Ситроен Ц3 еркрос 1,2 пјутек 110 шајн

МКД тест: Исклучително удобен кросовер, кој ќе ве освои на прв, на втор и на десетти поглед (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Ситроен отсекогаш нудел помалку или повеќе поинакви автомобили од другите. Француската марка низ својата долга историја била предводник во технологијата, креативноста, а нејзините автомобили пред сè имаат карактер.

 

Моделот Ц3 еркрос е класичен пример за тоа. Она што е најочигледно се поставените приоритети за подновениот модел од класата на градски кросовери – покарактеристичен изглед, нова технологија и, најважното, удобноста во возењето и практичноста.

Сега Ситроен во оваа исклучително популарна класа се соочува со наплив на свежа конкуренција – од „сестринскиот“ пежо 2008 до новиот нисан џук, меѓу другите, што го принуди да го освежи Ц3 еркрос и да му даде ново „оружје“ во борбата за врвот на класата.

Дизајнот

Предниот дел е подновен за да личи на другите модели од понудата, додека остатокот е прилично ист. Но со нови детали, како интересната графика на малите странични прозорци, задниот браник со истакнатите „ербампс“, страшно добрите бандажи...

Финтата со малите кросовери е што можат да „крадат“ решенија и од моноволумените и од сериозните теренци, да личат и на едните и на другите, и тоа во повеќето случаи им успева.

Затоа Ц3 еркрос може да „носи“ и пластични обрачи на отворите за тркала, шини на покривот, и да стои повисоко во однос на „обичните“ автомобили, но и да има просторна кабина и облик на бумбарче.

Возењето

Првиот впечаток кога ќе седнете зад воланот на новиот Ц3 еркрос е сериозната удобност. Предните седишта се како фотелји, кои си ја вршат улогата во свиоците, има многу простор во целата кабина и сè е лесно достапно на своето логично место.

Возачката позиција е одлична, сѐ е нагодливо, со убав поглед на патот. Единствената забелешка е за тоа што има премногу пластика, која не баш се потрудиле да ја „разиграат“ со детали, освен отворите на вентилацијата, но сè е прегледно и лесно за користење.

Фокусот на целата инструмент-табла е новиот и поголем екран со убава графика, и преку кој, за жал, сè уште се контролира клима-уредот. Потребно е нуркање во менито, за да се дојде до климата, што знае да биде иритирачко при возење, но сега барем има копче за полесно одбирање на функцијата.

Задната клупа е доволно голема за еден возрасен човек удобно да седне зад друг, а целата задна клупа се поместува нанапред или наназад за повеќе простор за седење или во багажникот.

Моторот

Иако Ц3 еркрос не е автомобил за беснеење на семафори и за кратење свиоци, 1,2-литарскиот трицилиндерски бензинец со 110 коњски сили што под хаубата го имаше тестниот примерок сосема солидно се носи со автомобилот, без трошка напор. Одлично е тоа што вртежниот момент е сосема добар на средината на вртежите, па не треба премногу малтретирање и шалтање со менувачот за да стигнете побрзо таму каде што сте упатиле.

На повисоки вртежи звучи малку гневно, но поентата на овој автомобил не е брзината, туку комфорот. А квалитетот на возењето е одличен. Особено по нашите патишта, преполни со дупки, кои најчесто е невозможно да се избегнат. Би било претерување да се каже дека во Ц3 еркрос не се чувствуваат, но не доволно за да го нарушат комфорот.

Во свиоци знае да се навали на страна, и воланот не е баш најпрецизен, но целиот автомобил дава чувство на безбедност и предвидливост, што и се очекува од него.

Заклучок

Главното прашање е дали новиот Ц3 еркрос се искачи на врвот на класата на мали кросовери?

Ситроен Ц3 еркрос во себе пред сè го носи шмекот на модерното време, со изгледот, технологијата, деталите. Потоа е исклучително удобен и практичен, лесен за возење. И на крај, има карактер, што не може да се каже за повеќето нови автомобили. Од „фацата“, препознатливиот заден дел, ржењето на трицилиндарскиот мотор, убавите комбинации од бои и украси, Ц3 еркрос, сосема неочекувано, ви влегува под кожа.

 

Петар Пејовиќ

Фото: Роберт Атанасовски

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе