Не е тешко да се види дека новата „петка“ на Рено е поприлично инспирирана од оригиналниот дизајн, комбинирајќи ги чистите линии на оригиналот со модерни и футуристички детали, особено на предниот дел.
Директорот на дизајн на Рено Жил Видал ги употребил стилските елементи на оригиналот за потребите на модерно електрично возило, како отворот за воздух на хаубата кој сега го крие приклучокот за полнење, задните светла кои сега се и спојлери за подобра аеродинамика, а магленките сега се дневни светла.
Има и предно и задно лого кои светат, покрив покриен со текстил, како и француското знаме на ретровизорите. Рено не објави фотографии од ентериерот.
Француската компанија не соопшти ни детали за електромоторот, како моќноста или радиусот со едно полнење, но кажа дека новиот рено 5 е дизајниран како електрично возило од самиот почеток што значи дека нема да има верзија со мотор со внатрешно согорување.
„Дизајнот на рено 5 прототип е базиран на Р5, култен модел од нашето наследство“, кажа Видал. „Овој прототип едноставно зрачи модерност, возило релевантно за своето време: урбано, електрично, привлечно“.
На рено 5 треба да му се придружи модерна електрична реинкарнација на уште еден модел од историјата, рено 4. Француската компанија сака 30 отсто од продажбата да бидат целосно електрични возила до 2025, а моделите како новата „петка“ сигурно ќе имаат голема улога во тоа.