Албанија: Бродот кој сите сакаат да го напуштат

Граѓани, бегалци, мигранти, веќе не ни е важно – се чини дека никој не гледа светла иднина за себе во Албанија.

Околу 300-тата година пред нашата ера, речиси 6.000 илирски борци избегале од земјата по убиството на кралот Клити од страна на Александар Македонски. Се иселиле во местото наречено Кафиристан (денешен Нуристан), местото каде што се спојуваат границите на Авганистан, Пакистан, Кина и Таџикистан. Нивниот јазик е различен од сите земји што ги опкружуваат и историчарите наоѓаат некаква врска помеѓу ова население, кое сега брои речиси 50 илјади луѓе, и Албанците (потомци на Илирите). Ова е една од ретките историски врски што ги поврзува Албанија и Авганистан. Во последниве две децении Албанија испрати неколку воени мисии во Авганистан, како дел од нејзините обврски како членка на НАТО.

Од друга страна, Авганистан повремено е дел од сториите и вестите во албанските медиуми, и тоа секогаш кога има определен развој на настаните. Се разбира, оваа доза почна да се зголемува во периодот од 2020 година кога САД и Талибанците потпишаа мировен договор, а подоцна и со најавата за повлекување на американските војници од Авганистан. Но, сега, како што знаеме сите, работите не се одвиваа онака како што планираше авганистанската влада и, по повлекувањето на САД, Авганистан е сега под контрола на Талибанците. Во тој момент патиштата на Албанија и Авганистан некако повторно се вкрстија. Но, иронијата е во тоа што, додека Авганистанците бараат засолниште за да се спасат од режимот на Талибанците, Албанците се обидуваат да си заминат по секоја цена од својата татковина.

Албанците, како и обично дознаа од медиумите дека неколку илјади Авганистанци ќе дојдат во Албанија како политички бегалци, бидејќи нивниот живот бил загрозен од новиот режим на Талибанците. Владата молчеше за ова прашање и дискусијата се одвиваше тајно. Зголемената загриженост во јавноста го примора премиерот Еди Рама да даде официјална потврда за тоа на 15 август, укажувајќи дека тоа е навистина така. Јавното мислење беше јасно поделено во две групи - оние кои мислеа дека оваа одлука на Албанија е исправна како сојузник во НАТО и на САД, и оние кои на ова гледаа како на опасност за земјата, што е перцепција која произлезе од недоволните информации за тоа кои се тие луѓе.

Премиерот објасни дека политичките бегалци биле соработници на Соединетите Американски Држави кои помогнале во текот на 20-те години во изградбата на нова држава, и дека се луѓе со профили како академици, новинари, уметници, студенти. Во серијата настапи на меѓународни и национални медиуми, премиерот кажа различни бројки на бегалци кои се очекува да дојдат во Албанија - од 2 илјади до 4 илјади. Всушност, Албанија досега беше домаќин на помалку од 644 политички бегалци од Авганистан.

Авганистанците гледаат на Албанија како земја на транзит

Одлуката на Албанија да прифати авганистански бегалци дојде по барање на Соединетите Држави. Сметајќи ги за важен сојузник што во текот на децениите придонесе да се одржи стабилноста на Балканот, но и како земја блиска до Албанија за важни прашања, веднаш беше дадена согласност на тоа барање. Албанија ќе биде транзит земја за имигранти од Авганистан додека не бидат целосно проверени и не им бидат дадени американски пасоши.

Албанската влада на 25 август формираше посебна група за задачи. Во неа учествуваат 7 министерства кои ќе функционираат како посебна привремена структура која ќе управува со протокот на барања за меѓународна заштита на авганистанските граѓани. На бегалците им е дадена привремена заштита за период од 1 година.

Само два дена подоцна, на 27 август, пристигнаа првите Авганистанци а групата се состоеше од стари лица, жени, деца и бебиња. Постепено нивниот број се зголемуваше со некои дополнителни авионски летови, но вкупниот број досега е помал од 700 луѓе. Тие се сместени во неколку туристички капацитети (хотели) во областа на Драч и Шенѓин, и се обидуваат да се привикнат на својата нова ситуација.

Премиерот Еди Рама и градоначалникот Ерион Велиај во некои од своите настапи нагласија дека Авганистанците кои пристигнале во Албанија можат да останат и подолго од рокот од 1 година, дури и да добијат постојан престој ако тие тоа го сметаат за можност. Но, без оглед на овие изјави, во некои интервјуа дадени за медиумите во Албанија, Авганистанците јасно ставија до знаење дека Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство или Европа се местата кои тие ги гледаат како крајни дестинации.

Дури и граѓаните на Бангладеш не гледаат иднина во Албанија

Локалните бизниси повеќе години се жалат дека високиот степен на иселување од државата го отежнува наоѓањето работници. Тоа се главно бизниси на кои им требаат голем број вработени (на пр. фабрики за производство на облека). Но, бидејќи овој проблем стануваше сè поочигледен од година во година, во месец март 2021 година, премиерот смисли „магично“ решение - им предложи на бизнисите да ангажираат вработени од други земји, а една од тие земји беше Бангладеш. Некои од бизнисите го прифатија овој предлог и започнаа да истражуваат преку посебни агенции.

