Целосно новиот амарок ќе ја дели основата со форд ренџер, но ќе има различен дизајн од него, со стилски детали типични за Фолксваген.
Во најновиот цртеж амарок е прикажан со специјални теренски гуми и дополнителна опрема на покривот, што е дел од кампањата Вилдернес фондејшн Африка (ВФА) за заштита на носорозите.
Инаку, моделот во заминување се користи уште од 2011 година во истата улога за зачувување на дивите животни во Јужна Африка.
Другата скица за првпат ја прикажува внатрешноста на новиот амарок. Сличноста со моделот ренџер на Форд е очигледна, пред се во големиот централен екран и дигиталната инструмент-табла, но има разлики меѓу кои воланот на Фолксваген и редизајнираната контролна табла со големи простори за ситници.
Фолксваген е горд на теренските способности на новиот амарок. Во компанијата истакнуваат и дека новата генерација ќе има „иновации кои не се видени во овој автомобилски сегмент“, како и „значително повеќе системи за помош на возачот“.
Новиот камионет на германскиот џин го развиле тимови од Австралија и Европа. За разлика од претходникот кој се произведуваше во Хановер во Германија, новиот амарок ќе се произведува во Силвертон во Јужна Африка, а ќе продолжи да се произведува и во Аргентина.
Продажбата ќе почне во Европа од крајот на 2022, а потоа и на другите пазари. Од дебито во 2010 година Фолксваген продаде повеќе од 800.000 примероци од амарок.