Тест: Сеат атека

Во првиот шпански кросовер под значката на Сеат гори јужњачката страст (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Сеат сака да ги именува своите модели по места во Шпанија. Таков е случајот и со новата атека, моделот што го носи името на малиот град во срцето на Пиринејскиот Полуостров и треба да ја позиционира шпанската марка на пазарот на кросоверите. Иако влегува прилично доцна во сегментот, првиот шпански СУВ (тоа се автомобилите што личат на теренци, ама не се) има голем број адути и во рака и во ракав.

 

Ако ви изгледа познато, тоа е затоа што дизајнот е под поприлично влијание на леонот, иако поробусен и погоропаден. Но не премногу, односно сосема доволно за да личи на теренец, но од оние чија природна средина е урбаната. Атеката, мора да се истакне, дизајнерски е прилично похрабра и подобра од својот братучед од Фолксваген, тигуанот, па ако не ви значи премногу марката, со шпанскиот кросовер ќе привлечете поголемо внимание отколку со поздодевниот „Германец“.

Внатрешноста е исто така речиси идентична на таа во леонот. Иако по малку еднолична, не може да се најде замерка на квалитетот и ергономичноста. Правилото „сѐ на свое место“ одлично функционира во кабината, каде што, очекувано, на предните седишта има и изобилство од простор и голем број места за оставање ситници, но сосема доволно место има и на задната клупа, што атеката ја прави солиден семеен автомобил.

Да не биде дека не сме нашле ниедна мана, очи боде регулаторот за светло во задниот дел од кабината (веднаш ќе ви текне на потенциометарот на старите шпорети), но отскокнува само поради квалитетот и изгледот на останатите копчиња.

Во атеката нема да ја почувствувате медитеранската разиграност, сѐ е германски строго и практично, но искрено не може да се најде замерка на практичноста и функционалноста на сите содржини. На „работното место“ пред возачот доминира инструмент-таблата, која е комбинација од класичен аналоген брзиномер и мерач на вртежи, меѓу кои, веќе карактеристично за сите модели на групацијата Фолксваген, се наоѓа дигитален дисплеј што по потреба прикажува дополнителни информации. Споредните команди се успешно групирани на централниот гребен, на кој доминира 8-инчниот екран на мултимедијалниот систем.

Она што најмногу му значи на возачот е „срцето“ што чука под хаубата. Сеат со атеката нуди голем број од добро познатите мотори на Фолксваген, почнувајќи од 1,0-литарскиот бензинец со 115 коњски сили, па сѐ до 2,0-литарскиот ТДИ со 190 КС. Ние ја возевме верзијата со 2,0-литарски турбодизел-мотор со 150 коњски сили, кој заедно со 1,4-литарскиот ТСИ-бензинец е можеби најдобриот компромис од она што се нуди. Погонот на сите четири тркала, заедно со извонредно лесниот начин на избирање на модусот на возење, е дополнителна причина за радост, а во таа комбинација единственото нешто што посериозно ја спречува атеката за излети надвор од асфалтот се тркалата...

Возачкото седиште во новиот кросовер на Сеат е нешто кон што треба да тежнеете. Сериозно. Иако се седи прилично високо, чувството е дека возите одлично нагоден автомобил за поспортско возење, и, благодарение на потврдата амортизација и директниот волан, секој свиок е нова авантура. Речиси и нема наведнување на шасијата при поостри свиоци, а филигрански погоденото подвозје намамува насмевки при возењето, па лесно е да се подзаборавите со брзината.

Сѐ на сѐ, иако нешто подоцна, сеат атека самоуверено „влетува“ во прилично густиот сегмент на средни кросовери, каде што со години владеат Јапонците, на кои во последно време сметките им ги матат Корејците и Европејците. Како и да е, во овој сегмент, покрај квалитетот и цената, најважен е стилот, оној авантуристичкиот, кој атека го има во изобилство. Почнувајќи од одличниот непретенциозен дизајн, технолошките придобивки од семејството Фолксваген, практичноста, односот вложено – добиено, првиот кросовер на Сеат нема да има проблем да се избори за своето место под сонцето. А она што на атеката ѝ дава нишка посебност е јужњачката страст, која „гори“ под значката на Сеат.

 

Петар Пејовиќ

Фото: Роберт Атанасовски

Не треба да паднеме во замката која не втурнува во спиралата на континуирано себепоништување.

повеќе

Инвестицијата за изградба на автопатиштата Штип-Миладиновци и Кичево-Охрид повеќе личи на наш подарок за Кинезите, отколку на вистинска инвестиција.

повеќе

На заштитата на животната средина треба да се гледа како на животно важен дел од управувањето на државата.

повеќе