За работниците од Бангладеш, инаку земја со 163 милиони жители и приход по глава на жител кој е помал од оној на Албанија, одењето на печалба е примамлива алтернатива. Претходно, владата направи некои измени во Законот за странци со кои беа олеснети некои од процедурите за престој или за вработување во Албанија. Пристигнувањето на странски работници се чинеше дека го отвори патот за пракса со која ќе стави крај на недостаток на работна сила. Но, одеднаш, работниците од Бангладеш ги снема од нивните работни места.

Станува збор за најмалку 50 граѓани кои полицијата не ги најде на нивното работното место по направените рутински контроли во деловните субјекти што ги вработиле. Според првичните податоци, се смета дека овие граѓани ги искористиле договорите за вработување кои ги склучиле во Албанија за да заминат во земјите на Европската Унија. Во моментов не е јасно дали ова е изолиран случај или организирана шема, но се чини дека дури и работници кои доаѓаат од земји кои се посиромашни од Албанија не гледаат иднина тука, дури и кога ќе им се понуди сигурна работа.

Албанците продолжуваат да си заминуваат

Кога светот беше погоден од пандемијата и кога повеќето земји ги затворија своите граници во обид да го контролираат вирусот, Албанците успеаја да најдат простор и да избијат на прво место кога станува збор за иселувањето. Еден извештај на Обединетите Нации потврди дека во 2020 година кај Албанците имало најголем пораст на иселувањето. Просечниот број на вакви лица во 2020 година бил над 550 на 100 илјади жители за Албанија, што е значителен тренд на зголемување во споредба со 2015 година кога овие бројки биле некаде околу 350 на 100 илјади жители.

Иселувањето постои со децении и тоа е феномен што ги засега речиси сите земји, но во Албанија овој тренд секогаш се зголемува. Светската банка пред само неколку години предупреди дека она што се претвора во проблем е „одливот на мозоци“. Според оваа институција, најмалку 40 отсто од лицата кои се иселуваат имаат високо образование. Најголем одлив во оваа група има во дејности како што се медицината и информатички технологии.

Иселувањето на работната сила која не може да најде место на домашниот пазар и понатаму продолжува. Оние кои сè повеќе ја поддржуваат идејата за заминување од Албанија се студентите. Анкетата на Центарот за економски и социјални студии заклучи дека 80% од студентите во Албанија сакаат да си заминат од државата додека 95% од младите луѓе кои заминуваат да студираат во странство не сакаат да се вратат во својата земја. Од друга страна, 60% од дипломираните студенти планираат да ја напуштат Албанија. Кога велиме студенти и дипломирани, нив веднаш ги поврзуваме со иднината. Она што си заминува од Албанија е токму нејзината иднина. Значи, може ли земја без иднина да инспирира надеж?

Зошто сите сакаат да си заминат од Албанија?

Пред само неколку дена, новата влада „Рама 3“ ја објави новата економска програма што ќе се спроведува во следните 4 години. Кога ги читате ветувањата во оваа книга на 42 страници, сфаќате дека тоа е буквално „Албанија, рај на земјата“. Она што недостасува таму е аргументот за тоа како ова ќе се оствари. Се ветува зголемување на платата на администрацијата, поправедно оданочување за вработените, даночни олеснувања за бизнисите, инфраструктурни проекти како што се пристаништа, аеродроми, патишта. Ветуваат дека ќе ја направат Албанија енергетска суперсила, а овие ветувања ги слушаме веќе дваесет години додека трошоците за живеење за Албанците постојано се зголемуваат. Тие секоја година велат дека тоа ќе го поддржуваат земјоделството, но резултат од тоа е дека Албанија увезува некои од нејзините главни производи и е подложна на промени во цените. Цените на брашното и на сите негови производи се зголемија пред само неколку дена.

Во Албанија, каде што и понатаму трае обновата од земјотресот кој се случи на 26 ноември 2019 година, а ефектите од пандемијата и понатаму се големи, како и во секоја земја во светот, ветувањата за просперитетен 4-годишен мандат треба да се земат со резерва. За да стекне доверба и за да даде надеж, Владата треба да покаже со факти и бројки како ќе го постигне овој амбициозен план во текот на својот трет мандат.

Да се сопре иселувањето

Светот имаше доволно проблеми и пред да се случи Ковид-19, но се чини дека оваа пандемија ги направи луѓето многу посвесни за важноста да има отчетност од страна на државата. Држава која ќе биде близу до вас во време на потешкотии, која ќе обезбедува за вас и ќе води сметка дека се исполнети минималните потреби на сите граѓани. Значи, она што ѝ треба на Албанија денес е реална, остварлива и програма на која ќе може да ѝ се верува, а не економска програма за актуелно „консумирање“ од страна на јавноста.

Ако имаме програма која се справува со вистинските предизвици со кои се соочува општеството, како што се подобрување на образовниот и здравствениот систем, вработување, можеби Албанија не би изгледала како брод што сите сакаат да го напуштат (дури и оние во транзит) на еден или на друг начин. Капетанот (Владата) треба да им влее доверба на луѓето дека, и покрај тешкотиите, на тој пат ќе можеме безбедно да пристигнеме до дестинацијата и, можеби, наместо да си заминуваме, Владата ќе добие подадена рака. Ако се ориентираме според компасот од изминативе 8 години, единствени кои ќе останат на овој брод ќе бидат оние кои немаат шанси да заминат.

Нертила Махо

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa.)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Сѐ поочигледно е дека наместо Заев да направи чистка и да замети, граѓаните ќе го изметат него и СДСМ.

повеќе

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе