Колумна на Ведрана Рудан

Цела Југославија од синоќа е на концерт на Балашевиќ

Можеби по нас ќе дојдат некои нови клинци што прегрнати ќе го слушаат мртвиот Џоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години жив на глуви уши ни пееше за љубовта.

Фото: Роберт Атанасовски

Кока од Љубљана ми испрати форвардуша. Рече еднаш Ѓорѓе Балашевиќ: „Животот? Тоа ти е она на гробот, кога ја пишува годината на раѓање и годината на смртта. Е, онаа цртичка помеѓу нив, тоа е животот…“

Повеќето луѓе се зли. Обземени сме со страсна омраза. Омразата труе. Затоа од време на време чувствуваме потреба од себе да ја тргнеме валканата кожа, да вдишеме чист воздух, да вдахнеме љубов некому. Одвреме навреме.

Ние, граѓаните на Земјата Што Веќе Ја Нема, знаевме дека одвреме навреме ќе можеме да отидеме на место каде што за една минута, десет минути, час, два или пет, ќе станеме, ако не добри, тогаш сигурно подобри луѓе. Тоа место отсекогаш било концерт на Ѓорѓе Балашевиќ.

Сосема е сеедно дали се обидувавме да станеме подобри во Нови Сад, Пула, Љубљана, Загреб, Белград... Сите тие градови, и не само тие, беа места каде што ја баравме Добрината и го среќававме човекот што не беше како нас.

Кога живеевме во мир, тој ни пееше за љубовта. Кога живеевме во војна, тој ни пееше за љубовта. Сите наши омрази беа само наши. Сите наши пушки беа само наши. Крвта на нашите раце беше наш избор. Џоле пееше и пееше и пееше и пееше за нас. За љубовта.

Денес плачеме. Плачеме за себе, се разбира. Нашата „цртичка помеѓу“ сè уште стои до една бројка. Живи сме, ако е ова живот, и веќе два дена се капеме во љубов. Не сме, кратко не сме, но сепак не сме само обични луѓе. Цела Југославија од синоќа е на концерт на Балашевиќ.

Но… џабе ни се трудот и цвеќињата и солзите и кадифените зајаци и мандарините. Готово е. Ни се појави Џолевата „онаа цртичка помеѓу“. Никогаш повеќе нема да отидеме на концерт, ниту да пееме за Васа Ладачки, ниту да излеземе прегрнати од салата или да ја напуштаме Арена со раката во нечија рака.

Плачеме. Тоа нема долго да трае. Веќе за некој ден ќе блуеме омраза, ќе се делиме на „нас“ и „нив“. Ќе пишуваме одвратни работи на интернет, и едни со други ќе си пцуеме и род и пород. Длабоко во себе или плитко во себе ќе знаеме дека сме некои безимени, некои обични, некои небитни. Нашата цртичка сè уште не е „помеѓу“, но што кажува тоа за нас?

Живи сме, а карти за концерт никогаш повеќе нема да се продаваат. Ебена, ебена, ебена „цртичка помеѓу“. Џоле можеби се спаси. Нам што го сакавме ни нема спас. Ништо од него не научивме. Јебига! Добрината не е заразна.

Сепак, кога малку подобро ќе размислам, не е сè толку црно колку што е? Можеби по нас ќе дојдат некои нови клинци што прегрнати ќе го слушаат мртвиот Џоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години жив на глуви уши ни пееше за љубовта.

Е, мој Џоле!

Ведрана Рудан


Легенда под Главна слика

Фото: Роберт Атанасовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Формирањето на платформа за прекугранична соработка за борба против аерозагадувањето има потенцијал вистински да придонесе за намалување на загадувањето на воздухот во нашата земја.

повеќе

 Еврообврзница во услови на најголемата светска економска криза за репрограмирање на долгот и буџетска поддршка.

повеќе

Повикот на Заев за „Влада за национален спас“ само три дена откако неговиот кабинет ја доби собраниската доверба, покажува дека таа тешко би се качила над сегашните 62 пратеници.

повеќе