Купувачите на ами баги преку интернет сајтот на Ситроен на 21 јуни ги испратиле своите нарачки. Според француската компанија, речиси 1.800 луѓе покажале интерес за специјалната серија, но само 50 добиле шанса да ја купат. Вообичаено е да се слушаат вакви приказни за ултраскапи ограничени серии на суперавтомобили, но интересно е што кросовер верзија на мал електричен автомобил е волку популарен.
Разликите меѓу ами баги и обичното ами се платнен покрив кој може да се смота наназад, и метални цевки наместо вистински врати, кои го засилуваат доживувањето на слободен простор.
Други специјални карактеристики на ами баги се оригиналната боја, пластични додатоци на браниците и околу тркалата, како и бандажите во златна боја. Автомобилот го има истиот електромотор со 8 коњски сили како оригиналот, со мала литиум-јонска батерија од 5,5 киловат часови која дава радиус на движење од 70 километри.
Ситроен ами се продава во девет држави, а до април 2022 во Европа се продадени 21.000 примероци.