Дали е Заев свесен за сите можни последици од изборниот модел?

Никој не смее да има дилеми дека периодов пред нас е да се биде или не. Не за партиите и нивните лидери, туку за државата и народот.

Една од верзиите на приказната за златната рипка мора да се однесува на некој Македонец. Рипката рекла – да, ќе ти исполнам три желби ама на твојот комшија му следува сè  двојно. Се согласил човекот, но кога видел што се случува, третата желба му била – да ми се исече едно уво!

Како инаку да му наштети на ривалот?

Приказнава не е туку-така спомната. Се подготвува новиот изборен закон и многу идеи се на маса. Тоа е добро ама секој одговорен политичар, буричкајќи низ можните решенија мора да гледа и зад брдото. Секако, тој треба да се бори за тоа што е добро за неговата партија, ама мора да помисли дали истото може да биде штетно за македонскиот народ и неговата единствена држава. Колку и да е планот атрактивен, та дури и силно поддржан од нашите „стратегиски партнери“, мора да се води сметка за пошироките интереси. Кај нас, се разбира, ретко кој размислува така. Особено во високата политиката каде мнозинството се страшно кусогледи, а некои ни носот не можат да си го видат. Затоа и врвиме низ овие голготи.

И на лаиците за изборната регулатива ни е јасно дека кога целата држава е една изборна единица, макар во принцип, тоа е најдемократски начин прецизно да се отслика волјата на народот. Така, своја шанса ќе имаат и помалите партии. Арно ама, тоа важи само ако нема изборен праг за влез во Собранието или колкав ќе биде тој. Едно е ако квантумот гласови биде три, друго ако е пет проценти, како што е кај најголемиот број европски земји: Германија, Полска, Хрватска, Чешка, Унгарија, Србија, Словакија, Белгија... Во Турција е цели 10 проценти. Со пет проценти, помала партија кај нас нема да може да помине.

Но, каде е тука врската со приказна за златната рипка? Заев самиот кажува дека предлогот за една изборна единица е неповолен за големите партии, демек и за неговата, ама го поддржува. Знаете ли зошто? Да не мислите дека тој демонстрира некаква демократија? Не, туку затоа што ривалот ќе загуби отприлика двојно повеќе од нив. Едно уво, за две! Но, тука не е крајот на играта со изборниот модел. И Заев, и неговите, ама и другите, мораат да знаат дека изборниот модел мора да се гледа и многу пошироко. Да се запрашаат – добро, а што тој изборен модел, со една изборна единица, ќе значи за земјата во целина и, особено, за македонскиот народ? Така мора да резонира секој одговорен политичар. Никако не може да се негира фактот дека, покрај надворешните фактори кои ни ја ничкосуваат државата цели 25 години, имаме и центрифугални сили дома, од кои дел сонуваат и бескрупулозно работаат на големодржавен проект. Истите тие, повеќе внимание посветуваат на интересите на Албанија и Косово, отколку на Македонија. Такви нешта не смеат да игнорираат врвни политичари, во било кој момент. Затоа, при изборот на изборниот модел, без оглед дали се на власт или во опозиција, сите мораат да водат сметка и за тие димензии и да се прашаат – што носи законот на тој план?

Не би требало да има никакви дилеми дека идејата за една изборна единица не е на опозицијата, туку им ја шепнале нашите „пријатели“ кои, нема сомневање, ќе направат сè да ги донесат на власт. Не дај Боже да успеат. Ама, нека не се заборава: нашиот народ не е глуп иако опозицијата, не сите, го потценува. Не може никој да го пренесе жеден преку вода. Тие што ќе се обидат – ќе се удават. Никој нека не се заслепува со нереални политичките амбиции, базирани на туѓи интереси. Никој нека не се обидува да ја продава душата на народот! Многу бргу, тоа ќе им се врати како тежок бумеранг по глава на сите нив. Сите ситни и антинационални политички амбиции и калкулации како меур ќе се распрснат и сите носители заслужено ќе се најдат на ѓубриштето од историјата. Народот не заборава и не простува. Македонија не може за шест месеци ниту во НАТО, ниту во ЕУ, ако не капитулира. Невиден резил е кога некои се радуваат на неуспесите на земјата и ѝ посакуваат нови, за тие да профитираат. Успесите, се разбира, ги игнорираат. Препознавте ли некого во ова?

Заради вистинските намери со прислушувањето, зад што апсолутно стојат странски тајни служби, а домашните слуги се само пион во нивни раце, можеби никогаш нема јавно да се обелоденат носителите. Тоа се, впрочем, истите што ни се прават гувернери, ни ставаат под нос да потпишеме неуставни решенија... а кога се противиме да го сториме тоа, по полноќ ни се јавуваат по телефон да не потсетат дека во спротивно ќе не сотрат. Таквата „демократија“ не е ништо ново: некоја си Нуланд, на легално избраниот претседател на Украина, една од најголемите европски земји, по телефон му рекла дека ако употреби сила против фашистите на плоштадот во Киев, кои ја уриваа државата, а таа им делеше сендвичи – ќе му лета главата!? Е, сега, ако на една Украина, која тогаш беше блиска со Русија, така и се закануваа(т), секој сам нека замисли што сè можат да си дозволат со нас. Во чаршија веќе се чу кој е кој во оваа завера против Македонија и тоа веројатно и ќе се потврди. За среќа, сè излегува на виделина, а кај нас, нема шанса нешто да се скрие.

За да се заокружат овие размислувања, следат следните заклучоци:

1.Факт е дека во земјава има премногу политички партии од кои најголемиот дел немаат никакво влијание. Тоа е непотребен и финансиски и политички товар особено кога се знае дека земјата е соочена со невообичаени проблеми кои наметнуваат сплотеност. А, повеќе непотребни партии значи и повеќе дисхармонија што е интерес на државите кои сакаат што поскоро да нè дотолчат. Ова мора да биде водечки аргумент при одбирањето на изборниот модел.

