Сеат Леон 1,5 ТСИ ФР

МКД тест: Новиот сеат леон – мајстор на сите занаети (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Леон, компактниот хечбек на шпански Сеат, постои од крајот на 1998 година. Уште од почетокот беше играч на Фолксваген групацијата во голф-класата, со кого отсекогаш имал голем број заеднички делови – но со малку повеќе зачин и похрабар дизајн во рецептот.

 

Годинава дојде на ред четвртата генерација на „шпанскиот голф“. Но сега, кога првпат приказната на голфот на Фолксваген изгледа како да привршува со осмата генерација, во рамките на интензивната електрификација на марката, леонот можеби ја презема штафетета на главен хечбек на групацијата.

Нема лесна задача – спротивставен е против голфот „осумка“, новиот фокус, меганот на Рено... па дури и ауди А3, БМВ серија 1 и сличните премиум хечбеци.

Неговиот посамоуверен настап се забележува уште на прв поглед – со дизајнот. Острите линии, спортскиот став, агресивниот преден дел со ЛЕД светлата со предобра графика, долниот дел на браникот, големите алуминиумски бандажи, ниската странична силуета, задниот дел, светлосната лента што ги поврзува задните светла... сè е одлично замислено и изведено. А во живо изгледа уште подобро, верувајте.

Моделот што го возевме е со 1,5-литарскиот ТСИ бензинец под хаубата со 150 коњски сили, 7-брзински ДСГ менувач и ознаката ФР. Формула рејсинг значката на Сеат, некогаш ознака за пожесток модел, сега е само ниво на опременост. Тоа значи поагресивен браник (со лажни отвори за воздух), потврда амортизација, и два лажни издуви на задниот дел (вистинскиот се крие под браникот). Но и цел куп нова технологија.

Внатрешноста е склопена минималистички. Дури екстремно минималистички. Но само на изглед. Речиси сите контроли се префрлени на главниот дисплеј на централниот гребен, а оставени се само тие кај менувачот, на мултифункционалниот волан и контролата на светлата. Најголем ќар од „растењето“ на новиот модел има задната клупа, во смисла на простор за нозете. Багажникот е подеднакво голем (или мал) како и во претходната генерација. Целата кабина е направена квалитетно, а евтина пластика има само на некои места што не се допираат со рака.

Дисплејот на централната позиција на кокпитот е прегледен, со висока резолуција и одлично решени менија, но повторно се јавува проблемот кога треба нешто да нагодите во возење – го одвлекува вниманието. Дури и со сензорите на допир за температура и јачина на звукот кои се одвоени. Сето тоа е високотехнолошко и модерно, но не баш практично.

Клучот е како скап мобилен телефон, и си има свое конкретно место на гребенот меѓу предните седишта, но не би сакале да ви падне. Одличен за чаталење во кафуле ако веќе не можете да го паркирате самиот автомобил на видно место.

Возачкото доживување е она што го издвојува новиот леон, како и кај сите досегашни генерации.

Леон е одличен автомобил, но јас лично очекував малку поразиграно возило, нешто како нијанса разводенета купра, главно поради ФР-значката. Се чувствува дека самиот автомобил може да се справи со поприлично посилен мотор, со што би се претворил во прецизен инструмент за совладување свиоци. Вака, остава простор за копнеж по некоја коњска сила повеќе. Дури и во спорт модусот на возење, во кој сè станува потврдо, понепосредно и пофокусирано.

Во време кога сите произведувачи се тркаат кој ќе исфрли што повеќе кросовери на пазарот, леонот докажува дека хечбекот сè уште е во игра. И тоа во една од главните улоги. Најголемиот адут на новиот сеат леон е што ги исполнува сите најважни барања при купување добар автомобил. Просторен е, практичен, модерен, не му фали модерна технологија, убав на око, со спортски шмек, па дури и со нишка на луксуз на моменти. Најголемиот проблем му е што не се истакнува во ништо од тоа. Освен со цената. Почнувајќи под 20 илјади евра (тестниот модел чини околу 25 илјади) во еден автомобил на купче добивате сè што ви треба, и повеќе. За тие пари можете да купите поголем или побрз автомобил, но не и подобар.

 

Петар Пејовиќ

Фото: Роберт Атанасовски

Да бидеме реални: регионот на многу начини сè уште е претежно (погрешно) разбран и (погрешно) третиран и меѓународно се нарекува „бурето барут на Европа“.

повеќе

Јане бил свесен дека деновите му се одброени и отворено говорел за тоа. Знаел дека многумина имаат причина да го ликвидираат, дека им пречи во остварувањето на нивните „повисоки цели“.

повеќе

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе