на денешен ден

Пред 68 години почна епопејата на децата бегалци од Егејска Македонија

На 25 март 1948 година организирано, под оружена заштита на припадници на Демократската армија на Грција, групи од по 18 и 20 деца на возраст од 2 до 14 години, беа прифатени во Албанија и во Југославија, а потоа во собирни центри во Романија, Унгарија и во Чехословачка. Несомнено, одведувањето на децата имаше хуман карактер, но зад тоа се криеја и други цели.

Само една година по завршувањето на Втората светска војна и воспоставувањето нов политички и општествен поредок во повоена Европа, во еден нејзин дел, во Грција, избувна граѓанска војна. Секако, причините не треба да се бараат исклучиво во внатрешните состојби, ами, пред сè, во политичките и во стратегиските цели на големите сили.

Во текот на 1946-1949 година во основа воените дејства се одвиваа во северниот дел на Грција, која граничи со Албанија, поранешна Југославија и со Бугарија, земји од каде што пристигнуваше целата воена и материјална помош и каде што се лекуваа ранетите припадници на Демократската армија на Грција.

Македонците од овој дел на Македонија, национално онеправдани и подложени на репресивна политика за нивна асимилација, под раководство на своите организации НОФ (Народноослободителен фронт) и АФЖ (Антифашистички фронт на жените) во граѓанската војна влегоа свесни дека низ оружената борба, во единство со левите грчки сили предводени од комунистите, ќе извојуваат рамноправен статус и национални права во рамките на демократска Грција.

Војната секојдневно земаше сè поголем замав, носеше немаштија, болести, глад, катадневна несигурност. Териториите контролирани од комунистичките сили беа постојано бомбардирани од владиното воено воздухопловство. Голема и трагична жртва стана цивилното население, а пред сè малолетните деца и старите и изнемоштени селани. Спасот за опстанок се бараше надвор. Раководството на Комунистичката партија на Грција и Привремената влада се обратија до владите на Албанија, Југославија, Бугарија, Романија, Унгарија, Чехословачка и на Полска привремено да ги прифатат и да ги згрижат децата од териториите контролирани од комунистичките сили. Во таа смисла, во почетокот на 1948 година на Младинскиот балкански конгрес во Белград беше исфрлена паролата „Спасувајте ги нашите деца“. Севкупната акција за убедување на родителите доброволно да ги дадат децата, како и организацијата за нивно собирање и одведување отаде границите, ја извршија активисти на одборите на таканаречената народна власт.

На 25 март 1948 година организирано, во придружба на овластените жени одредени како негувателки и под оружена заштита на припадници на Демократската армија на Грција, во групи од по 18 и 20 деца на возраст од 2 до 14 години, беа прифатени во Албанија и во Југославија, од каде што во текот на годината беа распоредени во собирни центри во Романија, Унгарија и во Чехословачка. Полска последна, во четири наврати, прими македонски и грчки деца.

Несомнено, одведувањето на децата имаше хуман карактер, но зад тоа се криеја и други цели.

Прво. Со заминувањето на децата родителите беа мобилизирани за извршување заднински задачи за потребите на оружената борба, како пренесување муниција и ранети, копање ровови и градење бункери.

Второ. Децата требаше да бидат идната резерва за пополнување на единиците на Демократската армија на Грција. За таа цел во втората половина на 1948 и во март 1949 година беа мобилизирани околу 2.000 деца на возраст од 14, 15 и 16 години, кои беа вратени во Грција. Единствено Полска не дозволи да бидат мобилизирани деца ниту придружен персонал.

Трето. Одведувањето на децата требаше да го подигне борбениот дух и моралот на борците свесни дека нивните деца, братчиња и сестри се безбедни...

„Едноставни, сомничави, недоверливи и плашливи... Затворени во себе и во своите бовчи. Мислеа слично и имаа нервозни, некоординирани реакции, беа слични на автомати... траеја во психичка вкочанетост, од која ги оттргнуваше само бучавата на трактор, брмчењето на авион или некоја друга појава... Кога се слушаше брмчење на авион, реакцијата на децата беше стереотипна. Ги собираа своите бовчи и, плачејќи, пискајќи и лелекајќи, се криеја под креветите. Кога забележуваа трактор, најпрвин беа вчудовидени, а потоа бегаа плачејќи. Ноќе, додека спиеја, децата беа прогонувани од халуцинации... психички беа оштетени. Фобиите, колективните халуцинации, општата недоверба, сомневањата и сличните реакции ни зборуваа дека таа група многу претрпела, била откината од рацете на смртта, била спасена, но се плаши од новото, не е сигурна во утрешниот ден, страшното минато ја наведува на уште помрачна иднина.“

Такви беа првите впечатоци, првите забелешки запишани во службените извештаи и такви се сочувани во архивските фондови на полските државни архиви.

...Македонците не се вратија во родните места. Во колективната меморија на сите Македонци поразот на Граѓанската војна ќе остане како единствен белег на речиси трајно искоренување.

Грчката држава со редица закони и подзаконски акти ги лиши Македонците од грчкото државјанство и им ги конфискува имотите. Во почетокот на осумдесеттите години го донесе и понижувачкиот закон, според кој во Грција може да се вратат само под услов ако потпишат изјава дека се „Грци по род“, а Комунистичката партија на Грција, која ги повлече во братоубиствената војна и ги одвеа во светот, наместо да застане во нивна одбрана, се откажа од нивното постоење како национално малцинство.

(Од книгата на Петре Наковски „Македонските бегалци во Полска“, издание на Државниот архив на Македонија и Главната дирекција на државните архиви на Полска, Скопје 2008)

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе