За нападот на полицајците на паркингот пред Факултетот, што беше извршен во ноември 2008 година, на доживотна затворска во 2010 година беа осудени Ќерими и Агим Ислами. На 9 години затвор е осуден Рамадан Шаќири, како соучесник во делото, додека Алмир Дрпљани, на доживотен затвор, откако по бегството беше екстрадиран во Македонија.
Нападот врз полициските „алфи" се случи на паркингот пред Природно математичкиот факултет во Скопје во кој полицаецот Албанец Африм Арифи беше убиен, а двајца негови колеги Македонци беа ранети.
„Алфа" е еден од случаите спомнати во преговорите за влез на Алтернатива во Владата, како судски случај кој би требало да се разјасни со анализа на процесот и пресудата со учество на странски правни експерти.
Член на семејството на Ќерими преку социјалните мрежи објави за смртта: „Алах да те награди со рај, вујко мој. Неправедно 14 години ти ја одзедоа слободата, но пред Господ си чист".
Oд семејството изјавија дека не сакаат да се прави обдукција бидејќи се сомневаат во државните органи.
Од МВР за медиумите утрово беше потврдено дека починал затвореник со иницијали Р.Ќ. (52). Медиуми на албански јазик објавија дека според неофицијални информации, смртта била резултат на мозочен удар.
По веста за смртта на Ќерими, со повеќе реакции се јавија политичари и политички партии на Албанците кои оценуваат дека станува збор за политички монтиран процес и дека се осудени невини лица.