став кај нејзините жители, додека во исто време се гради држава со ефикасност што може да ја изведе само еден авторитарен режим. Неговата добронамерна интервенција наскоро се разоткрива бидејќи моделите на авторитет што ги воведува раѓаат институционализиран расизам, а хуманизмот што тој се обидува да го негува е здробен од режимот што поддржува геноцид.

Писателите на „Ѕвездени патеки“ не беа наивни моралисти или изолационисти. Тие сфатија дека, како и со сите ригидни морални императиви, нивната Главна директива не може да се примени директно. Самото појавување во туѓа земја, или на друга планета, на некој начин значи мешање. Иако офицерите на Ѕвездената флота се спремни попрво да умрат отколку да ја прекршат Главната директива, во многу ситуации нивниот морален гнев ги тера да ја заобиколат или дури да ја игнорираат. Во „Приватна мала војна“ (1968) тие наидуваат на планетарна граѓанска војна, каде што една од двете фракции е снабдена со напредно оружје од главниот непријател на Федерацијата, Клингонците. Како може тие да ја почитуваат Главната директива кога конкурентската суперсила не ја почитува?

Одлучувајќи дека најдобриот начин да се почитува Главната директива во случајот е таа да се прекрши, тие се обидуваат да го изедначат бојното поле со обезбедување речиси идентично оружје за другата фракција. Резултатот е неконтролирана трка во вооружување и редок несреќен крај.

Но не сите прекршувања на Главната директива доведуваат до катастрофа. „Вкусот на Армагедон“ (1967) прикажува бизарна војна помеѓу две планети чии водачи се согласиле да ги симулираат своите битки на компјутер со цел да го запрат бескрајното уништување на инфраструктурата. Но луѓето „убиени“ во компјутерската симулација подоцна се носат во комори за егзекуција. Убеден дека е поприфатлив ризикот од враќање на реална војна отколку да се дозволи да продолжат бездушните симулиранo-реални убиства, Кирк ја прекршува Главната директива со кревање на смртните комори во воздух.

Како и да е, сценаристите во ваквите случаи од петни жили се потрудиле да покажат дека добрите последици настанале и покрај прекршувањата на Главната директива, а не поради нив. Или, поточно, верувањето, врежано во умовите и душите на персоналот на Ѕвездената флота, е дека Главната директива е добра и правилна, што овозможува понекогаш нејзините прекршувања да излезат на добро. Слично на тоа, западните војници повремено можат да прават добро во некоја далечна земја зафатена од војна токму затоа што не веруваат дека е разумно да се обидат да изградат стабилна цивилизација под цевката на туѓинско оружје.

Главната директива на „Ѕвездени патеки“ развива популарна култура за да ја истакне ирелевантноста на тоа дали наведените добри намери што се користат за оправдување на империјалистичките авантури се реални или лажни. Таа брилијантно го драматизира начинот на кој високотехнолошките инвазии контролирани од највисоките нивоа и испланирани да спасат „инфериорни“ луѓе од самите себеси може само неизбежно да доведат до застрашувачки лаги, злосторства и заташкувања од типот на оние што ги среќаваме во документите на Пентагон или на Викиликс.

Главната директива исто така е неопходен и корисен потсетник за противречностите на американското општество - особено, дека тоа ја има произведено не само либералната империјалистичка доктрина одговорна за толку многу масакри на местата како Виетнам, Ирак и Авганистан, туку и либералната антиимперијалистичка доктрина што останува затскриена во една ТВ-серија што ја восхитува американската публика подолго отколку што траел животот на повеќето Американци.

Јанис Варуфакис, поранешен министер за финансии на Грција, водач на партијата МеРА25 и професор по економија на Универзитетот во Атина

Извор: Проџект синдикет

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Одлуките донесени од поранешната власт, како што се докажа, беа лоши.

повеќе

Сѐ поочигледно е дека наместо Заев да направи чистка и да замети, граѓаните ќе го изметат него и СДСМ.

повеќе

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе