Со е-трон ГТ, Ауди „пука“ на балансирање на секојдневната употребливост со спортски перформанси, нудејќи ривал и на тесла модел С и на порше тајкан. Поставен е на премиум спортската платформа Ј1 на Фолксваген групата дизајнирана од Порше, што значи дека е-трон ГТ ја дели својата ДНК со тајканот.
Ќе се нуди во две верзии, „обична“ и екстремно спортската РС, и ќе биде еден од најмоќните сериски модели на Ауди. Сите модели имаат концепција со два електрични мотори и двобрзински пренос за да се помогнат перформансите. Ја има новата електрична архитектура на Ауди со 800 волти која овозможува уште побрзо полнење, а батеријата од 86 киловат часови овозможува радиус од 488 километри според европскиот ВЛТП стандард.
Како што открива ознаката, е-трон ГТ е дизајниран пред сè како трансконтинентален голтач на километри. Практичноста е нешто што Ауди постојано го истакнуваше на презентацијата. Компанијата тврди дека, и покрај ниската линија на покривот, во е-трон ГТ може комотно да се сместат четворица, со доволно простор за главите. Има и заден багажник од 405 литри, како и дополнителен од 85 литри на предниот дел.
Основниот ауди е-трон ГТ има комбинирана моќност од 476 коњски сили и вртежен момент од 630 њутнметри, додека РС е-трон ГТ има поголема моќност, со 598 коњски сили и вртежен момент од 830 њутнметри.
И двете верзии имаат концепција со два електромотори, по еден на секоја оска.
Батеријата на е-трон ГТ е со рамно дно, што значи дека е поставена уште пониско во автомобилот, со што е добиен центар на гравитација кој наводно е подобар од тој на суперавтомобилот ауди А8.