Извршниот директор на Ситроен Винсен Коби моделите ги опиша како „достапна, одговорна и елегантна алтернатива на бројните хечбек и кросовер возила“.
Ц4 Х и е-Ц4 Х всушност се подолги верзии на моделите Ц4 и е-Ц4 кои беа претставени во 2020 година.
Тие го имаат истиот дизајн на предниот дел како и нивните компактни „браќа“, но имаат поостра линија на покривот, што преминува во целосно поинаква „опашка“ во стил на фастбек.
На задниот дел има ЛЕД светла, единствена врата за багажникот со интегриран спојлер и поконвенционално задно стакло.
Изгледот на кросовер е задржан, со зголемено растојание од подлогата и пластична заштита долж целата каросерија.
Со должина од 4.600 милиметри, Ц4 Х е 260 милиметри подолг од обичниот Ц4, но имаат исто меѓуоскино растојание од 2.670 милиметри.
Целосно електричниот е-Ц4 Х доаѓа со еден електромотор со 136 коњски сили и вртежен момент од 260 њутнметри, додека литиум-јонската батерија од 50 киловат часови од 400 волти е доволна за радиус од 360 километри.
Ситроен е-Ц4 Х од 0-100 км/ч забрзува за 9,5 секунди, додека максималната брзина е ограничена на 150 км/ч.
Продажбата на двата модели почнува на есен 2022 година, а цените сè уште не се познати.