Без подлабока анализа, начелно, слободно може да се каже дека десетина партии се нашиот оптимум. 

2. Со оглед на дереџето во кое е доведена земјата од странските „партнери“, при што нашиот придонес не треба да се потценува, иако не беше одлучувачки, неспорен факт е дека историска е потребата државата да има силна влада. Само така можеме да се соочиме со предизвиците со кои сме соочени. Поточно, само така можеме да опстанеме. Тоа, во никој случај, не може да се постигне ако земјата е една изборна единица. За истата цел, позитивна е идејата за бонус од пратеници за победничката партија (во Грција се добиваат 50). Тоа е единствен начин да се спречи – а) странците да ни прават што сакаат и б) на домашен план – пракса на непринципиелни отстапки преку блокади и уцени, од страна на малцинските коалициски партнери во власта.

*     *     *     *     *

Со горните, објективни, предизвици мораме да се соочиме бидејќи, како држава, Македонија е оставена недоречена, под знак прашање, уште со приемот во ООН, во 1993. Истото сценарио се спроведува сè до денес и затоа, при секој исчекор, мораме да биеме максимално внимателни. Откако, за живо чудо, не успеа војната, ни го сместија Охридскиот договор преку кој, сега, од внатре нè рушат. Сите сме сведоци, а Заев и неговите не живеат на Марс, па да не гледаат дека, по 2001-та, секој дневно ни се одзема по некој македонски атрибут. Дали тоа било: а) преку рамковниот; б) преку административна поделба; в) со нелегални албански знамиња на 30-метарски јарболи; г) со силеџиски споменици на УЧК и ОНА, кај ќе им текне; д) со незаконско наметнување на користењето на албанскиот јазик, ѓ) со прекрстување на училишта... Полека ама сигурно, милиметар по милиметар, неповратно се освојува просторот, а некои „наши“ се прават недоветни дека, божем, не го забележуваат сето тоа. Ни дека Брисел, со некористење на придавката „македонски“ (народ, јазик...) дава целосна поддршка на таквата пракса.

Алармот веќе предолго трешти дека иднината и на народот и на државата се во прашање. Заев и братијата не можат да го игнорираат фактот дека Македонија е заложник на нечии планови и стратегии веќе 25 години. Не месец или два, туку четврт век. Признале, и биле тие свесни, или не, државата ни е оспорена од меѓународната заедница, предводена од САД. Како резултат, предолго битисуваме во крајно неподносливи услови и никој нормален не може тоа да не го гледа. Живо чудо е што оваа држава сè уште опстанува, а секој нов погрешен потег на врвната политика може да биде пресуден. Таквата ситуација го обврзува и секој граѓанин да води сметка како се однесува, камоли партиите и политичките лидери. Предолго сме на раб од длабок понор и малку фали да нè струполат во бездната. Впрочем, нашите „стратегиски партнери“ не само што тоа одвај го чекаат туку и прават сè што можат, за поскоро да нè видат на дното.

Ова, за жал, не е никаков ниту песимизам, ниту дефетизам туку гола вистина. Најнов доказ се договорот од 2 јули и протоколот од Пржино.

Следните избори, наметнати за април 2016, ќе бидат клучни. Дотогаш, по многу што, месециве кои ни престојат ќе бидат крајно драматични. Целта на светскиот џандар е Груевски да се сруши по секоја цена. Доста (му) беше. Скоро 10 години ги прави мајмуни и не им дозволува да не разнебитат како народ и нив им пукна филмот. А, намерите им се крајно „пријателски“! Сакаат да нè „промовираат“ во „политичка нација“ – „Славоалбанци“ - со што, еднаш за секогаш: а) ќе се затвори „Македонското прашање“ и б) ќе се донесе траен мир на Балканот. Јаболкото на раздорите ќе се уништи. Македонците, де. Шанси да успеат немаат ама, помогнати од внатре, ќе ни нанесат огромни штети и ќе го доведат во прашање мирот во регионот.

Никој не смее да има дилеми дека периодов пред нас е да се биде или не. Не за партиите и нивните лидери, туку за државата и народот. Полека ама сигурно ни ја стегаат мрежата околу вратот, ама Заев и групата „стратези“ околу него ништо не гледаат освен да ја грабнат власта со помош од надвор. Секој сам нека ја оценува ваквата политика. Таа ќе беше погубна и во случај државата да беше во нормални услови, а не во ситуација на долгорочно игнорирање на сè македонско.

Ако Вашингтон, несебично ама улаво помогнат од Брисел, сепак, успее во своите намери и ја доведе опозицијата на власт, таа ќе им биде вечен должник и ќе мора целосно да игра по нивни ноти. А, во такви ситуации, тие немаат никакви обѕири: уценуваат и наплаќаат десеткратно. Во нашиов случај, тоа неминовно ќе значи крај и за македонскиот народ, и за неговата држава. Тоа е целта на Вашингтон. Во државава, нема да остане ништо што е сврзани со македонштината.

Меѓутоа, да бидеме јасни – и да успеат, тоа нема долго да трае. Ем народот ќе си го каже своето, ем одметниците ќе си го добијат заслуженото. Цената, меѓутоа, ќе биде астрономска. Да прецизираме: и сегашниве на власт, крајно непотребно, а често и некритично, премногу го следат Вашингтон и неговиот клон - Брисел. Сепак, во клучниот проблем околу идентитетот на народот – покажаа заби. Не го свиткаа ’рбетот и за тоа заслужуваат признание.

Никој нека не заборава дека името е клучот за исчезнување на Македонците.

Ристо Никовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе