CANVAS/КАНВАС

Во своите изборни активности и симболи во 2006-та година, В-Д ja зема портокаловата боја како синоним на портокаловата револуција во Украина во 2004-та година.

Во повеќе наврати се спомнува ова име КАНВАС како нешто лошо и штетно. Во негативна конотација. Велат протестите се организирани од КАНВАС - демек ќе се извршело дестабилизација на државата.

Веднаш да појаснам дека на протести одам заради одлуката на Иванов за аболиција на криминалот и измамите кои ги слушавме во „бомбите" на опозицијата. Се приклучив на јавниот повик преку социјалните мрежи за протест како граѓанин. Не сум организатор и не сум запознаен со тоа дали граѓанските организации или опозицијата користат методи од КАНВАС. Сепак ме заинтересира да видам што е тоа КАНВАС на што се накострешуваат некои медиуми и лица блиски на власта.

На интернет има повеќе извори на информации, а има и документарни емисии на Јутјуб. Во основа КАНВАС е непрофитна, невладина и образовна организација која нашла начин како да ги пренесе искуствата од уривањето на режимот на Милошевиќ во 2000-та година. Како што ни е познато, Милошевиќ падна, а Србија не се распадна. Напротив, земјата сега е кандидат за членство во ЕУ иако во 1999 година беше бомбардирана од НАТО и меѓународно беше изолирана. Повеќето мислеа дека Србија нема никогаш да се крене. Слоганот за отпорот кон Милошевиќ бил Отпор!

Инаку КАНВАС е формирана во Белград и е кратенка за Центар за применета ненасилна акција и стратегии. Главниот стожер на стратегиите е силата на граѓаните за ненасилно постигнување на слобода, демократија и човечки права.

Ако е точно дека е ангажиран КАНВАС во Македонија тогаш верувам организаторот, било граѓанските организации било опозицијата, проценил дека во Македонија има режим сличен како на Милошевиќ во Србија. Бидејќи режимот на Милошевиќ успешно е совладан на ИЗБОРИ со претходни масовни долготрајни граѓански ненасилни активности, што е основата на КАНВАС, има смисол да се користат услугите на оваа организација.

Ќе потсетам дека не е невообичаено и не е нелегално да се користат надворешни искуства за различни процеси во Македонија како во владата и локалната самоуправа, така и во бизнисот и невладиниот сектор. На пример, во времето на владата на В-Д од 1998 до 2002-ра, кога министер за финансии беше сегашниот претседател на В-Д, се ангажираше британска организација со бугарската испостава и искуства за реформи во царинската администрација.

Потоа и во 2010-та година се ангажираше истата Краун Аџентс. Во 2006-та година владата ја повика Моника Маковеј, поранешна министерка за правда да помага во Македонија во процесите во правосудството при што се користеа искуствата во Романија.

Постојат бројни примери на користење на помош и експертиза од странски организации за Владата на РМ, а финансирани од меѓународни владини организации, како УСАИД или странски амбасади и тоа во медицината, одбраната, полицијата, судството или царината.

Понатаму, Владата пред некое време правеше проект за поддршка на домашните фирми да ангажираат странски експерти кои ќе им помогнат во подобрување на бизнисите. Исто така во биографијата на претседателот на партијата В-Д стои дека со помош на УСАИД, Груевски бил испратен во Србија во периодот на опозиција како помош за реформите при воведување на ДДВ во Србија.

Уште еден пример како бонус: во своите изборни активности и симболи во 2006-та година, В-Д се потпра на портокаловата боја како синоним на портокаловата револуција во Украина во 2004-та година.

Сево ова покажува дека ако е ангажиран КАНВАС или се користат методите на КАНВАС, организаторите на протестите не прават ништо незаконски или штетно на Македонија. Организаторите имаат намера да го победат режимот што владее во Македонија и користат успешни искуства да го сторат тоа во покус рок. Затоа е разбирлива реакцијата на медиумите и пропангандистите кои се на страната на власта. Тие мислат дека со КАНВАС и со разни сценарија ќе го заплашат народот за завера на Македонија. Со таквите заплашувања тие сакаат да го амортизираат незадоволството и да ги пасивизираат луѓето да не излегуваат на протести.

На крајот, независно дали е потпомогната од КАНВАС или не е, јас се придржувам на протестите и нашите напори за слободна, демократска и праведна-за-сите Македонија. Одлуката за помилување Иванов мора да ја поништи во интерес на сите, вклучително и на лицата што се помилувани бидејќи и тие го бараа истото.

Венко Глигоров

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе