Колумна

„Бомби“ за политичарите, да или не?

Кога политичарите сватија за каква моќна алатка се работи, час поскоро побрзаа да менуваат закони со кои „бомбите" нема да бидат докази.

Иако многу луѓе сметаат дека пуштањето т.н. „бомби“ е некаков македонски специјалитет, треба да се знае дека тоа е легитимна алатка во политичката борба на сите континенти и сите држави. Во Америка и во Европа благодарејќи на слични “бомби“ паѓале многу влади и многу политичари завршиле зад решетки.

Затоа, дилема нема. „Бомбите“ биле и ќе бидат легитимна алатка за разоткривање на незаконските и неморалните дејства на секој политичар или државен функционер. Секој политичар и државен функционер е јавна личност кој се определил да му служи на народот. Народот на овие луѓе им дава доверие и им го префрла суверинитетот за да раководат со државата преку сите столбови на власта. Тоа ги прави овие луѓе да имаат посебни привилегии. Но затоа и имаат посебна одговорност. Тие привилегии и таа посебна одговорност е разликата помеѓу обичниот народ и политичарите и државните функционери. Поради таа посебна одговорност, без разлика дали се работи за неовластено снимени разговори, видео материјали или документи, сите тие претставуваат легитимни докази кои треба да бидат претставени на јавноста и на органите на прогонот. Со самото објавување на вакви „бомби“ пред јавноста, прво се отвора прашањето на МОРАЛНАТА одговорност на засегнатиот политичар или државен функционер. Потоа тие треба да послужат како докази во покренување на предистражни или истражни дејства за основано сомневање на сторени кривични дела.

Секој граѓанин дури има и обврска доколку е сведок на одредено незаконско или неморално дејство на одреден политичар или државен функционер, истото по можност да го документира и да креира т.н. „бомба“.

Под терминот „бомби“ сигурно не влегува фамилијарната приватност на политичарите и државните функционери, која мора да им е загарнатирана како и на секој друг граѓанин.

Затоа, тоа што го почна Заев, а потоа го продолжија медиуми, партии и поединци, споделувајќи „бомби“ во јавноста, всушност претставува почеток на користење на демократска алатка која му виси над главата на секој што сака да се занимава со политика и да му „служи на народот“ во Македонија.

Кога политичарите сватија за каква моќна алатка се работи, час поскоро побрзаа да менуваат закони со кои „бомбите“ нема да бидат докази. Потоа со помош на „вечните и дежурни“ аналитичари почнаа пропаганда со која ја омаловажуваат оваа демократска алатка во стилот „воајеризам“, „биг брадер“, „провинциски народ“, за да стоврат илузија дека кога ќе бидат фатени на дело, за тоа е крив народот. За нивна жал, враќање назад нема. Како што милуваат некои да кажат, „еднаш стекнати права неможе да се одземат“.

Затоа драги политичари и државни функционери, водете сметка, сѐ се снима.

Ангел Наков

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Наместо да седнат заедничи и оние од власта и оние од опозицијата и да се договорат околу стратегијата за борбата со најголемата опасност, тие мудруваат и кажуваат бајки.

повеќе

За жал во овие тешки времиња некои политичари се занимаваат и со вируски патриотизам: на корона не сме се обратиле мултилингвално.

повеќе

Кога кризата со коронавирусот ќе заврши, светот повеќе нема да биде ист, концептот на неолиберализмот ќе биде редизајниран.

повеќе