Одложено рочиштето за „Пуч“, Јанева со тимот ќе ги прегледува доказите во судот

Повторно се одложува рочиштето за случајот „Пуч“, во кој како четвртообвинет е лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Овој пат, судењето е пролонгирано до 2 март, а новитет на денешното рочиште во скопскиот Кривичен суд беше присуството на специјалната обвинителка Катица Јанева во улога на застапник на обвинението во „Пуч“.

Јанева во судот беше во присуство на јавната обвинителка Ленче Ристовска, исто така дел од Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Побара од судот предметот да биде одложен, со цел со помошниците да направат дополнителен увид во доказите. Конкретно, Јанева побара да и бидат дадени пет работни денови и посебна просторија во судот за таа со тимот од СЈО соодветно да ги анализираат доказните материјали.

Како што објасни Јанева, се работи за нова судска пракса. Судот не му дозволува на СЈО да ги земе доказите, па доаѓаат самите да ги прегледаат, иако порано им биле доставувани предметите во матичните обвинителства.

„Јавното обвинителство ги доставило доказите до судот, па логично е според новиот Закон за кривична постапка треба да бидат кај нас. Па, затоа е нашето барање да ни ги достават доказите. Но, бидејќи судот тоа не ни го дозволува ние го почитуваме судот и ќе дојдеме тука на увид“, рече Јанева.

На денешното рочиште беа присутни обвинетите од „Пуч“, првиот човек на СДСМ, Зоран Заев, ексразузнавачот Зоран Верушевски и неговата сопругата Соња Верушевска.

Како што изјави Заев, во 2015 година вистината излегла на површина, а 2016 година ќе биде година на правдата, на вистински вредности, кога ќе има економски напревар, а граѓаните ќе имаат претстава што е важно во времето што доаѓа и како ќе се димензионираат економските текови во Македонија со промената на власт која, како што вели, треба да се случи на наредните избори. За Заев е логично новото одложување на „Пуч“, поради, рече тој, материјалите од судот не се предадени на СЈО, па тие ќе мораат да дојдат да ги предледаат.

Инаку, СЈО го презеде „Пуч“ заедно со останатите предмети кои беа доставени до оваа нова институција од постоечкото Јавно обвинителство, со цел да постапува по предметите кои се поврзани и кои произлегуваат од содржината на прислушуваните материјали.  

Потоа, на 21 декември Јанева и тимот побараа одложување на главната расправа по „Пуч“, од причина што рекоа е потребно целосно да бидат запознаени со содржината на доказите што се доставени со судот, а кои не се содржани во обвинителниот предмет што првично им го доставило Јавното обвинителство.

Заев на неколку пати рече дека не го почитува и нема да се појавува во судот, бидејќи тврди е под целосна контрола на власта. Кога беше покрената истрага за „Пуч“ на Заев му беше одземен пасошот, па му го вратија, па потоа Кривичен суд одби ново такво барање што дојде од обвинителството, па првиот човек на СДСМ ја задржи патната исправа и истовремено не мора секој понеделник да се јавува пред надлежен судија во Основниот суд во Струмица.

За случајот „Пуч“ веќе нема никој притворен. Освен Заев, во судскиот процес обвинети се и Верушевски, неговата сопруга Соња, Ѓорѓи Лазаревски вработен во МВР и Бранко Палифров, функционер од Општина Струмица. Тие се обвинети за „шпионажа“ и „насилство спрема високи државни органи“. Конкретно Заев е обвинет дека на средба со премиерот Никола Груевски му се заканувал со докази против него, а со барање за техничка влада.

 

Б.Ш.

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе

Се поставува прашањето, дали треба да се жртвува слободата за сметка на жртвите кои се последица од вирусот, кој не можеме да го спречиме освен со строги санкции и мерки?

повеќе